ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
01.03.2018 👁 Прочитано: 320

ГРАДЕЖНИЦИТЕ ВО ДИЛЕМА - Каде да ги дадат предлозите за измена на законите за градење и просторно и урбанистичко планирање


Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, на седницата одржана на 1.3.2018 година, расправаше по забелешките по Предлог-измените на Законот за градење и Законот за просторно планирање, кои се добиени од компаниите.


 
На почетокот, претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, истакна дека досега на седници на Здружението се разгледувани и други два закона и тоа Законот за изменување и дополнувања на Законот за градежни производи и Нацрт-законот за јавни набавки. Забелешките по Законот за градежни производи се вградени во неговиот текст, а исто така е воспоставен е дијалог со Министерството за економија и прифатени се повеќе наши сугестии кои се однесуваат за временски рок за имплементација и спроведување на Законот за градежни производи. Договорено е производителите кои во производството ги користат стандардите од хармонизирано подрачје, веднаш да започнат постапка за сертифицирање, а последен рок е 30 септември 2018 година, а истиот рок важи и за производителите на агрегатите.

Кај производството на производи од нехармонизирано подрачје, компаниите се известени дека треба да го започнат процесот на донесување национални стандарди и да направат почетно испитување на производството од страна на овластена лабораторија, а резултатите, односно документот ќе им послужи при пласирање на производот на пазарот, се’ до моментот на издавање на сертификатот. За Нацрт-законот за јавни набавки, исто така се расправаше на седница на Здружението, а пристигнатите забелешки се обработуваат и истите вградени во забелешките на ниво на Комората, ќе бидат доставени до Бирото за јавни набавки. Доколку постои интерес од страна на компаниите, сигурно ќе се закаже дополнителен состанок со претставници од БЈН.

Поголема дискусија се водеше околу предложените измени на Законот за градење, добиени од страна на компаниите. Забелешките ги презентираше Марија Шекероски, претседател на Правната комисија при Здружението, при што истакна дека дадените забелешки се, пред се’, заради појаснување, подобрување на одредени членови, но и бришење на членови кои се пречка и создаваат тешкотии околу имплементација на самиот Закон.

Измените на Законот за просторно и урбанистичко планирање ги презентираше Јорго Шундовски, од фирмата „Форми“ – Битола, кој нагласи дека измените се направени, како што истакна, од повеќе аспекти и тоа заради дорегулирање на надлежностите на администрацијата, односно локалната самоуправа, зголемување на ингеренциите на планерите, дорегулирање на подзаконските акти и друго.

Бидејќи измените само беа презентирани, беше заклучено, истите да се достават до компаниите и во разумен рок да дадат свое размислување, доколку е потребно дополнување со нови членови, но да се достават и забелешки до Стручната служба на Здружението.

Се отвори прашањето кој е надлежен да ги добива и обработува забелешките. Се` уште добро не е дефинирана целата постапка, па затоа се добиваат различни информации за целиот процес на подготовка на текстовите на овие два закона. За таа цел се заклучи да се организира средба во текот на следната недела со претставници од ИЗИИС, Градежниот факултет, Комората на овластени архитекти и овластени инженери и со Мирослав Грчев, со цел заеднички да се настапува со изградени ставови околу целиот процес на донесување на овие закони, но и изградување ставови за некои членови кои треба да бидат во интерес на компаниите и за инженерите, вклучувајќи ја и науката.

Марија Петроска

ГРАДЕЖНИЦИТЕ ВО ДИЛЕМА - Каде да ги дадат предлозите за измена на законите за градење и просторно и урбанистичко планирање