ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА НА ГРУПАЦИЈАТА ЗА ОРУЖЈЕ И ОПРЕМА СО МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА, РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА

   

АКТУЕЛНО / 11.01.2019
👁 Прочитано: 1245


ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА НА ГРУПАЦИЈАТА ЗА ОРУЖЈЕ И ОПРЕМА СО МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА, РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА

Групацијата за оружје, опасни и експлозивни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена при Стопанската комора на Македонија на 10.01.2019 година, во Министерството за одбрана на Република Македонија, одржа работна средба со министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска и претставници на Министерството.

Шеќеринска

На работната средба се дискутираше за перспективите на компаниите од наменската индустрија и трговијата со оружје и воена опрема од аспект на зачленувањето на Република Македонија во НАТО, придобивките од евроатлантските интеграции и можностите за развој на деловна соработка во рамките на споменатата воена организација.

Членките на Групацијата истакнаа дека средбите од ваков карактер, како и континуираната соработка на Групацијата и Министерството се од особена важност за согледување на капацитетите, потенцијалите и можностите за натамошен развој на наменската индустрија во земјата, како и деловната активност поврзана со прометот на оружје и воени средства, остварување соработка во рамките на Северноатлантската алијанса и информирање во врска со стандардите и условите за учество на тендерите во рамките на Алијансата. Дополнително, компаниите дискутираа за потребата да се разгледаат можностите за унапредување на законската регулатива, особено во делот на јавните набавки, како и можноста за воведување на оф-сет програмите во набавките на опрема и вооружување во Армијата на Република Македонија.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, посочи дека евроатлантските интеграции се стратешка определба на Министерството  и дека членството во НАТО нуди многу можности и перспективи за компаниите, но од особена важност е тие да бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Дискутирајќи за тековните состојби во оваа област, таа истакна дека се работи на подготовка на планови за модернизација на Армијата, а во моментот во тек на подготовка е и посебен Закон за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, по примерот на европските земји, кои во досегашната практика не беа уредени со посебен закон, при што носител на процесот за донесување на Законот е Министерството за финансии. 

Шеќеринска

В.д. Оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија, м-р Анета Трајковска, говорејќи за развојот на капацитетите на наменската индустрија во земјата, истакна дека стратешки приоритети на Стопанската комора на Македонија се процесите за извозна диверзификација и модерна реиндустријализација како фундаментални процеси за забрзување на растот на македонската економија. Според податоците, индустриското производство во земјата е значително намалено во последните години, при што ако учеството на индустријата во БДП во 1992 година изнесувало 32%, во 2016 година истото изнесувало 15%. Во таа насока, Трајковска посочи дека е потребно преку заеднички заложби на Комората и институциите да се дејствува во насока на зголемување на учеството на индустријата, вклучувајќи ја и наменската индустрија, во креирањето на бруто домашниот производ.

На работната средба беше изразена подготвеност за соработка со бизнис заедницата и продолжување на практиката за реализирање средби од ваков карактер, со цел унапредување на состојбите и деловното опкружување на компаниите во делот на наменската индустрија и прометот со оружје и опрема, како значаен сегмент од областа на безбедноста и одбраната на земјата.

м-р Нена Николовска