ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
25.04.2018 👁 Прочитано: 333

ОДРЖАН ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР: „ОЦЕНА НА СООБРАЗНОСТ НА БЕТОНОТ СО ПОТРЕБНИТЕ СТАНДАРДИ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИТЕ ПРОИЗВОДИ“


На 25.4.2018 година, во Стопанската комора на Македонија, во организација на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти при Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали се одржа едукативен семинар на тема: „Оцена на сообразност на бетонот со потребните стандарди согласно Законот за градежните производи“. На семинарот присуствуваа производителите на бетон, како и претставници од Министерството за економија, Институтот за стандардизација на Република Македонија, телата за сертификација „Градежен институт „Македонија“ (ГИМ), ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл – Скопје и од Заводот за испитување на материјалите и развој на нови технологии „Скопје“ АД Скопје (ЗИМ). Воедно, на настанот беа поканети и учество земаа претставници од Инспекцискиот совет на Република Македонија, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

 

Г-дин Никола Крајчевски, претседател на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти во своето поздравно обраќање истакна дека Стопанската комора на Македонија преку Групацијата континуирано презема активности во насока на подетално запознавање на производителите на градежните производи со нивните обврски согласно Законот за градежните производи од јуни 2015 година, чија основна цел е обезбедување на квалитетни градежни производи со точни информации поврзани со нивните својствата и истиот е усогласен со Европската регулатива за градежни производи 305/2011.

Новиот директор на Институтот за стандардизација на Република Македонија, м-р Џеват Кицара во своето  поздравно обраќање пред учесниците изрази поддршка на едукативните семинари поврзани со оцената на сообразноста на градежните производи кои ги организира Комората и порача дека Институтот стои на располагање за понатамошна соработка, заедничко унапредување и промовирање на стандардизацискиот систем во Република Македонија.

Љубомир Митров од Министерството за економија истакна дека последните измени  на Законот за градежните производи во моментот се во владина процедура и дека во нивното изготвување учествувала работна група во којашто покрај претставници од Министерството, учество земале и претставници од сертификационите тела.

Д-р Соња Черепналковска, раководител на Секторот за стандардизација во рамките на Институтот за стандардизација на Република Македонија подетално говореше за прашањата уредени со Законот со цел запознавање на учесниците со примената на стандардите и придобивките од нивната примена, постапките за  пласирање на  квалитетен градежен производ на пазарот, како и контролата на градежните производи. Д-р Черепналковска истакна дека Законот точно ги дефинира обврските на економските оператори, односно на производителите, овластените застапници, увозниците, дистрибутерите и трговците, а во својата презентација ги појасни и документите за сообразност и техничката документација.

На едукативниот семинар преку заедничка соработка беше одржана презентација од страна на Лилјана Сиљановска од Заводот за испитување на материјалите и развој на нови технологии „СКОПЈЕ“ АД Скопје, Горан Ѓошевски од Градежниот институт Македонија (ГИМ) и Игор Ѓорѓески од ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл – Скопје. Во рамки на нивните излагања беа појаснети обврските на производителите и сертификационите тела согласно стандардот МКС EN 206:2014+А1:2017, лабораториската опрема која е потребно да ја поседуват прозиводителите на бетон, како и чекорите во постапката за сертификација кои ги преземаат производителите и телата за сертификација. Акцентот беше ставен на Изјавата за својства (Declaration of performance), со која производителот во целост ја презема одговорноста за сообразност на производот во согласност со националните (европски) стандарди.

На семинарот беше посочено дека економските оператори кои пуштаат на пазарот градежен производ од хармонизирано подрачје, своите производи ќе треба да ги усогласат до 30.9.2018 година, додека економските оператори кои пуштаат на пазарот градежни производи  од нехармонизирано подрачје, да ги усогласат до крајот на годината.

М-р Нена Николовска

ОДРЖАН ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР: „ОЦЕНА НА СООБРАЗНОСТ НА БЕТОНОТ СО ПОТРЕБНИТЕ СТАНДАРДИ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИТЕ ПРОИЗВОДИ“