МЕДИУМСКА КАМПАЊА ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО
➢ Актуелно (06.03.2019)
👁 Прочитано: 1301



МЕДИУМСКА КАМПАЊА ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ОСИГУРУВАЊЕТО

Управниот одбор на Здружението на осигурувањето ја одржа својата редовна седница на 6.3.2019 година на која како посебна точка на дневен ред беше најавената медиумска кампања за осигурување во земјоделството.

Како што истакна Ленче Николовска, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на РСМ, производителите на земјоделски производи постојано се соочуваат со низа ризици кои непосредно влијаат на земјоделските приноси. Најголем дел од нив се производствените ризици кои се поврзани со временските услови, природните катастрофи, штетниците и болестите. Временските услови се значаен фактор за производството на земјоделските култури, кои, за жал, не може да бидат контролирани и претставуваат главен извор на неизвесност за земјоделците.

-Во насока за подигнување на јавната свест и едукација на земјоделците за потребата од осигурување на своите посеви и плодови, заедно со друштвата за осигурување во наредниот период ќе започне медиумска кампања за придобивките од осигурувањето, – потенцираше Николовска. 

-Разбирањето на изворот и природата на ризиците е неопходно заради развој на стратегии за управување со ризици. Тоа ќе овозможи земјоделците да ги ублажат влијанијата на ризиците кои не можат да бидат спречени, - истакна Билјана Петровиќ, претседателка на Земјоделското здружение „Современо земјоделство“.

МЕДИУМСКА КАМПАЊА ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Д-р Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, изјави дека иако се забележува пораст кај бројот на склучени договори во земјоделското осигурување, сепак се` уште е недоволен бројот на земјоделци и земјоделски стопанства кои ги осигуруваат своите посеви и треба да се работи на тоа да се изгради ефикасен систем на осигурување во земјоделството кое е се` поизложено на климатските промени.  -Светските искуства покажуваат дека развојот на земјоделското осигурување може да се постигне со долгорочна и со одржлива имплементација на форма на јавно приватно партнерство и формирање на осигурителни пулови каде што сите засегнати страни ќе го пронајдат својот интерес, за што преку Берлинскиот процес ќе биде достапно и кај земјите од Западен Балкан, - потенцира Попоски.

Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија, истакна дека Здружението и неговите членки ја поддржуваат кампањата за едукација и промовирање на осигурувањето во земјоделскиот сектор, нагласувајќи дека еден од начините за управување со ризиците е осигурувањето на земјоделските производи, со што ќе се обезбеди обештетување и заштита на приносите. Тоа ќе овозможи земјоделците да ги ублажат влијанијата на ризиците кои не можат да бидат спречени.

Во натамошниот дел од седницата, присутните претставници на осигурителните друштва дискутираа за остварените резултати во 2018 година, за начинот на организација и работа на Здружението, беа разгледани актуелните состојби и предизвици со кои се соочува  осигурителниот сектор, како и идните активности на Здружението на осигурувањето.

Влатко Стојановски