1030 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
21.09.2018 👁 Прочитано: 168

ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ СО ПРЕДЛОЗИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО СЕКТОРОТ – одржана седница на Здружението на градежништвото, индустријата за градежни материјали и неметалите


Бавната реализација на капиталните инвестиции, мораториумот на градби во неколку општини и недоречената законска регулатива од областа на градежниот сектор се дел од прашањата кои беа предмет на широка дискусија на седницата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, што се одржа на 21.9.2018 година во Стопанската комора на Македонија. На седницата, покрај стопанствениците, присуствуваа и директорот на Институтот за стандардизација на Република Македонија, м-р Џеват Кицара, и д-р Соња Черепналковска, раководител на Секторот за стандардизација во рамките на Институтот.

mchamber

Претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, Андреа Серафимовски, на почетокот на седницата даде осврт на состојбите во градежништвото според последните статистички податоци, истакнувајќи дека во последниот период статистичките показатели бележат надолен тренд. - Во првото полугодие на 2018 година има значително намалување на градежната активност во однос истото од претходната година, а ако се земе предвид дека и лани градежништвото забележа пад во однос на 2016 година, податоците се уште позагрижувачки. Падот на учеството на градежниот сектор во БДП за ова полугодие изнесува 25,1 %. Во ова полугодие наспроти истото од претходната година, бројот на издадени одобренија за градење се намалил за 32,08 %, а предвидената вредност на градежните работи за 35,7%. Истовремено, пад од 48,59 %, односно 13,11 % наспроти првото полугодие од минатата година, забележа и номиналната вредност на вкупните договорени, односно извршени градежни работи. Дополнително, намалени се и градежните работи во странство, при што вредноста на договорените работи во изминатиот период забележала пад од 54,6 %, – информираше Серафимовски.

Причините за состојбите, членките на Здружението сметаат дека се должат на застојот и забавената реализација на капиталните проекти, што воедно доведе и до ниско ниво на реализација на капиталните инвестиции предвидени во државниот буџет, кое заклучно со јули 2018 година изнесува 21,33% или 5,13 милијади денари, наспроти 39,9% реализација за истиот период или 9,46 милијарда денари во 2017 година. Дополнително, проблем претставуваат и ниското ниво на доделени договори за јавните набавки, кои се незначителни во изминатите месеци, но и зачудувачки ниските цени кои се понудуваат во постапката за доделување на договорите. Во делот на високоградбата, се дискутираше дека веќе подолго време има застој на спроведувањето на деталните урбанистички планови, односно мораториум на градби во неколку општини.

Имајќи го предвид наведеното, се заклучи дека во идниот период е неопходно да се одржат средби на Здружението со надлежните институции и органи со цел заедничко изнаоѓање решенија за актуелните состојби во градежништвото и во рамките на Здружението да се формира тело кое ќе ја следи реализацијата на набавките и цените по кои се доделуваат договорите.

mchamber

Во однос на мораториумот, беше посочено дека иако Здружението се залага и ги поддржува активностите кои се во насока на планско работење и урбано живеење, компаниите очекуваа ревизијата на плановите да се одвива со позабрзано темпо и досега да биде изготвен извештај со цел запознавање на бизнис заедницата со дејствијата преземени во текот на процесот на ревизија. Во таа насока, Здружението алармираше дека мораториумот трае предолго што може да предизвика сериозни штети и загуби за градежните компании, при што усвоија заклучок во следниот период да се иницира заедничка средба со градоначалниците на општините во кои се спроведува мораториумот на градби со цел да се отвори дискусија за наведените прашања и да се изнајдат заеднички решенија кои се во насока на надминување на проблемите во урбанизмот, но нема да го попречат тековното работење на компаниите.

Недореченостите во законската регулатива и понатаму претставуваат еден од најгорливите проблеми на секторот. Бавноста на постапката за издавање на одобренијата за градење, административните процедури и несоодветната уреденост на одредени прашања во Законот за градење, беа посочени како едни од клучните причини поради кои во идниот период е потребно донесување на нов законски текст во којшто ќе бидат имплементирани предлозите за кои изминатиот период постојано се залагаше бизнис заедницата, а се однесуваат на посоодветно уредување на критериумите за добивање на лиценците и овластувањата за проектирање, ревизија, изведба и надзор, предвидување законски критериуми и квалификации за лицата вработени во надлежните органи во постапката за издавање на одобренијата за градење, дополнување на категоризацијата на објекти со уште една категорија – сложени објекти со нивна соодветна уреденост во Законот за градење.

Се дискутираше и за проблемите поврзани со имплементацијата на Законот за просторно и урбанистичко планирање кој во моментот е во процес на подготовка и донесување, а за кој Здружението во изминатиот период изготви и прикачи Мислење на страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) со цел да даде придонес во додефинирање на одредени постулати кои претставуваат спој на претходниот и новиот закон заради континуитет на постапките, започнатите акти на донесување и спроведување на планските документации, стекнатите права на досегашните учесници во градбата, следење на потребата за развој во просторот, прибирање на податоците, нивно чување, модернизирање и упростување на постапките.

mchamber

Здружението се осврна и на потребата за дефинитивно отпочнување на процесот за донесување на Законот за посредување во прометот на недвижностите што претставува клучна заложба на Групацијата на агенции за недвижности во рамките на Здружението, во изминатите неколку години.

Во присуство на претставниците на Институтот за стандардизација на Република Македонија, се констатираше дека имплементацијата на стандардите за градежните производи е особено значаен сегмент за квалитетот на градбите и зголемување на конкурентноста на компаниите за настап на странски пазари, но ја посочија потребата од поголема контрола на увезените производи, при што со инклузивност на сите чинители треба да се дејствува во насока на зголемување на квалитетот на градежните производи на пазарот во РМ.

м-р Нена Николовска

ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ СО ПРЕДЛОЗИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО СЕКТОРОТ – одржана седница на Здружението на градежништвото, индустријата за градежни материјали и неметалите