ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
11.02.2019 👁 Прочитано: 551

ОБУКА НА СТРУЧЕН И ТЕХНИЧКИ КАДАР ЗА ИНСТАЛИРАЊЕ ФОТОВОЛТАИЦИ И ТОПЛИНСКИ КОЛЕКТОРИ СО ЦЕЛ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКАТА ЕФИКАСНОСТ НА ОБЈЕКТИТЕ


Преку Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ (TRAINEE), кој е дел од Работната програма за „Безбедна, чиста и ефикасна енергија“, под повикот за „Енергетска ефикасност“ ЕЕ-2016-2017, ќе се врши обука на стручен и технички кадар за инсталирање фотоволтаици и топлински колектори со цел зголемување на енергетската ефикасност на објектите.

TRAINEE

-Активностите на Проектот се планирани во повеќе области со цел постигнување подобри резултати. Така, еден од сегментите на дејствување е во насока на натамошно подобрување на вештините на градежните работници за градење енергетски ефикасни објекти преку обука и преквалификации, со цел да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност. Во таа смисла, Проектот „ТРАИНЕЕ“ ги надградува веќе постигнатите резултати во претходните два проекта „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност 2014-2016“ и „Градење вештини за енергетска ефикасност 2012-2013“, со развој на тренинг шеми и проширување на обуките и на градежните професионалци - архитекти, инженери и техничари, - истакна Јадранка Аризанковска, виш советник при Стопанската комора на Македонија.

Градењето на капацитетите во техничките вештини ќе се реализира преку креирање  иновативни шеми за обука и стекнување  квалификации преку неформалното образование, согласно податоците дефинирани во Патоказот за развој на вештини за енергетска ефикасност, со што како потенцијални корисници би биле опфатени 2000 градежни компании, 100 провајдери на неформално образование, 4000 градежни професионалци и 9600 градежни работници, додека градењето на организациски капацитети за одржливост на проектните резултати ќе биде постигнато со етаблирање на Центарот на знаење. 

Сертифицираните обуки во рамки на Центарот на знаење ќе се развијат за сите занимања во градежниот сектор, како и за сите нивоа на квалификации, од работници до инженери, тоа се околу 10 занимања, кои би требало да ги надградат своите знаења за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, особено до делот на искористување на сончевата енергија. Се очекува, во рамките на Проектот, околу 500 професионалци и тоа 150 техничари, 80 градежни инженери, 20 проектанти на фотоволтаични системи и сончеви топлински колектори и 250 работници да поминат низ овие обуки,  истакна проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, кои се и партнери во истоимениот проект.

-Методологијата за препознавање на знаењата и вештините во претходните проекти беше спроведена на околу 1100 работници од градежниот сектор. Сега оваа методологија ќе се развие и за инженерите и архитектите. Македонија е земја лидер во регионот со спроведување на методологијата за препознавање на знаења и вештини, а нашите искуства се цитирани и на европско ниво, -  додаде проф. д-р Христина Спасевска.

-Инсталирањето на фотоволтаици и термални колектори на градби и во индустријата е многу важен сегмент со цел да се зголеми енергетската ефикасност на објектите, но притоа мора да се има   предвид дека треба да се запазат процедурите за инсталирање на истите и испораката на вишокот на енергија која треба да се врати во енергетскиот систем. Во рамките на Проектот, Здружението на енергетика при Стопанската комора на Македонија активно ќе учествува во креирањето обуки за работници и инженери за инсталирање фотоволтаици со цел да се обучи кадар кој ќе може да одговори на се` поголемиот интерес за искористување енергија создадена од обновливи извори на енергија, - изјави д-р Ристо  Јаневски, претседател на Здружението на енергетика при Стопанската комора на Македонија.

Преку Проектот ќе се организираат 35 сесии за препознавање каде ќе сe вклучат околу 200 компании и 10 образовни институции. За зголемување на видливоста ќе се направи листа на сертифицирани обуки и јавно достапен регистар на 10 провајдери на обуки, 240 сертифицирани тренери, 80 сертифицирани инженери и околу 1500 техничари и работници. За промовирање на овие активности ќе се организираат две меѓународни работилници и една меѓународна конференција.

Проектните активности ги спроведува Стопанската комора на Македонија, како координатор, во партнерство со: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните - Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и WITS INSTITUTE SL (BIM Academy) Академијата БИМ од Шпанија.

Јадранка Аризанковска

ОБУКА НА СТРУЧЕН И ТЕХНИЧКИ КАДАР ЗА ИНСТАЛИРАЊЕ ФОТОВОЛТАИЦИ И ТОПЛИНСКИ КОЛЕКТОРИ СО ЦЕЛ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКАТА ЕФИКАСНОСТ НА ОБЈЕКТИТЕ