1030 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
01.06.2017 👁 Прочитано: 151

Групација на агрегати, бетони и асфалти - РЕГУЛИРАЊЕТО НА РЕЧНИТЕ КОРИТА ЗАПОСТАВЕНО ВО ПОСЛЕДНАВА ГОДИНА


Групацијата на агрегати, бетони и асфалти при Стопанската комора на Македонија, согласно Заклучокот од седницата (5.4.2017 година) на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, продолжи да одржува состаноци со концесионери на агрегати (варовници) од битолскиот, прилепскиот, кавадаречкиот, велешкиот и гевгелискиот регион. На состанокот се расправаше за новините во Законот за градежни производи, кои се однесуваат посебно за производителите, односно концесионерите на агрегати или компании кои согласно одлука се вклучени во регулирањето на речните корита. 

Во присуство на голем број заинтересирани концесионери, претставници на Комората и на телата за сертификација, беше направена презентацијата: „Концепт на контрола на градежните производи согласно Законот за градежни производи и националните (европски) стандарди“, подготвена од страна на претставници од „ГЕИНГ“- Скопје, Градежниот институт „Македонија“ (ГИМ) - Скопје и Заводот за испитување на материјалите (ЗИМ) – Скопје. Презентери беа Златко Илиевски од „ГИМ“- Скопје, Лилјана Силјаноска од „ЗИМ“- Скопје и Марјана Топаловска Ангелевска од „ГЕИНГ“ - Скопје.

Во презентацијата беше нагласено дека со измените на Законот, обврските сега се на страна на производителот, а документот „Атест“ се заменува со „Изјава за својства“, која ја издава самиот производител. Претходно производителот треба да изработи Прирачник за квалитет и други документи со кои ја дефинираат организацијата и организационата структура со распределени одговорности и меѓусебни врски на целиот персонал кој е вклучен во работењето.

Меѓутоа, претходно е потребно производителот да преземе одредени активности околу обезбедување на лабораторија за вршење мерења и тестирање и обучен кадар, односно почетните испитувања кои може да ги прави сам или да обезбеди надворешна лабораторија. За да издаде изјава за својства, неопходно е да има и Сертификат за сообразност на Фабричка контрола на производството (ФКП), издаден од страна телата за сертификација, со што се создадени услови производот да се пласира на пазарот, односно да може да се користи за натамошно производство на градежен материјал, како што е бетонот, асфалтот, малтерите и друго.

Во обемната дискусија беа поставени повеќе прашања околу самиот процес на контрола на квалитетот, како и кога се користи акредитирана лабораторија, а кога се вклучуваат телата за сертификација.

Посебно беше покренато прашањето околу застојот во продолжување на дозволите на фирмите кои се вклучени во регулирање на речните корита, при што  се вади и квалитетен песок и чакал кој е нанос од реката и има примена во производството на градежен материјал. Реакцијата беше насочена кон Министерството за животна средина и просторно планирање, кое е надлежно за водите. И покрај изработени и доставени проекти за регулирање на речното корито и вадење на песок, како што беше истакнато, за жал, нема продолжување на договорите, а од друга страна се прават штети од наносите на песокот, кои достигнуваат во зависност од регионот и преку стотици илјади евра.

Предложено е да се организираат компаниите и да се закаже состанок со надлежното Министерство, со цел овој застој колку може побрзо да се надмине.

На крајот на состанокот се заклучи презентацијата да се достави до сите присутни, а дополнителните прашања и предлози можат да се доставуваат до Стопанската комора на Македонија, како и до одговорните лица во телата за сертификација.

Марија Петроска

Групација на агрегати, бетони и асфалти - РЕГУЛИРАЊЕТО НА РЕЧНИТЕ КОРИТА ЗАПОСТАВЕНО ВО ПОСЛЕДНАВА ГОДИНА