ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ВЕЛЕС

   

АКТУЕЛНО / 21.12.2016
👁 Прочитано: 358


ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ВЕЛЕС

На 20.12.2016 година се одржа Четвртата пленарна седница на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Велес, на којашто присуствуваа околу 20-ина фирми-членки на Регионалната комора со седиште во Велес.

Пред присутните стопанственици своја презентација имаше м-р Анета Трајковска  за поволностите на компаниите од добивањето сертификат за деловно работење Excellent SME MACEDONIA. Главната цел на сертификатот, која се совпаѓа со ЕУ-директивите, е да се промовираат малите и средни компании, да се обезбеди и да се осигури бизнисот, да се подобрат добрите бизнис-практики и да се зголеми пазарната транспарентност. Исто така, тоа ќе им помогне на клиентите и бизнис-партнерите да го намалат финансискиот и другите ризици кога склучуваат деловни договори.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Велес, Георги Чадиев отвори дискусија за поволностите и предностите од работењето на странските  инвеститори во Република Македонија во однос на домашните компании. Основен проблем во политиката на привлекување директни странски инвестиции се слабата поврзаност на странските инвестиции со домашните компании. Пред присутните  м-р Анета Трајковска ги презентираше заклучоците усвоени на Седницата на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија во кои е наведено дека  Комрата ќе се залага за носење мерки на економската политика со кои ќе се стимулира партнерството помеѓу странските производствени компании што работат во Република Македонија, локалните мали и средни претпријатија и за поголема транспарентност на политиката за поддршка на привлекувањето директни странски инвестиции преку политиката на субвенционирање, како и обезбедување рамноправен третман на домашните со странските инвеститори и тоа, пред се` преку: рамноправен третман на домашните компании со странските во делот на поддршка на извозни програми, за што треба да се изгради соодветна системска регулатива, субвенционирањето на странските компании со субвенции по основ на државна помош - вработување и стручно оспособување да се однесува само за нови вработувања преку Агенцијата за вработување на РМ, а не преку преземање на вработен квалификуван кадар од други компании и субвенционирање и на домашните компании со државна помош во делот на вработување и стручно оспособување. Исто така истакна Трајковска, Стопанската комора на Македонија ќе се залага за системска поддршка фокусирана исклучиво врз странски директни инвестиции во производни индустриски капацитети, со интензивни активности за привлекување на greenfield инвестиции, имајќи предвид дека клучот на успехот за развој на македонската економија се инвестициите во преработувачката индустрија со високо додадена вредност и тоа преку:

• еднаква системска поддршка (даночни олеснувања, царински олеснувања, помош со покривање на дел од оправданите трошоци за отворање на нови работни места и за усовршување на вработените, поврзани со вложувањето) за домашните и за странските инвестиции во преработувачката индустрија, како за инвестициите во зоните, така и за инвестициите надвор од рамките на индустриско-технолошките развојни зони, имајќи предвид дека инвестициите на приватниот сектор, вклучувајќи домашни и странски директни инвестиции, се клучниот главен поттик за економски развој, за отворање нови работни места и развој на македонската економија;
• за привлекување и генерирање на инвестиции од приватниот сектор, потребна е рамка на услови, како законска рамка подеднаква за домашните и странките инвестиции, со ефикасни и применливи процедури со кои ќе се создадат услови да се максимизираат економските вредности и да се отворат нови работни места од инвестициите на приватниот сектор, фокусирани на производно-извозните капацитети

 

Претседателот Георги Чадиев пред присутните ги презентираше Предлог-програмските насоки на Регионалната комора со седиште во Велес за 2017 година и ги информираше за потпишаните меморандуми за соработка помеѓу Регионалната комора со седиште во Велес и Општина Велес и Центарот за развој на Вардарски плански регион.

Ирена Жарова