1002 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ФЕЉТОН – Регионално обединување
13.05.2019 👁 Прочитано: 1203

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА – ТРГОВСКИ ПАРТНЕР СО НЕИСКОРИСТЕН ЕКОНОМСКИ ПОТЕНЦИЈАЛ


Сашо Деспотоски
Сашо Деспотоски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија
Кога зборуваме за Босна и Херцеговина и Република Северна Македонија зборуваме за две многу слични мултиетнички земји во овој специфичен Балкан, кои што го негуваат мултикултурализмот, мултирелигизмот и мултиетничноста, која генерално претставува склоп на различности и вредности кои воедно се и европски вредности. Регионалните односи и односите меѓу овие две земји, но и севкупните односи во регионот на Западен Балкан се наоѓаат на една нагорна линија но истовремено може и многу повеќе да се унапреди соработка во секој аспект од секојдневниот живот.

Ако Србијае наш најголем трговски партнер во регионот на Западен Балкан, a Косово е земјата со кој остваруваме најголем суфицит во трговската размена , тогаш Босна и Херцеговина е земја со која во иднина мора да се залагаме за што поголемо искористување на економскиот потенцијал. Секако дека постои солидна основа за унапредување на економската соработка, односно двете држави ги имаат главните предуслови како што се заемна доверба, препознатливи и прифатени брендови, како и отворени и пријателски пазари.

Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Босна и Херцеговина во 2018 година изнесува 162,2 милиони САД $, со раст од 2,43% споредено со 2017 година и е 25-ти трговски партнер.

При тоа остварен е извозот од 93,3 милиони САД $, со зголемување од 10,4%, додека увозното салдо изнесува 68,9 милиони САД $, со намалување од 6,7% во однос на 2017 година и остварен е суфицит од 24,46 милиони САД $, кој во однос на 2017 година е зголемен за 129,5%.

Споредувајќи го периодот од 2010 до 2018 година, во надворешно-трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, може да се забележи варијабилен трговски суфицит на македонска страна. Најголемиот суфицит е забележан во 2010 година во износ од 35,8 милиони САД$, додека пак најнискиот е евидентиран во 2011 година од само 2,97 милиони САД$. Во однос на размената, од макроекономска гледна точка можно е да се претпостави дека освен традиционалниот извоз во делот на фармацијата, металната индустрија и земјоделските култури, како и увозот од БиХ во истиве дејности освен фармацијата, нашите две држави немаат постојана цврста трговска соработка со можност за зголемување за производи кои не припаѓаат во горе наведените сектори на дејности.

Поради сето тоа државните органи треба да ги поддржуваат иницијативите на бизнис-заедницата кои можат да донесат поголем просперитет во регионот, вклучувајќи го и предлогот за воведување на авионската линија Скопје-Подгорица-Сараево, која значително ќе придонесе за унапредување на соработката помеѓу трите држави, поради што државите треба безрезервно да се заложат што побрзо таа идеја да биде спроведена .

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА – ТРГОВСКИ ПАРТНЕР СО НЕИСКОРИСТЕН

Продолжува успешното учество на македонските градежни компании во реализацијата на инфраструктурни проекти, каде истите долго време се присутни на пазарот на Босна и Херцеговина и според податоците на Државниот завод за статистика, најголем дел од градежните работи во странство во последните две години се договорени и извршени токму во оваа земја, каде е изразено високо задоволство од професионалното постапување на компаниите од страна тамошните надлежните органи. Иако во 2018 година има намалување на обемот на договорени и извршени градежни работи во Босна и Херцеговина која вредноста на договорените градежни работи е за 44 % помалку во споредба со 2017 година, таквата состојба се очекува да се подобри во наредниот период, согласно однапред договорените и прецизирани градежни активности. Конзорциумот од компаниите Гранит АД Скопје и Интеграл Инженеринг од Лакташи, оваа година потпиша договор за изградба на првата фаза на автопатот во рамки на коридорот 5Ц кој минува низ Република Српска, во вредност од 62,5 милиона евра меѓу кои и автопатот „9 јануари“ од Бања Лука до Добој како еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Република Српска.

Неопходна е и соработка преку реализирање на разни проекти за остварување на заеднички производ со повисоки вредности и заеднички настап на компании од двете земји кои имаат компатабилни техничко-технолошки капацитети за трети пазари и заедничко учество на тендери како и иницијатива за формирање на заеднички институции кои му се потребни на бизнис секторот за да се зголеми соработката. Исто така потребно е финализирање на преговорите за склучување на Договор за економска соработка меѓу двете земји , со оглед на фактот што Босна и Херцеговина е единствената земја од балканската шесторка со која Република Северна Македонија нема потпишано ваков Договор.

Eкономскиот потенцијал на Босна и Херцеговина беше презентиран и на неодамна одржаниот - „Сараево бизнис форум 2019“ кој е еден од најистакнатите и најголеми бизнис форуми во Југоисточна Европа на кој претставува меѓународна платформа за бизнис средби, размена на нови идеи, искуства и можности за соработка, за вмрежување и истражување на можностите за инвестирање во регионов се со цел зголемување на неговиот развој. На форумот беа претставени и за можностите за надминување на предизвиците со кои се соочуваат претприемачите во Југоисточна Европа, каде посебен акцент на годинешниот форум беше ставен на тема одржлив развој, интересот за соработка и инвестициите во регионот, а посебно внимание се посвети на економските потенцијали со кои располага Босна и Херцеговина.

Ваквата состојба, во услови кога нашата земја се стреми трговската размена со земјите од регионот на Западен Балкан да оди во нагорна линија, целосното и целокупното искористување на економскиот потенцијал прво помеѓу овие две земјите, а потоа и на ниво на регион е повеќе од потребно, за да економската соработка се повеќе се интензивира и развива.