ЕВРОПСКИТЕ МУЛТИЛАТЕРАЛНИ ИНСТИТУЦИИ СО ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС ЗА БИЗНИС СЕКТОРОТ ОД РЕГИОНОТ
➢ Актуелно (08.05.2019)
👁 Прочитано: 4330



ЕВРОПСКИТЕ МУЛТИЛАТЕРАЛНИ ИНСТИТУЦИИ СО ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС ЗА БИЗНИС СЕКТОРОТ ОД РЕГИОНОТ

Редовните т.н. Годишни средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во 2019 година се одржуваат во Сараево, БиХ. На настанот учествуваат премиери, високи претставници на финансиски институции и на бизнис секторот. Се одржуваат бројни и разновидни настани и средби.

Во текот на првиот ден, двете панел дискусии посветени на бизнис секторот во земјите од Западниот Балкан и Турција беа главен настан. На првиот панел беа презентирани наодите од Индексот на политиките за мали и средни претпријатија за земјите од овој регион. По тој повод, меѓу другите се обрати и Катарина Матернова од Директоратот на ЕУ за проширување и земјите во „соседството“, која истакна дека Рамката за инвестирање во регионот на Западен Балкан ќе се модифицира за да ги усогласи процедурите на досегашните механизми за финансирање. Крајниот резултат од таквата промена ќе биде спојувањето на дебатата за политиките и целите за кои постои стремеж да се постигнат, од една страна, и одлуките за инвестирање, од друга страна. 

Годишното истражување за Индексот на политиките за мали и средни претпријатија за земјите од Западен Балкан и Турција покажа дека најголема слабост е недостигот од соработка помеѓу владите и приватниот сектор. Други клучни слабости се носењето на важни промени во регулативата во итна постапка, отсуството од централизиран пристап кај процедурите за лиценцирање, отсуството од независни евалуатори за ефективноста на проектите што се финансиски поддржани од владите, итн.      

Вториот панел беше фокусиран на пристапот до финансиски средства. Марко Мароне, од Европскиот фонд за инвестиции и координатор на Механизмот за финансирање на развој на претпријатијата и иновации (EDIF) посочи дека двата столба на програмата, финансиските инструменти и техничката помош за градење на капацитетот на претпријатијата и понатаму ќе продолжат. Механизмот за давање гаранции и Програмата за конкурентност, како програми за споделување на ризикот со деловните банки, продолжуваат. 

Европските мултилатерални финансиски институции активно работат на изнаоѓање решенија што ќе овозможат малите и средни претпријатија полесно да дојдат до финансиски средства. Ова е многу важно за малите и средни претпријатија во услови кога, согласно кажаното на панелот, и самите банки се соочуваат со потребата од сопствена трансформација во начинот на приоѓање кон потребите на бизнис секторот од финансиски средства.

Зоран Јовановски