ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
15.09.2017 👁 Прочитано: 970

ОДРЖАНА ЧЕТВРТАТА ПО РЕД ИНФОРМАТИВНА СЕСИЈА И ВО КАВАДАРЦИ НА ТЕМА: ПРИДОБИВКИ И ОБВРСКИ НА КОМПАНИИТЕ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ ЛИЦА СО ХЕНДИКЕП


Во рамките на Проектот „Центар за вработување лица со хендикеп“, на 15.9.2017 година во хотелот „Фени“ во Кавадарци, се одржа четвртата по ред информативна сесија на тема: „Придобивки и обврски на компаниите при вработувањето лица со хендикеп“, во организација на Стопанската комора на Македонија, Регионалната комора со седиште во Кавадарци и „Полио Плус – движење против хендикеп“.

 

Првите три информативни сесии беа одржани во Скопје (22.6.2017), Штип (27.6.2017) и Велес (4.7.2017) на истата тема за што беа запознаени голем број на компании за придобивките и обврските што ги имаат при вработувањето на лицата со хендикеп.

Според истражувањата на Стопанската комора на Македонија, постои недоволна информираност на компаниите за различни прашања поврзани со вработувањето и задржување во работен однос на лицата со хендикеп. Оваа информативна сесија беше наменета токму за информирање и запознавање на  компаниите во насока на создавање инклузивна и разновидна работна сила.

Ирена Мојсовска од Стопанската комора на Македонија, проектен кординатор, ги поздрави присутните и ги претстави активностите насочени кон институциите и компаниите кои имаат цел да придонесат за целосно вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси.

- Ќе се настојува да се  отворат сите работни процеси за лицата со хендикеп во заинтересираните компании, затоа што сме свесни дека колку што се битни знаењата и вештините на лицата со хендикеп, толку е и битно да се вклучат компаниите и нивните менаџерски тимови за целосна и ефективна инклузија на лицата со хендикеп – истакна Ирена Мојсовска од Стопанската комора на Македонија.

Проф. д-р Лазар Јовевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, зборуваше за различни аспекти поврзани со предизвиците при создавање   инклузивен пазар на труд, при што во првата сесија ги објасни  придобивките и  бенефициите за компаниите кои вработуваат лица со хендикеп, институционалната поставеност на системот за поддршка на вработување на лица со хендикеп, а во втората сесија ги истакна прашањата на еднаквост и недискриминација при вработување лица со хендикеп, разумното приспособување на работното место и улогата на организациите на лица со хендикеп во фацилитирање на процеси.

Околу 15-тина учесници земаа учество на информативната сесија од повеќе сектори: производство на вода и безалкохолни пијалоци, откуп на грозје, ланец на супер маркети, енергетика и трговија со електрична енергија,  производство на цевки, производство на картонска и дрвена амбалажа, транспорт и консултански услуги,производство на санитетски производи,автомобилска индустрија, кои имаа можност да се вклучат во дискусија и да ги изнесат своите искуства и предлози поврзани со вклучувањето на лицата со хендикеп на пазарот на труд.

Преку овој Проект ќе се таргетираат компаниите кои се подготвени и сакаат да вработат лица со хендикеп, или, пак, веќе имаат вработено такви лица. Постои цел сет на активности што се насочени и кон институциите и компаниите, со цел да се отворат нивните врати за целосно и ефективно вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси.

Проектот „Центар за вработување лица со хендикеп“ е едногодишен проект на Стопанската комора на Македонија и „Полио Плус – движење против хендикеп“ кој има за цел да ги подготви лицата со хендикеп за работа во компаниите и да ги информира и подготви компаниите за вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси, обуки и активности во компаниите.

Тања Мицева

ОДРЖАНА ЧЕТВРТАТА ПО РЕД ИНФОРМАТИВНА СЕСИЈА И ВО КАВАДАРЦИ НА ТЕМА: ПРИДОБИВКИ И ОБВРСКИ НА КОМПАНИИТЕ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ ЛИЦА СО ХЕНДИКЕП