ОДРЖАН БЕСПЛАТНИОТ СЕМИНАР ЗА МЕДИЈАЦИЈАТА КАКО ЕФИКАСЕН НАЧИН НА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ СО ПРЕДАВАЊЕ ВО КУМАНОВО

   

АКТУЕЛНО / 16.11.2016
👁 Прочитано: 1701


ОДРЖАН БЕСПЛАТНИОТ СЕМИНАР ЗА МЕДИЈАЦИЈАТА КАКО ЕФИКАСЕН НАЧИН НА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ СО ПРЕДАВАЊЕ ВО КУМАНОВО

На 16-ти ноември 2016 година пред повеќе од 30 учесници во Куманово, Стопанската комора на Македонија и Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) при Стопанската комора, продолжи со организација и реализација на циклусот на бесплатни семинари за медијација како ефикасен начин на решавање на споровите пред стопанствениците и останатите заинтересирани посетители од градот Куманово. На овој семинар кој е продолжение на агендата на Комората  со неколку месечна презентација на медијацијата беа потенцирани предностите на медијацијата, беше детално објаснета медијацијата во РМ согласно законските прописи, акцент беше ставен на тоа кои се медијабилни/немедијабилни предмети и беа детално и практично објаснети почетокот на постапката на медијацијата, текот и завршувањето на постапката.

Како и на претходно реализираните семинари во Штип, Кавадарци, Кичево, Охрид, Прилеп, Битола, Скопје, Велес и Гевгелија така и сега од сите дискусии на учесниците во Велес произлегуваат и одредени прашања кои се јавуваат при практична примена на медијацијата и потребата од усогласување на повеќе закони со Законот за медијација.

Во Куманово пред одржување на семинарот,  Регионалната комора со седиште во Куманово одржа и своја редовна седница на која се дискутираше за програмските активности за 2017 година.

Стопанската комора на Македонија ја поддржува медијацијата, со главна цел популаризација на овој ефикасен начин на вонсудско решавање на споровите. Со популаризација и користење на медијацијата би се растеретиле судските постапки и би се зголемила ефективноста во надминување на конфликтите во ставовите на страните, преку наоѓање решенија прифатливи за двете страни и нивна идна соработка поради доверливоста на постапката.

Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација во Република Македонија, прва започна со креирање и нудење на нова услуга во своето портфолио на активности, односно воведе поддршка за вршење на Медијација како за членките, така и нечленките.

За таа намена Комората отвори и канцеларија за вршење на дополнителните услуги.

Стопанската комора на Македонија продолжува со организација и реализација на циклусот на бесплатни семинари кои ги реализира со предавачи – лиценцирани медијатори, согласно последните промени на Законот за Медијација. Исто така со цел активно вклучување на сите заинтересирани страни во овој процес на поддршка на медијацијата, Стопанската комора на Макеоднија на 15.07.2016 година формираше посебна Асоцијација за поддршка на медијацијата (АПМ) при Комората каде освен лиценцирани медијатори, вклучени се експерти со познавање од оваа област, компании и други институции кои ќе работат на искористување на бенефитите од оваа алатка.

Со формирањето на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Македонија ќе продолжат сите активности за промоција и поддршка на медијацијата преку разни начини, алатки и облици на промоција и тоа за сите фирми (и членки и нечленки на Комората) и за сите заинтетесирани страни во РМ.

* Задолжителен обид за медијација во стопанските спорови:

 (2) Во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000,00 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација.

(3) При поднесувањето на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеа.

(4) Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член ќе ја отфрли.
(Член 47 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка (Службен весник на Република Македонија, бр. 124 од 23.7.2015 година).


* Единствено лиценциран медијатор може да спроведе постапка за медијација:

 (1) Медијатор може да биде деловно способно физичко лице кое поседува лиценца за вршење на медијаторски работи (во натамошниот текст: лиценца за медијатор).

(2) Лиценца за медијатор му се издава на лицето кое ќе го положи испитот за проверка на теоретските познавања и практичните вештини на медијацијата (во натамошниот текст испит за медијатори) пред Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитет на работите на медијацијата (во натамошниот текст: Одборот) и ќе презентира склучен договор за осигурување од одговорност за штета согласно член 24, став (4) од овој Закон.
(Член 46, став 1 и 2 од Законот за медијација (Службен весник на Република Макединија, бр. 188 од 31.12.2013 година).

 

Листата на лиценцирани медијатори е објавена на веб-страната на Министерството за правда www.pravda.gov.mk.

Следниот бесплатен семинар за медијација ќе се одржи на 17-ти ноември во Тетово, а до крајот на месец ноември ќе се одржат семинари на темата за медијација во Струмица и Кочани.

Повеќе информации во Стопанската комора на Македонија во врска со медијацијата можете да добиете на тел. 02/3244-031. Лице за контакт д-р Јелисавета Георгиева.

д-р Јелисавета Георгиева