1030 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
23.06.2017 👁 Прочитано: 150

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјaли и неметалите - НАТРУПАНИТЕ ПРОБЛЕМИ ОД ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА, ИЗНЕСЕНИ ПРЕД МИНИСТЕРОТ СУГАРЕСКИ


Во присуство на министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите одржа седница на која се расправаше за актуелните состојби во градежништвото и за насоките за наредниот период.

Поздравувајќи ги присутните, министерот искажа задоволство што е повикан на седницата на Здружението, потенцирајќи дека сака повеќе да слуша отколку да зборува, од причина што сака да остави простор членките на Комората да ги кажат проблемите со кои се соочуваат во тековното работење. „Министерството секогаш ќе биде отворено за соработка и ќе се изнаоѓаат решенија за надминување на проблемите, било да се решенија од краткорочен или подолгорочен рок“, истана министерот Сугарески.

Во обемната и плодна дискусија, од сите присутни, на самиот почетокот беше искажано задоволство што за кратко време се организира оваа седница и што се расправа во присуство на министерот за транспорт и врски, а присутните се од компании кои претставуваат движечка сила на македонското градежништво, кое пак од друга страна со себе повлекува околу 25 други стопански гранки.

Во дискусијата најмногу се говорeше за законската регулатива, за која се предлага дерегулација, бидејќи честите измени на законите од областа на градежништвото, но и други закони придонесоа за неусогласеност на повеќе одредби, кои имаат негативно влијание во работењето на компаниите. Се предложи дека дури и подзаконските акти треба дополнително да претрпат измени.

Најмногу се говореше за честите измени на Законот за градење, кој за 7 години претрпе околу 25 измени, или просечно се носени измени и дополнувaња на секои три месеци. Истото се случува и со другите закони. Законот за јавни набавки треба да биде во приоритетите за брза измена, посебно негативното наддавање, кое се покажа дека влијае врз квалитетот, било за проектирање, било за изведба. Исто така се предложи менување на критериумите на бодирањето, каде цената не треба да биде единствен услов да се добие работата, туку да се имаат предвид стручноста, квалитетот, опремата, рокот на завршување на работите, а цената да биде последниот критериум. При сето тоа, треба да се имаат предвид наши производители и наши изведувачи, а не да се форсираат странски компании, а потоа нашите фирми да се јавуваат како нивни подизведувачи.

Како посебен проблем кој беше истакнат е увозот на градежни материјали, без да се води сметка за квалитетот на истите и покрај тоа што некои материјали имаат и „CE“ ознака. Овде подеднакво треба да бидат вклучени како царинските служби, така и пазарна инспекција, но и самите надзори на објектите. Со заедничка акција би се задржал квалитетот на објектите, но и на некаков начин штитење на домашното производство, доколку имаме производство во нашата земја.

Промени мора да се направат и при подготовка и објавување на тендери каде се` уште се користат МК-стандарди, а треба да се применуваат веќе усвоените ЕУ-стандарди. За таа цел, неопходна е целосна координација меѓу проектантите, инвеститорите и изведувачите, но и производителите на градежни материјали. 

Претстои голема активност во Здружението на градежништвото, со вклучување на целокупниот расположив стручен кадар од компаниите, кои заеднички ќе се наметнат за промена на законската регулатива, а со тоа ќе се создадат услови за ред во работењето.

На крај е заклучено да се систематизираат сите прашања и да се достават до Министерството, но и да се побара одржување на состанок и со заменик на претседателот на Владата на РМ, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Марија Петроска

Здружение на градежништвото, индустријата  на градежни материјaли и неметалите - НАТРУПАНИТЕ ПРОБЛЕМИ ОД ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА, ИЗНЕСЕНИ ПРЕД МИНИСТЕРОТ СУГАРЕСКИ