ОДРЖАНА ВТОРАТА ТРЕНИНГ-ОБУКА НА ТЕМА: ПРИДОБИВКИ И ОБВРСКИ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ ЛИЦА СО ХЕНДИКЕП, НАМЕНЕТА ЗА КОМПАНИИТЕ

   

АКТУЕЛНО / 17.10.2017
👁 Прочитано: 381


ОДРЖАНА ВТОРАТА ТРЕНИНГ-ОБУКА НА ТЕМА: ПРИДОБИВКИ И ОБВРСКИ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ ЛИЦА СО ХЕНДИКЕП, НАМЕНЕТА ЗА КОМПАНИИТЕ

Во рамките на Проектот „Центар за вработување лица со хендикеп“, на 17.10.2017 година во Велес се одржа тренинг-обука за компаниите на тема:  „Придобивки и обврски при вработување лица со хендикеп“ во организација на Стопанската комора на Македонија, Регионалната комора со седиште во Велес и „Полио Плус – движење против хендикеп“. 

 

Првата тренинг-обука за напредно ниво наменета за компаниите беше одржана во Штип на 10.10.2017 година. Во ноември 2017 година предвидени се да се одржат уште две обуки за напредно ниво, наменети за компаниите и тоа во Прилеп и во Скопје.

Според истражувањата на Стопанската комора на Македонија, постои недоволна информираност на компаниите за различни прашања поврзани со вработувањето и задржување во работен однос на лицата со хендикеп. Тренинг-обуката беше наменета за компаниите, со цел да се информираат за соодветно приспособување и овозможување еднаков третман на лицата со попреченост.

Од Стопанската комора на Македонија, на тренинг обуката присуствуваше м-р Ирена Мојсовска, проектен координатор, која ги претстави проектните активности насочени кон институциите и компаниите кои имаат цел да придонесат за целосно вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси. 

Госпоѓа Жанета Попоска, експерт во оваа област, говореше за правната рамка за овозможување еднаков третман на лицата со попреченост, за мерките кои се потребни да се преземат од страна на работодавачите со цел да се овозможат непречени услови за работа. На обуката главен акцент беше ставен на елементите за соодветно приспособување за да се овозможи непречен пристап на лицата со попреченост. Како најважни се издвојуваат следните елементи: обврска за соодветно приспособување за промена на работната околина за вработен во инвалидска количка; префрлување на лицето во друга канцеларија, или место поблиску до неговиот дом или на приземје, како и можност да работат од дома; набавка или модифицирање на опремата; одобрување на вработениот со попреченост да има малку флексибилност во неговите работни часови; промена на тестовите и прашањата за интервју за работа; обезбедување толкувачи на гестов јазик и промена на дисциплинските и жалбените процедури и постапки. 

На крајот на обуката беа презентирани и пет студии на случај, по што беше развиена дискусија од страна на присутните кои ги изнесоа своите искуства и предлози поврзани со вклучувањето на лицата со хендикеп на пазарот на труд.

На настанот присуствуваа околу 30-тина учесници од повеќе сектори и тоа: трговија, производство на месо, земјоделие и прехрана, метална и електроиндустрија, угостителство и туризам, текстил, осигурување, како и претставници од државните институции и агенции. 

Преку овој Проект ќе се таргетираат компаниите кои се подготвени и сакаат да вработат лица со хендикеп, или, пак, веќе имаат вработено такви лица. Постои цел сет на активности што се насочени и кон институциите и компаниите, со цел да се отворат нивните врати за целосно и ефективно вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси.

Проектот е финансиран од Европската комисија, спроведувач е Министерството за финансии - Сектор за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД), заедно со Стопанската комора на Македонија, како координатор на Проектот,  „Полио Плус“ - партнер во Проектот, како и Министерството за труд и социјална политика, како координатор на Програмата за социјална инклузија.

Ирена Жарова