ЗДРУЖЕНИЕ НА ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПРЕРАБОТКА НА ДРВО И ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА МЕБЕЛ - Презентација од страна на TÜV NORT CERT – Како до сертификација на FSC®

   

➤ Актуелно (08.06.2018)
👁 Прочитано: 1367


ЗДРУЖЕНИЕ НА ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПРЕРАБОТКА НА ДРВО И ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА МЕБЕЛ - Презентација од страна на  TÜV NORT CERT – Како до сертификација на FSC®

Здружението на индустријата за преработка на дрво и за производство на мебел, на 08.06.2018 година, во Стопанската комора на Македонија одржа состанок, на кој беа присутни претставници од TÜV NORT CERT и преставници на компании членки. На состанокот се дискутираше за  актуелните состојби во примарното производство на дрво и производството на мебел, како и за актуелните проблеми со сертификацијата на шумите во РМ.

Господинот Љубе Неделковски, претседател на Здружението на индустријата за преработка на дрво и за производство на мебел, го отвори состанокот и го истакна значењето на оваа  стопанска дејност. Тој сподели информација до фирмите  членки на Здружението за одржаната конференција за печат на ЈП Македонски шуми која се одржа на 05.06.2018 година на која била потпишан Меморандум за соработка со кој ЈП Македонски шуми започнуваат процес на сертификација на 4 хектари шуми во Пехчево.

По однос на втората точка од дневниот ред беше извршена презентација од страна на  TÜV NORT CERT – Како до сертификација на FSC® (Како компанија која би сакала да извезува производи од дрво, целулоза и хартија во ЕУ, ќе докаже дека прозводите произлегуваат исклучиво од правни и не-контроверзни извори).

Според преставникот од TÜV NORT CERT Пенчо Дермендџиев, вредносните проценки на потрошувачите и бизнис корисниците во однос на производите од дрво, целулоза и хартија се менуваат. Обраќајки се до компаниите присутни на настанот посочи дека секоја компанија која би сакала да извезува производи од дрво, целулоза и хартија во ЕУ, треба да докаже дека произведениот мебел  и други производи произлегуваат исклучиво од правни и не-контроверзни извори.

Во својата презентација г-дин Дермендџиев ги објасни целните групи за сертификација, патот до сертификатот и предусловите за сертификација. Со оглед на тоа што е ова  нов сертификат во Р. Македонија,  истиот побуди голем интерес, па побаравме од нив да  направат обуки, во периодот од септември до декември оваа година, со што компаниите би се запознале подобро со спецификите/барањата на овој  стандард.

На крајот на состанокот беше споделена до компаниите и Понудата за настап на „ambienta“ 45–ти Меѓународен саем за мебел, внатрешно уредување и пропратни индустрии, кој ќе се одржи во Загреб од 10 - 14 октомври 2018 година и  Меѓународен саем на материјали и технологија за дрвната индустрија од 10 - 12 октомври 2018 година како дел од овогодинешната „ambienta“.
Компаниите производители на мебел и производи од мебел ќе имаат можност да ги изложат своите производи, а Република Македонија се јавува и како земја-партнер за организација на овој саем.

Валентина Цветковска