ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
05.04.2017 👁 Прочитано: 305

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали - АГРЕГАТИТЕ ПОДЛЕЖАТ НА КОНТРОЛА НА ФАБРИЧКОТО ПРОИЗВОДСТВО, СПРОВЕДЕНО ОД ПРОИЗВОДИТЕЛОТ


Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите одржа состанок (5.4.2017 година) со компании кои имаат концесии за експлоатација на минерални суровини  -  варовници, кварц, песок и чакал на повеќе различни локации, со цел да се изнесат одредбите од Законот за градежни производи, кои воведуваат промени во начинот на контролата на производството кај градежните производи, на начин што се дава многу поголема одговорност на производителот на градежен производ во поглед на контролата на квалитетот и одржување на постојаност на својствата на градежниот производ.

На состанокот беа презентирани обврските на производителите на агрегат согласно Законот за градежни производи, со посебен акцент на обврските на производителот пред агрегатот да биде пуштен на пазарот, од причина што Законот е донесен пред две години (2015 година), а агрегатите преставуваат основна суровина во производството на сите градежни материјали како што се: бетон, бетонски елементи, малтери, асфалти и други производи.

 

Според званичните статистички податоци, во последните две до три години, производството на варовнички камен се движи од околу 1.000 илјади до 1.110 илјади тони, потоа на песок за градежништво околу 120 илјади до 150 илјади тони, а кршен камен или дробен камен кој се употребува како агрегат за бетон, за насипување на патишта и за други намени се движи од 350 илјади до 400 илјади тони.  Само за мала споредба, кршен или дробен камен во 2012 година имавме производство од околу 60.000 тони, а во 2013 година околу 100 илјади тони. Зголемувањето на производството секако е поврзано и со зголемените инвестиции во изградба на капитални инфраструктурни објекти, но и изведба на објекти од високоградбата.

За состанок, беше подготвена презентација изработена од страна на работната група во состав: Марјана Топаловска Ангелевска од ГЕИНГ, Златко Илевски од ГИМ и Лиле Силјаноска од ЗИМ, кои имаат големо искуство во имплементација на Законот, а посебно и искуство стекнато во испитувањето на градежните материјали, работејќи во лабораториите во нивните компании.

Презентацијата поттикна и отвори многу прашања, при што беше посебно потенцирано дека со новите законски одредби, поголема одговорност има самиот производител, кој треба сам да го контролира континуирано квалитетот на агрегатот, било со сопствена лабораторија или да ангажираат акредитирана лабораторија.


 
За да може да го пласира својот производ на пазарот, треба производителот да добие оценка и потврда на својствата на градежниот производ која ја спроведува овластено лице од страна на именуваното Тело за сертификција, односно ова Тело треба да направи почетна контрола (инспекција) на производството и фабричка контрола на производството (ФКП), но и да има постојан надзор, оцена и контрола (евалуација) на фабричкото производство.
 
Беа изнесени повеќе дилеми, како што се испитувањата за абење, нивните минеролошки петрографски анализи и нивна примена и друго.

Околу овие стручни податоци и анализи догорено е компаниите да се консултираат со акредитираните лаборатории. 

Имајќи во предвид дека на денешниот состанок, се отворија повеќе прашања за кои треба натамошна едукативна расправа, господинот Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, предложи натамошната активност да се води во рамките на Групацијата на агрегати, бетони и асфалти (ГАБА). За таа цел, предложи да се избере нов претседател на Групацијата на агрегати, бетони и асфалти од причина што претходниот претседател, господинот Иван Ангелов од Цементарница Усје – Скопје, подолго време е на друго работно место, и неговите обврски се насочени кон темата за безбедност и здравје при работа. Во името на Стопанската комора на Македонија, името на членките на Комората, како и во свое име, упати јавна благодарност за неговиот ангажман и придонес за промовирање на Групацијата на агрегати, бетони и асфалти или скратено ГАБА.

Во овој момент, истакна Серафимовски, без да има конфликт на интереси, а во консултации со повеќе стручни лица, да биде предложен Никола Крајчевски, вработен во Синтек Специфик - Скопје кој има големо искуство во областа за која е формирана и Групацијата – ГАБА. Предлогот беше едногласно усвоен. 

Марија Петроска

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали - АГРЕГАТИТЕ ПОДЛЕЖАТ НА КОНТРОЛА НА ФАБРИЧКОТО ПРОИЗВОДСТВО, СПРОВЕДЕНО ОД ПРОИЗВОДИТЕЛОТ