СЕДНИЦА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ОСИГУРУВАЊЕТО
➢ Актуелно (24.04.2019)
👁 Прочитано: 12698



СЕДНИЦА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ОСИГУРУВАЊЕТО

Управниот одбор на Здружението на осигурувањето ја одржа својата редовна седница на 24.4.2019 година, на којашто како посебна точка на дневен ред беше презентацијата на последниот редовен полугодишен економски извештај за земјите од Западен Балкан на Светска банка - WESTERN BALKANS REGULAR ECONOMIC REPORT.

Како што истакна Бојан Шимбов, економист во Канцеларијата на Светска банка во Скопје, Северна Македонија треба да стави акцент на економските реформи за да го забрза процесот на интегрирање во ЕУ и да ги стабилизира јавните финансии, бидејќи политичките изгледи се подобрени. 

Успешното решавање на спорот за името со Грција и последователното деблокирање на процесот на членство во ЕУ даваат стимул за раст и реформи. Економскиот раст се зголеми на 2,7% во 2018 година, од 0,2% во 2017 година, поттикнато од потрошувачката и нето-извозот.

Според последниот извештај на Светска банка, економскиот раст се очекува дополнително да се забрза на 2,9% во 2019 година и 3,2% во 2020 година, поттикнато од градежните активности што ќе се бараат од инвестициите и производствениот сектор, a се планира зголемување на личната потрошувачка поддржана од повисоки плати, вработување и зголемување на кредитирањето на домаќинствата. Се очекува дека сиромаштијата ќе продолжи да oпаѓа до околу 4,5% во 2019 година од 4,8% во 2018 година, следејќи го трендот утврден во 2009 година.

Според Светската банка, пониските изгледи за раст во Европа би можеле да влијаат на извозот и на тој начин на растот во Северна Македонија. -Зголемувањето на севкупните нивоа на продуктивност во економијата останува еден од најважните предизвици за локалните фирми да можат да се натпреваруваат глобално и да ги одржуваат зголемувањата на платите, - потенцира Борис Шимбов.

Во натамошниот дел од седницата, присутните претставници на осигурителните друштва се запознаа со заклучоците од одржаниот состанок со претставниците на Mинистерството за финансии во однос на подготовката на новиот Закон за осигурување и барањето за даночни олеснувања за приватно здравствено осигурување, беа дискутирани реализираните активности на постојните комисии во рамките на Здружението, а истовремено беа разгледани и актуелните состојби во осигурителниот сектор, како и идните планови и приоритети на Здружението на осигурувањето во наредниот период.

Влатко Стојановски