ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
09.05.2019 👁 Прочитано: 2185

AКАДЕМИЈА ЗА НАСТАВНИЦИ, ЗА И ПРОТИВ


 
Наташа Јаневска
Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

          Професијата наставник ја има најодговорната улога во државата. Наставникот има клучна улога во животот на поединецот и креирањето на неговата иднина, и влијае на иднината на општеството во целост. Токму затоа, мора да образуваме квалитетен наставен кадар, посветен на својата улога, задачи и должности.

          Образованието за наставниците, во  нашата земја, е регулирано со повеќе законски акти, тргнувајќи од Законот за високото образование, Законот за основно образование, Законот за средно образование, Законот за наставници во основните и средните училишта и Законот за Академијата за наставници.

          Иницијалното образование на наставниците започнува преку реализирање на студиските програми за  стекнување знаења, вештини и компетенции за професијата наставник, регулирани со Законот за високото образование, на факултетите каде се стекнува квалификација за професијата наставник. Надградувањето и усовршувањето на вештините и компетенциите, односно стручното усовршување,  исто така е регулирано во останатите закони и го подига квалитетот на работењето на наставникот. Мислата ме води кон Академијата за наставници, институција која требаше да се формира согласно Законот за Академијата за наставници и ми се наметнува прашањето:

          Дали навистина имаме потреба од ваква институција или е само уште една од многуте институции која ќе постои само за да постои?

          Според Законот за Академијата за наставници, оваа институција се основа за ,,..прием и стручно усовршување на кандидати за учество во обуката за наставници во јавните и приватните училишта, како и издавањето, обновувањето и одземањето на лиценца за работа на наставници..”. Академијата за наставници ќе врши лиценцирање на наставниците. Со лиценцирањето се зајакнува конкурентноста кај наставниот кадар. Лиценцирањето е предвидено и во Законот за наставниците во основните и во средните училишта. Имено во членот 2, од овој закон стои дека наставникот треба да има „...лиценца за наставник, издадена од Академијата за наставници“, и да „е запишан во Регистарот на наставници со лиценца“, а во членот 4 стои, „наставата во основното, односно во средното училиште ја изведуваат лиценцирани наставници“. За упис на Академијата предвиден е приемен испит, дефиниран во членот 39 од Законот. Приемниот претставува селекцијата на кандидатите за упис во Академијата. Но, решението за селекција на кандидати за наставници, како и создавање нова институција за иницијално образование на наставници во која, селектираните кандидати, ќе ја реализираат теоретската и практичната обука за да се стекнат со „.пошироки знаења од областа на педагошките науки и современите методи на работа“ и да се оспособат „..да ја планираат и реализираат воспитно-образовна работа“,  и тоа после завршувањето на четиригодишните студии на наставничките факултети, делува малку нелогично.
         
          Ако малку се поразмисли, тоа ќе придонесе позицијата на факултетите каде се стекнува квалификација за професијата наставник да се деградира и да се јави сомнеж во компетенциите на професорскиот кадар на овие факултети. Тоа понатаму повлекува звањата кои се стекнати по завршување на студиите, да бидат се недоволни за реализација на професијата наставник, а обуката во траење од неколку месеци да стане единствен услов за добивање звање ,,наставник”. Како резултат на тоа ќе се зголеми вишокот на невработени дипломирани студенти од на факултетите каде се стекнува квалификација за професијата наставник, кои од било која причина, не успеале да се запишат на Академијата.

          Уште позагрижувачко станува, тоа што, квотите за упис во програмата за обука на Академијата,  ги одобрува Владата, земајќи го предвид вкупниот број  слободни места за наставници во основните и средните училишта врз основа на проекција за потребите од работни места по општини и јазици на кои се изведува наставата. Можеби за пофалба е изработката на проекција за потребите од работни места по општини и јазици на кои се изведува наставата врз основа на вкупниот број слободни места за наставници во основните и средните училишта, но како ќе се реши статусот на дипломирани студенти кои нема да бидат примени на Академијата.

И повторно се поставува прашањето дали е потребна  ваква институција?

Имено, размислувајќи здраворазумски селекцијата на кандидати за стекнување квалификации за вршење на професијата наставник треба да се прави уште при уписот на факултетите за наставници со предвидување на високи критериуми и полагање приемен испит, додека продлабоченото оспособување на „кандидатите“ да се направи со реформирање на студиските програми за иницијално образование на наставниците, а не со формирање посебно тело кое ќе го прави изборот по студиите.

Исто така, можеби е време, да се размислува за обновување на професорскиот кадар на наставничките факултети и примена на нови методи и техники за пренесување на знаењата до студентите.

Лиценцирањето како процес треба да го вршат  здруженија на наставници, и тоа веднаш по завршување на студиската програма за иницијално образование на наставниците, каков што е примерот на лекарската комора или комората на психолози.

Имајки го на ум фактот, дека сеуште, до денес, не е формирана Агенцијата за наставници, тоа не поттикнува да размислуваме колку е навистина неопходна ова институција. Сепак, доколку се формира, можеби најдобро би било нејзината задача да биде реализација на обуки за стручно усовршување, кои се неопходни за сите наставници, без исклучок.

AКАДЕМИЈА ЗА НАСТАВНИЦИ, ЗА И ПРОТИВ
AКАДЕМИЈА ЗА НАСТАВНИЦИ, ЗА И ПРОТИВ
AКАДЕМИЈА ЗА НАСТАВНИЦИ, ЗА И ПРОТИВ