ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
11.04.2018 👁 Прочитано: 570

ВТОРА ПЛЕНАРНА СЕДНИЦА НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО КАВАДАРЦИ


Регионалната комора со седиште во Кавадарци при Стопанската комора на Македонија, на 11.4.2018 година, ја одржа својата Втора пленарна седница. Пред присутните претставници од бизнис заедницата поздравно обраќање имаше градоначалникот на Општина Кавадарци и претседател на Регионалната комора со седиште во Кавадарци при Стопанската комора на Македонија, Митко Јанчев, кој им се заблагодари на присутните за досегашната поддршка, а потоа ги предложи кандидатите за  претседател и потпретседател на Регионалната комора со седиште во Кавадарци,  како и членовите  на Управниот одбор, чиј број според одлуката изнесува 11 члена. На седницата присуствуваше и Љупка И. Самарџиска, од Стопанската комора на Македонија.

На седницата едногласно се донесе одлука Никола Наумов од „Градба Промет“- Кавадарци да биде нов претседател на Регионалната комора со седиште во Кавадарци при Стопанската комора на Македонија, а за потпретседатели беа избрани Ласко Јованов од „Слога“ - Кавадарци и Славчо Јорданов од „КИМ“ - Неготино.

Ирена Ѓоргиеска, од Фондот за иновации и технолошки развој, пред триесетина претставници од бизнис заедницата, ги претстави мерките од Планот за економски раст на Владата на РМ, од столб 3: финансиска поддршка (кофинансирани грантови) за микро, мали и средни претпријатија за иновации и технолошки развој, преточени во Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој.

Во Програмата на Фондот за иновации и технолошки развој, којашто неодамна ја усвои Владата на РМ, предвидени се пет мерки. Првата мерка претставува финансиска поддршка во износ од 30% од прифатливи директни трошоци за поддршка на микро, мали и средни компании, со тенденција на брз пораст („газели“), но не повеќе од 10.000.000 денари за инвестициски проекти како што се изградба на погон, набавка на опрема, купување земјиште, за имплементација на европски технички прописи за безбедност на производите, за воспоставување системи за управување со отпад и друго. Втората мерка од Програмата е финансиска поддршка за овие намени за микро претпријатија (со годишен приход до 3.000.000 денари) со покривање до 30% од прифатливи директни трошоци, но не повеќе од 5.000.000. денари. Бидејќи мерките се однесуваат пред се` за развој и примена на иновативни решенија, најголем процент на покривање на трошоците, до 70% (не повеќе од 20.000.000 денари) е предвиден за третата мерка од Програмата, односно за развој и воведување на нови производи или услуги или значително подобрување на постојните, како и за изработка на индустриски дизајн или редизајнирање на производите, нова амбалажа, изработка на маркетинг-планови, подобрување на постојниот или воведување на нов производен процес и друго. Финансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени е предвидена во четвртата мерка, со покривање до 30% од трошоците за обука и стручно усовршување на нововработени млади лица до 29-годишна возраст, но не повеќе од 1.000.000 денари. Поддршката преку Фондот ќе има и за „еквити“ и „мезанин“ инвестиции. За мерките во 2018 година превидени се средства во износ од 10,5 милиони евра и истите ќе се доделуваат по пат на три јавни повици.

Мицева Тања


 

ВТОРА ПЛЕНАРНА СЕДНИЦА НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО КАВАДАРЦИ