Регионалните комори со седиште во Кичево и во Велес организираа деловни средби меѓу компаниите од двата региона - ВОСПОСТАВЕНА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ФИРМИТЕ

   

➤ Актуелно (24.03.2017)
👁 Прочитано: 473


Регионалните комори со седиште во Кичево и во Велес организираа деловни средби меѓу компаниите од двата региона -  ВОСПОСТАВЕНА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ФИРМИТЕ

Регионалните комори со седиште во Кичево и во Велес организираа деловна средба меѓу компаниите од двата региона со цел зголемување и интензивирање на соработката (24.3.2017 година). Средбата се одржа во Регионалната комора со седиште во Кичево, а на која присуствуваа  претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево Игор Соколески и претседателот на Регионалната комора со седиште во Велес Георги Чадиев, претставници од Југозападниот плански регион и Вардарскиот плански регион, како и над 20-тина компании од двата региона, кои ги вклучуваат општините Кичево, Велес, Македонски Брод, Чашка, Пласница и Градско.

 

Во своето обраќање Игор Соколески ги поздрави присутните и им заблагодари за покажаниот интерес за соработката, при што  потенцираше дека  бенефитот од  досегашните средби е значаен фактор за поуспешна комуникација меѓу компаниите од двата региона. Тој исто така ја истакна  и целосната поддршка од Општина Кичево во делот на интензивно заедничко дејствување се` со цел да се воспостави подобра бизнис клима и зајакнување на капацитетите за поголема профитабилност во заедничкото работење.  

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Велес Георги Чадиев  пред присутните се заблагодари за поканата за оваа деловна средба и пред присутните накратко го претстави функционирањето на фирмите во велешкиот регион во соработка со Регионалната комора  и интензивната соработка со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со единиците од локалната самоуправа на Општина Велес

Во своите излагања претседателите од двата региона како најголем проблем во работењето го истакнаа недостатокот на работна сила  и побараа да се воспостави ист третман на домашните и на странските компании во Р. Македонија.

Заменик на градоначалникот на Општина Кичево, Рамиз Речепи, истакна дека за Кичево и Велес е од заеднички интерес со стопанскиот сектор за се зајакне и продлабочи соработката меѓу  стопанството и локалната самоуправа, при што ја истакна поддршката од локалната самоуправа. Исто така, кажа дека во Општина Кичево има и две локални индустриски зони, една индустриска зона која е сместена во Иванидол, каде веќе  работат неколку домашни инвеститори, другата индустриска зона е Кашејца во Карбуница и ТИРЗ Кичево развојната технолошка зона, каде работи фабрика од автомобилската индустрија.

Во Општина Кичево е формиран и  Локално економски социјален советот кој ќе биде поттикнувач и ќе даде нови идеи и инвестиции и проекти на локално ниво.

 

Душица Малинова, претставник од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион истакна дека Регионалната комора со седиште во Велес и Бизнис канцеларијата на Вардарскиот плански регион се во постојана соработка и организација на повеќе заеднички настани, обуки, семинари инфо-сесии, се` со цел да му се помогне на бизнисот во Вардарскиот регион полесно да дојде до информации за да може да ги искористи средствата кои ги нудат европските програми.

Арбриша Влаши, претставник на Југозападниот плански регион ја претстави работата и поддршката на малите и средни претпријатија од овој регион.

Оживување на економијата во внатрешноста на државата е главниот мотив на Стопанската комора на Македонија за ваквиот вид на меѓурегионална соработка која ќе се интензивира во иднина. Регионалните комори, освен интензивирање на меѓусебната  соработка со цел освојување на нови пазари, имаат намера да ги поддржат компаниите и во искористување на средства од програмите на Европската унија, како и заеднички настап на саеми во опкружувањето и настапи на трети пазари.

Присутните деловни луѓе ги презентираа своите компании и своите интереси за соработка. На оваа средба застапени беа компании од областа на прехранбената индустрија, градежништвото, металургијата и трговијата. Бизнисмените разменија  искуства и мислења за мерки кои се потребни да се преземат за подобрување на климата за инвестирања, а го посочија и проблемот со недостатокот на квалификувана работна сила според потребите на стопанството. Исто така, деловната средба беше искористена како директна можност за воспоставување меѓусебна соработка.

На крајот на средбата присутните ја посетија Индустриската зона „Иванидол 2“ во Кичево каде има 20-тина домашни инвеститори.

Дијана Лазороска Јованоска
Ирена Жарова