1030 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
13.03.2017 👁 Прочитано: 197

НАЈАВА НА ТРКАЛЕЗНАТА МАСА: СИГУРНОСТ ВО СНАБДУВАЊЕТО СО СТОКИ И НАФТЕНИ ДЕРИВАТИ - МОЖНОСТИ И АЛТЕРНАТИВИ


Како резултат на честите блокади кои условија застои и нефункционалност во превозот на стоки во патниот и во железничкиот сообраќај кон Република Грција, а во насока на наоѓање решенија за надминување на ваквите состојби, Стопанската комора на Македонија на 16 март 2017 година (четврток) ќе биде домаќин на тркалезна маса на тема: „Сигурност во снабдувањето со стоки и нафтени деривати - можности и алтернативи“, најави извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, д-р Јелисавета Георгиева (13.3.2017 година). Целта на тркалезната маса, како што беше посочено, е да се презентираат главните прашања поврзани со сите предизвици, можности и расположливи решенија во сигурноста на снабдувањето со стоки и нафтени деривати кои се неопходни за тековните потреби на стопанството, како и да се укаже на последиците од ненавремените испораки на стоките до крајните дестинации, како значителен проблем за планираното тековно работење на компаниите кои редовно имаат извозно-увозни активности и што негативно се одразува на стопанството во целина.

- Во услови кога имавме целосна блокада на граничниот премин Евзони која траеше полни три недели, единствен позитивен момент беше нормалното одвивање на превозот со железницата и со оперативноста на премините Меџитлија, Ново Село и Делчево, кои од друга страна пак немаат соодветни технички услови за потребниот увоз на акцизна стока, - подвлече д-р Георгиева. По завршувањето на оваа блокада, односно по пуштањето на преминот Евзони во функција, компаниите веќе наредниот ден се соочија со нов проблем, целосен прекин на железничкиот сообраќај во времетраење од две недели. Во вакви услови компаниите беа оневозможени редовно да ги реализираат и да ги планираат своите извозно-увозни активности, што им предизвика штети по повеќе основи, односно ниту можеше навремено да се превезе суровината кои компаниите ја набавуваат за производниот процес, ниту навремено да се испорача готовиот производ кој е планиран да се извезе за потребите на клиентите од странство. Нарушувањето на динамиката беше условено и со барања за плаќање на пенали за задоцнета испорака, со што трошоците на компаниите дополнително се зголемуваа. Интензитетот на штетите, гледано по одделни дејности е различен, зависи од тоа дали се работи за  расиплива стока, акцизна стока, стока која согласно својата природа може единствено да се превезе со железница итн. Затоа во решавањето на проблемите кои се јавуваат од каков и да било вид на блокади мора да се даде врвен приоритет, истакна извршниот директор на Комората.

Како земја без излез на море и без директен пристап до главните морски пристаништа, со „слепи“ завршетоци на правецот исток-запад, имаме огромен интерес од целосна инфраструктурна функционалност на Коридорот 10. Соодветно на тоа, за македонските компании посебно значење има непречениот пристап и до Солунското пристаниште. Во таа насока беше и информацијата на претседателот на Македонската транспортна асоцијација, господинот Иван Петровски, кој истакна дека  Грција ќе понуди две новини за новиот начин на функционален транспорт, а кои ќе влијаат на економското намалување на разликите и приближување до македонското стопанство. Станува збор за заокружување на процесот на приватизација на Солунското пристаниште, односно негово давање под концесија, како и либерализација на пристапот кон грчката железничка инфраструктура и влез на приватни оператори.

На тркалезната маса ќе се отвори и прашањето за инфраструктурниот капацитет на повеќе гранични премини, со цел намалување на штетите кои не се само од економски карактер, туку и безбедносен, посебно кога се работи за непречено снабдување со нафта и нафтени деривати, истакна претседателот на Здружението на енергетиката, д-р Ристо Јаневски.

За да се поткрепат значењето и потребата од навремена испорака на стоки од и до Грција, може најдобро да се илустрира преку податоците за остварената надворешно-трговска размена, според која во периодот јануари-декември 2016 година, Република Грција е четврт партнер на Македонија, чие учество во вкупната размена изнесува 5,7%. Вкупната размена меѓу двете земји минатата година достигна вредност од 660,5 милиони САД$, при што, остварениот извоз е во вредност од 163,3 милиони САД $, додека увозното салдо изнесува 497,2 милиони САД $. Во структурата на извозот во Грција најзастапени се металуршките производи, во вкупен износ од 57 милиони САД долари, што претставува една третина од вкупниот извоз во Грција, по што следи тутунот со 27 милиони САД долари, текстилните производи во вредност од 20 милиони САД долари и мермерот со 10 милиони САД долари. Во структурата на увозот од Грција најзастапени се нафтените масла и масла добиени од битуменозни минерали и преработки во вредност од 278 милиони САД долари, по што следат суровините кои се користат во металургијата и металопреработувачката индустрија во вкупен износ од 55 милиони САД долари.

На тркалезната маса свои презентации ќе имаат и господинот Јаннис Геруланос, главен извршен директор на „ОКТА“ АД - Скопје, кој ќе говори на тема: „Сигурност во снабдувањето со нафтени деривати во Република Македонија“; д-р Ристо Јаневски, претседател на Здружението на енергетиката, со обраќање за „Синџирот на снабдување на „ОКТА“ АД - Скопје – предизвици и алтернативи“ и господинот Иван Петровски, претседател на Македонската транспортна асоцијација, кој ќе се осврне на темата: „Сегашните состојби и новите предизвици во транспортот на стока од Солунското пристаниште“.

 

Билјана Пеева-Ѓуриќ

НАЈАВА НА ТРКАЛЕЗНАТА МАСА: СИГУРНОСТ ВО СНАБДУВАЊЕТО СО СТОКИ И НАФТЕНИ ДЕРИВАТИ - МОЖНОСТИ И АЛТЕРНАТИВИ