ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
21.02.2018 👁 Прочитано: 815

ДЕЛ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА ВО НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ОТВОРААТ МНОГУ ПРАШАЊА И ДИЛЕМИ ЗА ГРАДЕЖНИЦИТЕ


Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите на седницата одржана на 20.02.2018 година, во присуство на претставник на Бирото за јавни набавки, расправаше по текстот на Нацрт-законот за јавни набавки.

Андреја Серафимовски, претседател на Здружението, изрази задоволство од причина што предложениот Нацрт-закон се носи во една транспарентна постапка, а  истиот беше презентиран пред голем број членки на Комората. Имајќи предвид дека градежништвото има голем број забелешки на се` уште важечкиот Закон, побарано е, а од страна на Бирото е прифатено, да се одржи посебен состанок и да се расправа одделно само за градежништвото.

Во расправата е заклучено дека предложената содржина на Законот за јавни набавки видно е различна од текстот на содржината кој досега се применуваше и тоа во неколку клучни елементи.

Прво и најбитно е што механизмот на задолжителна електронска аукција во која основен критериум беше најниска цена како основно решение веќе е променето. Се користи новиот термин економски најповолна понуда. Ова беше едно од основните барања на економските оператори бидејќи на голем дел од набавките нереално им се симнуваа цените на набавките што доведуваше до нереална конкуренција. Сепак, подобрување на содржината на текстот на законот во однос на ова решение е на Министерството за финансии и на Бирото за јавни набавки да им се даде појаснување дека во различни сектори, економски најповолната понуда се дефинира на различен начин, а општото решение, односно дискреционото право на договорниот орган да ги утврдува критериумите за економски најповолна понуда повторно може да доведе до злоупотреби во тендерските постапки. Се предлага да се изработи  методологија за утврдување на критериуми за најповолна понуда во зависност од набавката која се спроведува за секоја гранка одделно, кои ќе бидат правци преку кои ќе се утврдуваат дефинитивни и подетални критериуми за одделните јавни набавки, и тоа што претставува економски најповолна понуда.

Втора позитивна работа која е изменета со овој закон е тоа што отстранети се одредби кои беа преземани од другите закони, модифицирани и применети во овој закон и кои предизвикуваат недоволна јасност во нивната примена. На пример, недоволно прецизирана е одредбата за 10 години гаранција, која е преземена од Законот за облигационите односи, а е во врска со стабилноста на градежништвото, која пак, во никоја смисла не може да се земе како гарантен период за изградба на одделни објекти.

Во обемната дискусија се поставија многу прашања и се отворија повеќе дилеми. Посебно беше потенцирано дека се избришани повеќе дефиниции, како на пример за вишоци и кусоци, кои мора соодветно да се регулираат, со цел да не се јават проблеми со термините кои сега постојат во овој предлог, а и како истите ќе се земат предвид при утврдувањето на надминувањето на вредноста на договорот и можноста за негова измена. Се предложи да се размисли дали е подобро решение да се вратат тие дефиниции во овој текст или пак од наша страна да ги изготвиме узансите за кои веќе има еден предлог-текст кој ќе ги опфати дефинициите на овие специфични термини со што би требало да се надминие овој проблем.

Се поставија следните дилеми:
- да се предложи измена на одредбата за гарацијата на понуда која во овој законски текст не е уредена со ограничување, така што се заклучи дека претходното решение со максимален износ од 3% да остане и да се имплементира во овој закон;
- новини се поставени и во одредбите за докажување на способноста на економските опрератори и условите за учество, при што треба да се дефинира што претставува техничко докажување на потребните квалификации;
- за измени во договорот за јавните набавки ќе има потреба за прецизирање, бидејќи има утврдено ограничување од 20% од вредноста на договорот, а при тоа не е јасно што тоа претставува дали ги опфаќа дополнителните непредвидени и вишоци и кусоци.

Се поставија многу други прашања и се отворија повеќе дилеми, при што беше истакнато дека од Бирото за јавни набавки се подготвени да се одржат и дополнителни состаноци на кои ќе се разговара за предложените законски решенија.

На крај од состанокот се заклучи компаниите своите забелешки преточени во предлог-измени на одделни членови да ги достават до Комората, најдоцна до 23.02.2018 година.

Марија Петроска

 

ДЕЛ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА ВО НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ОТВОРААТ МНОГУ ПРАШАЊА И ДИЛЕМИ ЗА ГРАДЕЖНИЦИТЕ