ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
07.06.2018 👁 Прочитано: 799

ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА КЕРАМИЧКИ ТУЛИ СО БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО


На 7.6.2018 година, Групацијата на производители на керамички производи при Стопанската комора на Македонија одржа заеднички работен состанок со претставници од Министерството за економија и Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, на којшто се расправаше за состојбите поврзани со домашното производство на тули и нивниот пласман на домашниот пазар.

Групацијата алармираше за лошата економска состојба со која се соочуваат производителите на тули како последица на падот на домашното производство и затворање на фабриките од оваа дејност.

Ваквата состојба, компаниите истакнаа дека се должи на големиот увоз на тули и ниските цени при увозот, што доведува до недоволна конкурентност на домашните компании и покрај тоа што тие располагаат со големи производствени капацитети и висок квалитет на производите. На пример, само во 2017 година, во Република Македонија се увезени тули во вредност од околу 5,1 милион долари, најмногу од соседните земји, додека извоз не е остварен. Компаниите сметаат дека пониските цени на увезените тули се должат на поддршката и поголемата заштита на производството на странските производители во нивните земји, како и на пониската цена на енергенсите кои ги користат во производството.

Имајќи го предвид наведеното, компаниите побараа од претставниците на Министерството за економија итно да се изнајдат решенија за заштита на домашното производство со цел да се спречи затворање на фабриките и целосно згаснување на домашните производствени капацитети. Во оваа насока, на состанокот се заклучи во следниот период Групацијата да изготви детална анализа на состојбите во домашното производство и увозот на тули во изминатиот период, по што повторно ќе се иницира заеднички состанок со надлежните институции на којшто ќе се презентираат состојбите и ќе се определат насоки и механизми за заштита на домашните производители.

На состанокот, пред претставниците од Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, компаниите го покренаа и прашањето за фреквенцијата на мерење на емисиите на загадувачките супстанци во воздухот. Тие посочија дека како резулатат на падот на производството и лошата економска ситуација со која се соочуваат, кварталното мерење на загадувачките супстанци предизвикува дополнителни финансиски импликации врз работењето, за што предложија да се разгледа можноста мерењата да се вршат на поголем временски интервал соодветен на ангажираноста на производствените капацитети. 

Во моментот, во државата работат 6-7 компании кои вршат производство на тули и истите вработуваат од 50 до 100 лица. Бројот на овие компании и производствените капацитети во изминатите години бележи континуиран пад.

М-р Нена Николовска

ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА КЕРАМИЧКИ ТУЛИ СО БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО