Одржана седница на Здружението на индустријата за преработка на дрво и производство на мебел - АКТУЕЛНИ СОСТОЈБИ ВО ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПРЕРАБОТКА НА ДРВО И ПРОИЗВОДСТВО НА МЕБЕЛ И ЗАПОЗНАВАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ СО ПРОЦЕСОТ НА СЕРТИФИКАЦИЈАТА НА ШУМИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

   

➤ Актуелно (02.03.2018)
👁 Прочитано: 1327


Одржана седница на Здружението на индустријата за преработка на дрво и производство на мебел -  АКТУЕЛНИ СОСТОЈБИ ВО ИНДУСТРИЈАТА ЗА ПРЕРАБОТКА НА ДРВО И ПРОИЗВОДСТВО НА МЕБЕЛ И ЗАПОЗНАВАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ СО ПРОЦЕСОТ НА СЕРТИФИКАЦИЈАТА НА ШУМИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Здружението на индустријата за преработка на дрво и за производство на мебел при Стопанската комора на Македонија, на 1 март 2018 година, одржа седница на којашто  присуствуваа претставници на компании за примарна преработка на дрвото, компании - производители на мебел, комерцијалниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Борче Бојчовски и Јурант Дика, овластен раководител на Секторот за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. На состанокот се дискутираше за  актуелните состојби во примарното производство на дрво и производството на мебел, како и за актуелните проблеми со сертификацијата на шумите во РМ.

Кај индустријата за производство на мебел, извозот за 2017 година изнесува 30.865 тони или 223.1 милион САД долари, додека увозот во истата година изнесува 18.712 тони или 69.6 милиони  САД долари.

Кај производството на мебел, во 2016 година извозот бележи пораст кај спалните соби за 24%, тапацираниот мебел за 8%, а кај другите производи намалување. Додека на страната на увозот, пораст има кај канцелариски мебел од метал 112%, канцелариски мебел од дрво 6%, и кај спалните соби од 11%. Намалувањето на царинското оптоварување во 2007 година, согласно СТО укажува на пораст на увозот и во 2016 година.


Оттаму, неопходно е да се преземат соодветни мерки со цел да се зголеми конкурентноста на домашното производство. Имајќи ги предвид наведените неповолни движења во дрвната индустрија, како во производството, така и во надворешно-трговската размена во последниве две години, оценка е дека увозот и натаму ќе го истиснува домашниот производител од домашниот пазар. Оттаму, императив е можноста која ЈП „Македонски шуми“ ја најавува со новите иницијативи за сертификација на шумите. Но се` додека овој процес не започне, потребно е да се направат сеопфатни анализи за: типот на сертификацијата, цената на чинење на сертификацијата, фазите по кои ќе се одвива истата и сл.

Борче Бојчовски ги запозна компаниите со актуелните состојби во ЈП „Македонски шуми“, објаснувајќи ги активностите  и финансиската ситуација во која се наоѓа јавното претпријатие, но и нивните заложби за да се надминат ваквите состојби

Комерцијалниот директор на  ЈП „Македонски шуми“, Борче Бојчовски,  истакна дека треба да се најде заедничко решение со цел да се надминат овие состојби, при што посочи дека компанијата се соочува со финансиски проблеми и тие се обидуваат целосно да ги задоволат потребите на домашните преработувачи. На крајот тој истакна дека мора сите заедно - и ЈП „Македонски шуми“ и Стопанската комора на Македонија и компаниите - преработувачи на дрво, да лобираат до Владата на РМ и до надлежните институции, со цел да се  надминат сите проблеми со кои се соочуваат во работењето, со што би придонеле да се изнајде заедничко решение кое би било од корист за сите инволвирани страни.

Во однос на сертификацијата на шумите Бојчовски истакна дека е започнат процес на сертификација на околу 4000 хектари во областа на Пехчево, и од ова ќе се има увид во состојбите во кои се наоѓа ЈП „Македонски шуми“, во поглед на техничката подготвеност и опрема, но и во однос на подготвеноста на нивните вработени да спроведат еден така тежок процес. Тој истакна дека крајот на декември би бил крајниот рок кога евентуално би завршиле активностите околу сертификацијата и тогаш ќе можат да ги сублимираат резултатите.

Во однос на третата точка, Јурант Дика, овластен раководител на Секторот за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Р. Македонија, на компаниите им ја презентираше  Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА) со вградување на  следните ЕУ-мерки:
* Timber Regulation EU/995/2010;
* Regulation EC/2173/2005 on Forest Law Enforcement, Governance and Trade (FLEGT),
за кои истакна дека временската рамка е крај на 2018 година.

Седницата заврши со изразена поддршка до ЈП „Македонски шуми“ и надеж дека досегашните состојби се минато и дека ќе се реализираат заложбите  на ЈП „Македонски шуми“, околу сертификацијата на шумите.

Валентина Цветковска