ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
24.01.2018 👁 Прочитано: 540

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - ПОДДРШКА НА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ


На седницата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, одржана на 24.01.2018 година се расправаше по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини и за состојбата во производството на градежни и неметални производи.

 

Кратко образложение за предложените измени даде претставникот на Министерството за економија, кој нагласи дека истите се прават заради забелешките дадени од експерти од Европската комисија за градежништво, кои го реализираат Проектот „Квалитетна инфраструктура во земјите од Западен Балкан“, потоа номотехнички грешки, но и поедноставување и внесување на поразбирливи изрази. Текстот на предлог-измените е изработен од Работна група составена од наши експерти, при што ги имаа предвид сите предлози од страна на европските експерти, но и забелешките воочени во самата имплементација.

Во обемната дискусија беше потенцирано дека Законот мора да се применува, како од страна на компаниите, така и од страна на надлежните институции, од причина што станува збор за законски решенија кои имаат влијание во тековното работење на компаниите. Посебно како проблем, беше истакнато дека и покрај тоа што Законот е донесен во 2015 година, се` уште не се донесени правилниците кои произлегуваат од овој Закон, кои сепак претставуваат пречка за негова целосна имплементација. Имајќи предвид дека согласно законските решенија, се бара имплементација на европските стандарди кои се усвоени во нашата земја. Во последните две години, Здружението организираше обуки за компаниите во Комората, но и по региони во државата, но се` уште постои инертност кај нив и многу малку ги имаат имплементирано европските стандарди. Откако е побарано и на тендери да се бара користење на  европските стандарди, компаниите се соочуваат со проблемот околу исполнувања на барањата, па дури и губење на тендери.

На состанокот се заклучи да се побара официјално пролонгирање на периодот на транзиција, за што ќе се побара средба со министерот и заменик-министерот и да се разговара околу целиот процес на имплементација на законските одредби, со цел компаниите да немаат пречки во добивањето на тендерите. Се препорачува да биде ограничено дозволено пролонгирање, но со краен рок.  

Кај производството на градежни и неметални производи, како што беше истакнато, и покрај тоа што има зголемување на индустриското производство, сепак се увезуваат градежни производи кои се произведуваат во нашата земја, како што се тулите, цементот, битуменски производи, арматура и друго. Посебно беше нагласено дека мора да се води контрола при увозот, пред се` заради самиот квалитет на производите, кои се вградуваат во нашите објекти. За таа цел, се заклучи да се побара средба со претставници на Царинската управа, со цел да се преземат мерки околу контролата на увезените производи и нивниот квалитет, не само покриени со документи, туку и со испитувања за потврда на квалитетот.

Градежниците се залагаат и препорачуваат општините во град Скопје да ги почитуваат заложбите за заштита од загадувањето, но исто така се залагаат, донесените мерки да не предизвикуваат застој во нивното тековно работење, од причина што на прагот е градежната сезона, а донесувањето на деталните урбанистички планови, издавањето градежни дозволи, претставуваат основа во нивното тековно работење. 

 

Марија Петроска  

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - ПОДДРШКА НА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ