ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
31.01.2019 👁 Прочитано: 582

Одржана седница на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија – РАЗГЛЕДАНИ АКТУЕЛНИТЕ СОСТОЈБИ И ДОГОВОРЕНИ АКТИВНОСТИТЕ ВО НАРЕДНИОТ ПЕРИОД


Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија на седницата одржана на 31.01.2019 година, дискутираше за планираните активности на Здружението и групациите како стручни форми на организирање и работење во рамки на Здружението за 2019 година, во чиј фокус ќе биде следењето на измените на законската регулатива, преземањето конкретни иницијативи и предлози за унапредување на законските прописи, промотивните активности во насока на запознавање на бизнис – заедницата и пошироката јавност за актуелните прашања и состојбите во рамки на дејноста и соработката со надлежните институции во процесот на решавање на проблемите и подобрување на состојбите во градежниот сектор.

Градежништво

Претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, на почетокот на седницата даде осврт на состојбите во градежништвото според последните статистички податоци, истакнувајќи дека минатата година беше една од најтешките години за градежништвото. Учеството на градежништвото во БДП забележа пад во сите три квартали на 2018 година. Падот на секторот градежништво во бруто – домашниот производ по постојани цени беше најизразен во првиот квартал од 2018 година наспроти првиот квартал од 2017 година, и истиот изнесуваше 19,3 %, што негативно се одрази и врз целокупната економска активност. Негативниот тренд, но со помал интензитет продолжи и во вториот и третиот квартал, при што падот во вториот квартал од 2018 година наспроти вториот квартал од 2017 година изнесуваше 2 %, додека во третиот квартал од 2018 година наспроти третиот квартал од 2017 година 2,6 %. Кумулативно за трите квартали падот на градежништвото во БДП достигна 8 %. Показател за проблемите со кои се соочува секторот е и намалениот број на издадени одобренија за градење за 19,9 % во периодот јануари – ноември 2018 година наспроти истиот период во 2017 година, како и падот на предвидената вредност на објектите во овој период за 17,2 %. Дополнително, забележан е и пад на вредноста на договорените и извршените работи во земјата, како и пад на договорените градежни работи во странство – посочи Серафимовски.

Во 2018 година во делот на капиталните расходи беа предвидени 24,144 милијарди денари (392,6  милиони евра). По ребалансот на Буџетот за 2018 година во делот на капиталните расходи беа предвидени 18,519 милијарди денари (301,12 милиони евра). Во текот на целата година беа реализирани 12,147 милијарди денари, што претставува 65,59% од предвидените капитални расходи со ребалансот на Буџетот, односно 50% од предвидените пред-ребалансирани капитални расходи – информираше Серафимовски.

На седницата повторно се посочија проблемите во однос на инертноста на процесите и бавноста на администрацијата, различното толкување на прописите од страна на административните службеници, недостатокот на квалификувана работна сила, потребата за преиспитување на критериумите за издавање на овластувањата на архитектите и инженерите, забрзување на процесот на ревизија на деталните урбанистички планови во општините во кои има мораториум на градби и креирање на законски решенија со кои ќе се надминат посочените проблеми.

Градежништво

Компаниите – членки дискутираа активностите на Здружението во наредниот период да продолжат во насока на следење на состојбите во градежниот сектор, преземање активности за унапредување на работењето и решавањето на тековните проблеми на членките, како и активно вклучување на компаниите во подготовката на прописите од интерес за градежните компании. Здружението ќе продолжи да го следи учеството на градежништвото во бруто-домашниот производ,  реализацијата на капиталните инвестиции предвидени во Буџетот на РМ, тенденциите на економските остварувања од аспект на растот на градежниот сектор, состојбите и перспективите за развој на секторот, состојбите во индустријата на градежни материјали и неметалите, надворешно-трговската размена со поодделни земји, состојбите на пазарот на трудот, конкурентноста на македонските компании и потенцијалите за настап на градежната оператива на меѓународниот пазар. Истовремено, Здружението ќе презема активности за справување со нелојалната конкуренција во дејноста и надминување на проблемите поврзани со недостатокот на стручен и квалификуван кадар.

Градежништво

Дополнително, Здружението ќе ја продолжи соработката со Институтот за стандардизација на Република Македонија и Асоцијацијата на инженери консултанти на Република Македонија (АЦЕМА) во делот на стандардизацијата и FIDIC  - моделите на договор, со цел подигнување на конкурентноста и развојот на градежните компании. За таа цел, Здружението ќе се вклучи и во имплементацијата на проектите на Стопанската комора на Македонија кои се однесуваат на градежниот сектор, со акцент на проектот TRAINEE („Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“), кој има за цел да креира услови за примена на современи технолошки алатки и програми заради поттикнување на развојот и конкурентноста на градежните компании на домашниот и меѓународниот пазар (подобрување на вештините на градежните работници во областа на енергетската ефикасност, дигитализација и имплементација на современи технологии во градежништвото – пр. БИМ алатката и друго).

М-р Нена Николовска

Одржана седница на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија – РАЗГЛЕДАНИ АКТУЕЛНИТЕ СОСТОЈБИ И ДОГОВОРЕНИ АКТИВНОСТИТЕ ВО НАРЕДНИОТ ПЕРИОД