ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
19.03.2018 👁 Прочитано: 377

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - ПОДГОТВЕНОСТ НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ГРАДЕЖНИ МАТЕРИЈАЛИ ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ


Претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски, на прес-конференцијата одржана на 19.3.2018 година, говореше за подготвеноста на компаниите за имплементација на одредбите од Законот за градежни производи.


 
На почетокот, тој истакна дека според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во 2017 година, во однос на 2016 година, е скоро на исто ново, односно  изнесува 100,2.

Вкупно, кај рударство и вадење на камен во 2017 година, во однос на 2016 година, забележано е мало намалување од 1,8%, а додека кај вадењето на други руди и камен има опаѓање од 2,2%. Кај производство на други неметални минерални производи има зголемување од 10,9% за третираниот период. Учеството во структурата на индустриското производство, кај вадењето на други руди и камен изнесува 2,03%, додека кај други неметални минерални производи учеството изнесува 7,43%.

Кај рударство и вадење на камен, во 2017 година евидентиран е извоз од 47  милиони СА долари, додека увоз од 12,5 милиони САД долари. Кај производството на други неметални минерални производи извозот измесува 63 милиони САД долари, додека увозот изнесува 431 милион САД долари.

-Нашите реакции, како што истакна Андреа Серафимовски, се наменети кон увозот на градежни материјали, а посебно за материјали кои се произведуваат во нашата земја, а се увезуваат. На пример, воопшто не се извезуваат керамички тули, а се увезуваат во вредност од околу 5 милиони САД долари, или цемент се увезува во вредност од околу 16,6 милиони САД долари, а се извезува во вредност од околу 14,5 милиони САД долари, потоа керамиди се увезуваат во вредност од околу  4 милиони САД  долари, а се извезуваат во вредност од околу 4,5 милиони САД долари и многу други материјали.

За ваквата состојба придонесува слободниот увоз, за кој нема забелешки, меѓутоа, има забелешки на тоа дека, за жал, не секогаш е контролиран квалитетот на увезениот производ. Има примери во минатото каде се земени примероци кои се  испитани во нашите лаборатории, а анализите покажуваат дека не се исполнети условите за квалитет на производот (на пример, цемент, бетонско железо и други материјали). Од друга страна, често има проблеми со признавањето на сертификатите на нашите извозници, па тие мора да прават испитување во земјата каде извезуваат, со што се зголемуваат трошоците, а со тоа и цените на производите.

За надминување на овој проблем, се прават напори за меѓусебно признавање на сертификатите, барем во земјите од регионот. Исто така, како производители на материјали се залагаме пред надлежните институции за поголема контрола на квалитетот на материјалите, односно контрола преку испитувања на увезените материјали во нашите акредитирани лаборатории.

Вкупниот број на активни компании изнесува 467 компании, од кои 135 се активни кај вадење на камен и 332 компании во делот на производството на други неметални минерални суровини.

Во Република Македонија има голем број деловни субјекти на кои им се издадени концесии за експлоатација на минерални суровини  -  варовници, кварц, песок и чакал на повеќе различни локации, кои изнесуваат преку 100 компании, како и ангажирање на компании кои се вклучени во расчистување на речните корита кои вадат речен материјал (песок и чакал), за што се наметна потребата да се одржат повеќе едукативни состаноци по региони во земјата, бидејќи никој не е изземен од промени во начинот на контролата на производството, односно од обврските кои произлегуваат од Зaконот за градежни производи.

Имплементацијата на Законот за градежни производи, кој е во постапка на измени и дополнувања, го обврзува производителот во целост да е одговорен за производството, оценување и потврдување на сообразноста на градежниот производ. Законот дава голема одговорност на производителот на градежен производ, во поглед на контролата на квалитетот и во однос на одржување на постојаност на својствата на градежниот производ.

Тоа значи дека самиот производител издава потврда за квалитет за својот производ, т.е. Изјава за својства (Declaration of performance), која во целост ќе го замени досегашниот Атест. Со изготвување на Изјавата за својства, производителот ја презема одговорноста за сообразност на производот во согласност со националните (европски) стандарди.

За да може производителот, било на агрегат или на кој и да било друг градежен производ, да изготви Изјава за својства со која ќе може слободно да го пласира производот на пазар, производителот треба да поседува Сертификат за сообразност на фабричка контрола на производство издаден од страна на именувано тело за сертификација на градежни производи.

Именуваните тела за сертификација на градежни производи ќе спроведуваат и постојан надзор над фабричката контрола на производството, со цел производителот да ја докаже постојаната контрола на квалитет и да ја потврди исполнетоста на барањата за сертифициран производ. Услов за одржување на Сертификатот е трајно и целосно задоволување на сертификационите критериуми, од страна на производителот.

Во Република Македонија, засега има три именувани тела за сертификација на градежни производи од страна на Министерството за економија и истите се објавени на веб-страната на Министерството. Тоа се Градежниот институт „Македонија“ - Скопје,  Заводот за испитување на материјалите и развој на нови технологии „Скопје“ - Скопје  и „ГЕИНГ“ - Скопје.

Бидејќи Законот за градежни производи го обврзува производителот во целост да е одговорен за производството, за оценување и потврдување на сообразноста на градежниот производ, на барање на Здружението, а во согласност со Министерството за економија, се поддржаа иницијативите:

 - економскиот оператор кој пушта на пазар градежен производ од хармонизирано подрачје должен е своите производи да ги  усогласи заклучно до 30.9.2018 година. Тоа значи дека производителите треба да започнат со почетно испитување, во соработка со именувано тело за сертификација на градежни производи;
 - економскиот оператор кој пушта на пазар градежни производи  од нехармонизирано подрачје, должен е своите производи да ги  усогласи заклучно со 31.12.2018 година;
 - уште една препорака до производителите во Република Македонија, кои во производството на своите производи се` уште ги користат МКС (YUS) стандардите, а кои се повлечени од страна на Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ) во 2011 и 2012 година, неопходно е да започнат постапка за донесување нови национални стандарди.

Стандардите, кои имаат доброволен карактер, претставуваат техничка поддршка за имплементација на техничкото законодавство – законите и подзаконските акти. Оттука, процесот на имплементација на европското техничко законодавство во македонското техничко законодавство и процесот на усвојување на европските стандарди како македонски, треба да бидат взаемно координирани.

Во области каде нема европски и меѓународни стандарди, Институтот за стандардизација на РМ, развива и публикува национални македонски стандарди. Процесот на донесување на националните стандарди треба да започне во најкраток можен рок, а рокот за нивна имплементација дополнително ќе биде дефиниран, од страна на ресорните министерства.
 
Сите овие обврски на производителите се неопходни од причина што после овие рокови нема да можат да учествуваат на тендери, доколку немаат Изјава за својства со која ќе може слободно да се пласира производот на пазар, односно производителот треба да поседува Сертификат за сообразност на фабричка контрола на производство издаден од страна на именувано тело за сертификација на градежни производи.

 
Марија Петроска

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - ПОДГОТВЕНОСТ НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ГРАДЕЖНИ МАТЕРИЈАЛИ ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ