ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
01.10.2018 👁 Прочитано: 775

Прес-конференција на Стопанската комора на Македонија – ОЧЕКУВАНИ ПОЗИТИВНИ ЕФЕКТИ ОД НАДМИНУВАЊЕТО НА КЛУЧНИТЕ ПРИЧИНИ ЗА ПАДОТ НА ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ПИВО


-Производството и продажбата на пиво во Република Македонија во изминатите десет години има континуиран негативен тренд, спротивно на европските тенденции каде се евидентира раст на потрошувачката на пиво, истакна в.д. извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева – Ѓуриќ, на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија (1.10.2018). Образложувајќи ги причините за ваквите состојби, таа посочи дека според анализите на домашната индустрија за пиво, главните фактори кои влијаат на намалувањето на потрошувачката на пиво на домашниот пазар цела една деценија, се:

1. воведувањето на законските ограничувања за продажба на алкохол во трговијата – забраната за продажна на сите алкохолни пијалаци по 19/21:00 часот;

2. воведувањето лиценци за продажба на алкохол - кои стапија на сила во втората половина на 2008 година и

3. зголемувањето на акцизата на пиво за 33% во јули 2013 година (од 3 на 4 денари за литар, по степен на алкохол).

Наспроти трендот на постепено зголемување на потрошувачката на пиво присутен во Европа помеѓу 1% и 2% годишно, во Македонија, во изминатата деценија потрошувачката драстично се намали, од над 33 литри по жител, колку што беше регистрирана во 2008 година, на околу 28 литри по жител во 2017 и 2018 година. Македонија има најмала потрошувачка на пиво по жител во цела Европа и пошироко. На пример, во Бугарија и Романија годишно во просек се консумираат над 75 литри пиво по жител, во Австрија и Германија потрошувачката на пиво надминува 95 литри по жител, во Полска над 98 литри, а рекордер во Европа според консумација на пиво по жител е Чешка со близу 140 литри по жител.

mchamber pres

Податоците говорат дека во 2008 година вкупната потрошувачка на пиво во земјава надминала 680.000 хл. Наспроти ова, најоптимистичките проценки на компаниите од домашната пивска индустрија се дека оваа година вкупната потрошувачка на пиво во земјата нема да надмине 570.000 хл, што е приближно исто ниво на потрошувачка во последните 4 години. Овие податоци јасно покажуваат дека во последната деценија, обемот на домашниот пазар на пиво се намалил за околу 110.000 хл, што е намалување за над 16% во однос на 2008 година.

Осврнувајќи се на првата причина за падот на пивската индустрија, Билјана Пеева-Ѓуриќ го истакна барањето на Стопанската комора на Македонија преку Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија и преку Здружението на трговијата за укинување на забраната за продажба на сите алкохолни пијалаци по 19/21:00 часот, прифатено со измените на Законот за трговија од крајот на јуни оваа година.

При тоа, посочи Пеева-Ѓуриќ, бизнис секторот укажува дека во комбинација со веќе усвоените измени на Законот со трговија, со кои се укина временското ограничување за продажба на алкохолни пијалаци, треба да се земе предвид и барањето на Групацијата за алкохолни и безалкохолни пијалаци и води и на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија да се интервенира во Законот за трговија, во делот на обврската за поседување лиценци за продажба на алкохол од страна на трговците на мало. 

Постојниот режим за поседување лиценци за продажба на алкохолни пијалаци не само што е ограничувачки фактор за пивската индустрија во земјата, туку има и негативно влијание врз работењето на компаниите кои вршат дејност трговија на мало.

Податоците говорат дека со воведувањето на лиценците за продажба на алкохол од 2008 година, над 5.500 помали трговски објекти во земјата, од вкупно околу 13.000 трговски објекти кои пред 2008 година продавале вакви производи, се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил вкупниот промет во трговијата на мало. Загуба од прометот кај ваквите мали трговски објекти е голем затоа што дури 60% од прометот во овие објекти се остварувал токму со продажба на алкохолни пијалаци, со што дополнително загубила и државата поради намалениот прилив на ДДВ што се остварува при продажба на алкохолни пијалаци. 

За продолжување на лиценцата согласно Законот за трговијата, трговецот е должен да плати надоместок во износ од  5.000 денари за секој продажен објект ако има до три продажни објекти и 15.000 денари за секој продажен објект, ако има над три продажни објекти, како и 0,05% од вкупниот промет остварен во претходната година. Ова значи дека за да може да се добие продолжување на лиценцата за продажба на алкохолни пијалаци потребно е да се плати 0,05%  од вкупниот промет кој се остварува на ниво на деловниот субјект, а јасно е дека од продажбата на алкохолни пијалаци се остварува само дел од вкупниот промет, кој во најголем дел се остварува од продажбата на останатиот широк асортиман на производи на деловниот субјект.

mchamber pres

Многу од европските држави воопшто не предвидуваат обврска за поседување посебни лиценци за продажба на алкохолни пијалаци (на пример, во Австрија, Германија, Хрватска, Словенија, Чешка...). Напротив, ваквите мерки се карактеристични за земји со голема потрошувачка на алкохол по глава на жител. Согласно податоците на Светската здравствена организација, во 2015 година потрошувачката на алкохол по глава на жител изнесувала 11,9 литри во Финска; 12 литри во Обединетото Кралство; 8,7 литри во Шведска, а додека во Република Македонија изнесувала 5,7 литри, што е значително помалку од европскиот просек од околу 10 литри по глава на жител.

- Покај најниската потрошувачка на пиво по жител, Македонија има повисока стапка на акциза на пивото во однос на останатите земји во Југоисточна Европа, како и од голем број земји-членки на ЕУ кои имаат неколкукратно поголема потрошувачка на пиво во однос на нашата земја, - истакна Пеева-Ѓуриќ, осврнувајќи се на третата клучна причина за намалување на потрошувачката на пиво. За разлика од Македонија, каде акцизата за пиво со 5 степени алкохол изнесува 32,5 евра/хл, во Романија таа изнесува само 8.63 евра/хл, во Бугарија 9,2 евра/хл, во Германија 9,44 евра/хл, Чешка 14,69 евра/хл, Австрија 24 евра/хл и Хрватска - 25,89 евра/хл.

Истовремено, Македонија има многу повисока акциза за пиво во однос на пропишаниот минимален праг на акциза што треба да го почитуваат земјите -  членки на ЕУ поставен со Директивата 92/84 EEC, а кој изнесува 1,87 евра/хл, по алкохолен степен, наспрема акцизата во Македонија од 6,5 евра/хл  (за еден степен алкохолен), што е за три ипол пати поголем од минималниот праг што треба да го почитуваат земјите-членки на ЕУ. Оваа споредба е од аспект на фактот дека Македонија и сега е далеку над пропишаниот минимален праг на акциза наспроти просечната потрошувачка споредена со ЕУ-земјите.

Пресметките покажуваат дека, доколку не се воведеа законските ограничувања во продажбата на алкохол во трговијата и не се зголемеше акцизата на пивото, домашниот пазар на пиво би ја задржал стапката на раст на потрошувачка помеѓу 1,5% и 1,8% годишно, со што, само во периодот од 2009 до 2014 година на државата ќе и` донесеше вкупно од 23 до 30 милиони евра дополнителен прилив на име акциза и ДДВ од продажбата на пиво, што претставува загубена можност за државата. 

Истовремено, треба да се земат предвид и анализите на Светската здравствена организација  кои упатуваат на тоа дека високите акцизи на алкохолните пијалаци, меѓу кои и на пивото, влијаат на зголемување на нерегистрирано производство и трговија со алкохол, што нанесува штета за државите и на општествата во целина.

За таа цел, Групацијата на производители на алкохолни, безалкохолни пијалаци и води при Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија во рамките на Стопанската комора на Македонија, достави предлог за намалување на акцизата за пиво од 4 на 3 денари за литар, по алкохолен степен, што во суштина би претставувало нејзино враќање на нивото од пред последното покачување на акцизата, направено во јули 2013 година.

Осврнувајќи се на позитивните ефекти и за државата, Билјана Пеева-Ѓуриќ посочи дека намалувањето, односно враќањето на акцизата на пивото на нивото од пред последното покачување во 2013 година (во комбинација со веќе усвоените измени на Законот за трговија, со кои се укина временското ограничување за продажба на алкохолни пијалаци) ќе донесе повеќекратни придобивки:

1. Зголемени даночни приходи - анализите јасно покажуваат дека со пониска акциза, пивото ќе стане ценовно подостапно, што пак ќе го зголеми нивото на потрошувачка по жител. На тој начин, реално е да се очекува во наредните три до пет години домашниот пазар на пиво постепено да се врати на нивото на потрошувачката пред 2008 година, односно на пазарен обем од околу 680 000 хл годишно ниво. Ваквото зголемување на потрошувачката ќе предизвика и зголемување на приходите од акциза од околу 2,5 милиони евра во однос на сегашното ниво.
Доколку кон ова се додадат и приходите од ДДВ што ќе се остварат поради зголемената потрошувачка на пиво, тогаш реално е да се очекува дека вкупните даночни  приходи, само по овие основи, од домашните пиварници, ќе надминат 30 милиони евра годишно.

2. Од социо-економски аспект, пивската индустрија е значајна за  обезбедување работа за повеќе илјади добавувачи. Со намалување на потрошувачката на пиво, забавува и производството, што се одразува дестимулативно директно на конкретната индустриска дејност и индиректно на уште 15 витални сектори од домашната економија (земјоделството, трговијата на големо и мало, угостителството и туризмот, транспортот). Дополнително, секое работно место во оваа индустрија придонесува за стабилноста на 4 други работни места во земјата.

Љупка Илиевска-Самарџиска

Прес-конференција на Стопанската комора на Македонија – ОЧЕКУВАНИ ПОЗИТИВНИ ЕФЕКТИ ОД НАДМИНУВАЊЕТО НА КЛУЧНИТЕ ПРИЧИНИ ЗА ПАДОТ НА ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ПИВО