Групација за оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена – ЗАБРЗУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНИТЕ ДОЗВОЛИ

   

➤ Актуелно (20.10.2016)
👁 Прочитано: 1290


Групација за оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена – ЗАБРЗУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНИТЕ ДОЗВОЛИ

На седницата на Групацијата за оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена, одржана на 19.10.2016 година, беше разгледан  актуелниот Закон за оружје и беше констатирано дека се потребни значајни измени и дополнувања, согласно Европските директиви и анализираните тековни состојби во работењето на членките на Групацијата. Беше укажано дека се потребни измени и на другите закони, што се од интерес за компаниите – членки на Групацијата за оружје и опрема, како Законот за пиротехнички и други материјали и Законот за ловство. За таа цел, бизнис заедницата активно ќе се вклучи во работните групи од ресорните министерства за анализа и подготовка на квалитетни нови предлог-текстови за измени и дополнувања на предметните закони. 

Компаниите од оваа област, од наменското производство, трговијата и ловството се соочуваат и со тешкотии во примената, извршувањето и реализирањето на своите економски дејности согласно законите, подзаконските акти и повеќето правилници од надлежните министерства.

На седницата беше побарано соодветните државни институции редовно да ги извршуваат своите законски надлежности и обврски и во овој предизборен период. Доколку ресорните министерства редовно не ги издаваат бараните дозволи, компаниите ќе имаат многу тешкотии да ја остваруваат основната дејност, а со тоа и неможност да ги реализираат планираните приходи и исплата на платите на своите вработени и исплатата на други законски обврски.

Со проблемот за намалување, па дури и отсуство на промет со оружје во последните неколку месеци, членките на Групацијата за оружје и опрема кои се занимаваат со продажба на оружје се соочуваат подолго време. Според нивните сознанија, ваквата состојба е резултат на поголемите застои во постапките за издавање одобренија за оружје за физички лица, поради кое, подолго време обемот на продажба на оружје за ловно-спортски цели е сведен на минимум. Констатираната состојба е алармантна за компаниите кои се занимаваат со трговија со оружје, за што претходно ги имаат обезбедено сите потребни дозволи и лиценци, но поради застојот во постапките за издавање одобренија за оружје, во голема мера е намалена продажбата на оружје, а некои компании кои се занимаваат со трговија со оружје, воопшто и немаат промет, поради што се доведува во прашање нивното работење во иднина.

Лазо Ангелевски