ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
20.08.2018 👁 Прочитано: 650

СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ВЕТЕРИНАРНО-МЕДИЦИНСКИ ПРЕПАРАТИ ДО ПОЕФИКАСНО РАБОТЕЊЕ НА КОМПАНИИТЕ


- Основен приоритет на Агенцијата за храна и ветеринарство е заштита на здравјето и интересите на  потрошувачите, - истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, на прес-конференцијата што се одржа на 20.8.2018 година во Стопанската комора на Македонија 

Во таа насока, Агенцијата во последната година презема соодветни активности со цел подигнување на степенот на заштита на потрошувачите, но истовремено и обезбедување поволна клима за деловните оператори и креирање соодветна регулатива преку соодветна законска рамка. 

Во моментот Агенцијата е државен орган на управа надлежен за спроведување на 8 основни закони, како и одредени делови од други закони:

1. Закон за безбедност на храната;
2. Закон за ветеринарно здравство;
3. Закон за заштита и благосостојба на животните;
4. Закон за нус-производи од животинско потекло;
5. Закон за идентификација и регистрација на животните;
6. Закон за ветеринарно-медицински  препарати;
7. Закон за безбедност на храна за животни и 
8. Законот за органско земјоделско производство. 
 

Измените и дополнувањата на Закон за ветеринарно-медицински  препарати се одвиваат во две основни групи: 

1. подобрување на деловната клима со
- поедноставување на административните постапки и
- вршење одредени активноста по службена линија без оптоварување на операторите  и

2. засилување на механизмите на заштита на потрошувачи со
- детално уредување на ставањето во промет, издавањето и употребата на ветеринарно  медицински препарати;
- унапредување на обврските на професионалните лица;
- уредување на огласувањето на ветеринарно-медицински  препарати;
- засилени контроли во областа на потенцијално фалсификувани ветеринарно-медицински  препарати;
- воспоставување на систем за собирање и анализа на податоците за прометот и употребата на ветеринарно-медицински те препарати;
- воспоставување на Национален центар за информирање за ветеринарно-медицински те препарати;
- обезбедување механизми за континуирано снабдување на пазарот;
- изработка на листа на есенцијални ветеринарно-медицински  препарати;
- програма за рационална употреба на ветеринарно-медицински препарати и
- програма за снабденост и достапност на ветеринарно-медицински  препарати.

Блажо Јаневски, раководител на Сектор во Агенцијата за храна и ветеринарство, истакна дека административните постапки се олеснуваат и се скратуваат со директно преземање и проверка по службена линија на документацијата за нивно одобрување во земјите-членки на ЕУ. - За ветеринарно-медицински те препарати кои се употребуваат за  третман на ретките болести нема да се наплатуваат трошоците за издавање  одобрение за ставање во промет. Со наведеното се обезбедува нормална снабденост на пазарот со наведените производи за кои не постои комерцијален интерес на деловните субјекти, - истакна тој.

Увозот на ветеринарно-медицински  препарати се олеснува со поедноставување на административната постапка и поврзување со прописите на царина. Увозот на ветеринарно-медицински препарати ќе се одобрува од страна на царинските служби согласност со прописите за царина врз основа на Списокот на одобрени ветеринарно-медицински  препарати. Тоа практично значи дека нема да има потреба за чекање на посебен документ од Агенцијата и дека сите контроли ќе се спроведат по службена линија.

Со новите одредби, како што информираа од Агенцијата, се засилуваат законските одредби во однос на забраните за ставање во промет, издавање и употреба на ветеринарно-медицински  препарати. Одредбите се засилуваат во правец на детално дефинирање на кои ветеринарно-медицински  препарати и во кои услови може да се користат, кој може да ги користи (само високо квалификувани професионални лица) доктори по ветеринарна медицина, и кај кои видови животни може да се користат (само кај оние видови кај кои односот ризик – бенефит е поволен за животното, како и оние видови кај кои употребата не може да доведе од загрозување на здравјето на луѓето. Воедно и се зголемуваат обврските на професионалните лица кои ги ставаат во промет и користат ветеринарно-медицинските препарати (ветеринарните веледоргерии и ветеринарни друштва).

Ветеринарната комора на Република Македонија ќе ја одземе лиценцата за работа на носителот на дејност доколку се утврдат неправилности во однос на наведените ограничување на употреба.

- Со цел промовирање на правилната употреба на ветеринарно-медициските препарати детално се уредува начинот на огласување и рекламирање и се забранува огласување на начин кој доведува до заблуда, како и огласување на несоодветен и сензационалистички начин. Забрането е огласување преку припишување на особини што тој ги нема, пренагласување на неговите позитивни ефекти, претерување во опишувањето на ефектите од препаратот на несоодветен начин, или на друг начин со кој се доведува во заблуда корисникот на ветеринарно-медицинскиот препарат. Системски се уредува контролата во областа на потенцијално фалсификуваните ветеринарно-медицински препрати. Забрането е да се произведуваат,  увезуваат, извезуваат, ставаат во промет или да се користат, издаваат или дистрибуираат на друг начин, со наплата или во вид на подарок или мостра, фалсификувани или под сомнение дека се фалсификувани ветеринарно-медицински препарати и фармаколошки супстанции, - истакна Јаневски.

Агенцијата ќе воспостави посебен систем на официјални контроли во однос на фалсификуваните ветеринарно-медицински препарати, систем на собирање податоци и пријавување за сомнение за фалсификувани производи и посебен систем на увид и официјална контрола при нивното отстранување од промет, информирањето на надлежните институции и ветеринарните друштва и нивното нештетно уништување. 

Агенцијата во наредниот период ќе воспостави систем за собирање и анализа на податоците за прометот и употребата на ветеринарно-медицинските препарати. Системот би ги опфаќал податоците за достапност, снабденост, прометот и употребата на ветеринарно-медицинските препарати. Податоците ќе се однесуваат на производството и увозот (ветеринарни веледрогерии носителите на одобрението за ставање во промет на ветеринарно-медицинските препарати) – податоци за производството, увозот, прометот и залихите, како и употребата (ветеринарните друштва) на ветеринарно-медицинските препарати. 

Системот би обезбедил континуиран увид во моменталната состојба со снабденоста, достапноста и употребата на ветеринарно-медицински  препарати со цел Агенцијата да може благовремено да преземе мерки во случај на недостиг или смалена достапност на одреден ветеринарно-медицински  препарат или зголемена потрошувачка на одреден ветеринарно-медицински  препарати (потреба за реакција и утврдување на причината).

Со наведените одредби се обезбедува континуирано снабдување на соодветен асортиман и количина на ветеринарно-медицински  препарати од есенцијалната листа за оптимално задоволување на потребите за ветеринарно-медицински препарати на пазарот, во соодветен временски период, зголемено ниво на одговорност на носителите на дејност кон корисниците (ветеринарните друштва) и крајните корисници (физичките лица) во правец на зголемена фармаколошка внимателност и правилна и рационална употреба на ветеринарно-медицинските препарати.  

Васко Ристовски

СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ВЕТЕРИНАРНО-МЕДИЦИНСКИ  ПРЕПАРАТИ ДО ПОЕФИКАСНО РАБОТЕЊЕ НА КОМПАНИИТЕ