ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
15.09.2018 👁 Прочитано: 1037

ЕФЕКТИТЕ ОД ВОВЕДУВАЊЕTO НА ОДЛУКАТА ЗА УКИНУВАЊЕ НА УВОЗНАТА ДАВАЧКА ЗА СМРЗНАТО СВИНСКО МЕСО ЗА ПРЕРАБОТКА


-Мерката за времено укинување на царината при увоз на замрзнато свинско месо за преработка, која ја донесе Владата на РМ во мај оваа година, беше неопходна за спас на домашната месна индустрија од колапс и пропаѓање, - истакна претседателот на Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни преработки при Стопанската комора на Македонија, Гоце Трајчев, на денешната прес-конференција (15.9.2018 година).

-Целта на времената мерка е намалување на увозот на месните преработки, зголемување на конкурентноста на домашните готови производи, како на домашниот пазар така и на странските пазари, раст на обемот на производство, бројот на вработените и платите на работниците. Впрочем, целта беше домашните потрошувачи да консумираат домашно произведен готов производ по еднакви или пониски цени од увозните, а воедно со највисок квалитет и без последици за производителите на свежо свинско месо, - потенцираше претседателот на групацијата Трајчев.

Мерката беше барана и образложувана наназад многу години, но без каква било  реакција од надлежните во тој поглед. Имајќи предвид дека во мај оваа година Владата излезе во пресрет на барањата на Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни производи при Стопанската комора на Македонија, сакаме да посочиме дека носењето на мерката со времетраење од шест месеци, а која се однесува за одредени тарифни броеви, даде можност на домашната месна индустрија да ги оправда овие барања - без субвенционирање, туку само еднакви услови, како и странските производители во поглед на набавка на суровината на замрзнато свинско месо (споредено со давачките во земјите од соседството и Европската унија, увозните давачки кај нас се највисоки), а во исто време да не се наруши домашното фармерско производство на свежо месо (кое е поддржано соодветно со субвенции). 

Во моментов сме на половина од истекот на периодот за кој е на сила мерката иако е прерано да се презентираат детални ефекти од воведување на истата, на располагање се одредени првични ефекти и видувања кои се позитивни и во насока на оправдување на преземените обврски.

-Согласно податоците за увоз на месо и преработки од месо за периодот 1.6.-10.9.2018 година, се забележува намалување на увезено свежо свинско месо за 38%, а во исто време раст на увезено замрзнато свинско месо за 29%. Истовремено, извозот на сувомесни преработки бележи раст од 61%. Има зголемување на обемот на целокупното производство за 40% согласно податоците од АХВ за извршена наплата кај регистрираните оператори со храна споредено со истиот период од 3 месеци лани. Ова е добра основа да се очекува дека надлежните институции ќе ја продолжат мерката уште за шест месеци, со цел таа да биде укината во целост, -информираше претседателот на Групацијата. 

Согласно податоците од Царинската управа на РМ, но и спроведената анкета од страна на Комората меѓу своите членки, искористеноста на мерката е 52% и е резултат на доискористувањето на претходно увезените суровини (пред да се донесе мерката), како и периодот потребен за собирање на потребната документација на фирмите и издавање мислење од Комората.

-Денешната работна средба во Стопанската комора на Македонија беше во насока да се видат ефектите од донесената мерка. Состојбата се акумулираше повеќе години наназад, капацитетите работеа со 28% од вкупниот инсталиран потенцијал, а некои компании беа и принудени да ги затворат своите капацитети. Повеќе од 70% од преработките доаѓаа од увоз што беше аларм за оваа Влада, а во соработка со Комората, да се излезе во пресрет на индустријата. Денес сведоци сме дека мерката дава резултати за што сведочат и презентираните показатели, - истакна проф. д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и за координација на економските ресори.

-Сите релевантни институции направија детална анализа пред да се донесе мерката за укинување на увозната давачка за смрзнато свинско месо за преработка. Владата покажа и слух и чувство за проблемите на месната индустрија, а резултатите презентирани на денешната средба се потврда за досегашната политика, -подвлече Љупчо Николовски,  министер за земјоделство, шумарство и водостопанство  во Владата на РМ. До крајот на мерката ќе бидат видливи и сите други резултати за кои компаниите се обврзаа. Клучно со носење на истата беше домашните компании да се спасат од целосен колапс, како и да се зголеми извозот на домашни месни преработки без да се наруши домашното фармерско производство. Во таа насока се и новите мерки на ресорното Министерство -10% зголемување на средствата за домашно производство, како и оглас за мерката за производство на сточна храна на површина до 3 хектари и над 3 хектари. Истовремено, залагајќи се за унапредување на земјоделскиот сектор, но и на домашната преработувачка индустрија, Министерството за земјоделство ќе предложи наскоро и нови мерки, -истакна на крајот министерот Николовски.

Васко Ристовски

ЕФЕКТИТЕ ОД ВОВЕДУВАЊЕTO НА ОДЛУКАТА ЗА УКИНУВАЊЕ НА УВОЗНАТА ДАВАЧКА ЗА СМРЗНАТО СВИНСКО МЕСО ЗА ПРЕРАБОТКА