ГРУПАЦИЈАТА ЗА ОРУЖЈЕ И ОПРЕМА СО БАРАЊЕ ДА СЕ ВРШИ ПОГОЛЕМА КОНТРОЛА НА ПРОМЕТОТ СО ПИРОТЕХНИЧКИ СРЕДСТВА

   

АКТУЕЛНО / 12.12.2018
👁 Прочитано: 1101


ГРУПАЦИЈАТА ЗА ОРУЖЈЕ И ОПРЕМА СО БАРАЊЕ ДА СЕ ВРШИ ПОГОЛЕМА КОНТРОЛА НА ПРОМЕТОТ СО ПИРОТЕХНИЧКИ СРЕДСТВА

Управниот одбор на Групацијата за оружје, опасни и експлозивни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена при Стопанската комора на Македонија на 12.12.2018 година одржа работна средба со директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Сашо Тасевски, на којашто се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат компаниите – членки од областа на пиротехниката и реализацијата на огнометите предизвикани од нелојална конкуренција од поединци и фирми кои нелегално работат во споменатата област.

Здруженија

Претставниците на Групацијата на средбата истакна дека постапките за увоз и експлоатација на пиротехнички средства се законски дефинирани, средствата се увезуваат со дозвола, пиротехниката се верифицира и тестира од страна на експерти од надлежните служби на Министерството за внатрешни работи, за неа се издаваат дозволи за безбедна експлоатација и истата се складира во верифицирани складишта за експлозивни средства. Дополнително, инспекциските служби вршат и периодични инспекциски контроли за проверка на легалноста и безбедноста на пиротехниката. Меѓутоа, покрај законски уредените постапки, во практиката подолг период се забележува нелегално вршење продажба на пиротехника, особено за време на новогодишните празници, посочуваат од Групацијата.

Изминатите години нелегалната продажба на пиротехнички средства се врши со особено зголемен интензитет, со што се загрозува работењето на компаниите кои легално вршат промет на овие производи.

Дискутирајќи за прашањата од интерес за Групацијата, членките посочија дека е потребно во заедничка соработка со Бирото за јавна безбедност да се изнајдат решенија за спречување на наведените негативни појави, што е од заеднички интерес на институциите и на компаниите од оваа дејност. Во таа насока, истакнаа дека е потребно и унапредување на правната рамка која ја уредува оваа материја, со оглед дека во моментот постојат одредени недоречености во прописите, како и обременети постапки за превоз и употреба на пиротехничките производи, што дополнително го отежнува легалниот промет на производите и деловното работење на компаниите.

Здруженија

Директорот на Бирото за јавна безбедност изрази подготвеност да ги слушне согледувањата и предлозите на Групацијата и во иднина да продолжи реализирањето на средби од ваков карактер, со цел Групацијата и Министерството преку заедничка соработка да дејствуваат во насока на унапредување на правната рамка и состојбите од областа на пиротехниката.

м-р Нена Николовска