ФОРМИРАНА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА ПОДДРШКА НА МЕДИЈАЦИЈАТА (АПМ) ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА

   

АКТУЕЛНО / 15.07.2016
👁 Прочитано: 1800


ФОРМИРАНА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА ПОДДРШКА НА МЕДИЈАЦИЈАТА (АПМ) ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА

Со донесувањето на Законот за медијацијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/13, 148/15, 192/2015 и 55/16) и започнувањето на процесот на лиценцирање на медијатори според новиот Закон, се создадоа и услови за поголема афирмација на медијацијата како алтернативен начин на решавање на споровите.

Со цел да се обезбеди поголема поддршка и промоција на активностите на медијацијата, а врз основа на поднесеното барање и иницијатива на фирми во насока на поддршка на медијацијата, на конститутивната седница која се одржа на 15.07.2016 година во Стопанската комора на Македонија, беше формирана Асоцијација за поддршка на медијацијата (АПМ) како форма на организирање и работење во рамките на Стопанската комора на Македонија.


Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Македонија користејќи ги капацитетите, логистиката и можностите на коморското поврзување и соработка со коморите од регионот, Европа и пошироко, по природата на своето основање, првенствено ќе се насочи кон поврзување и соработка со слични Асоцијации од земјата и странство, со цел размена на искуства заради давање на поголема поддршка на медијацијата, како и поврзување со Здруженијата и Асоцијациите во рамките на Стопанската комора преку организирање на заеднички активности, презентации и сл.. Секако оваа Асоцијација ќе работи на усогласување на интересите во рамките на дејноста, ќе има задача да  учествува и да разгледува предлози на закони и други прописи, да дава мислења и предлози по прашања од заеднички интерес на членовите на Асоцијацијата и да покренува иницијативи за донесување на закони и за измена и дополнување на истите, да иницира и остварува соработка по прашања од заеднички интерес на членовите со други асоцијации и здруженија во рамките на Комората, како и да остварува меѓународна соработка, во согласност со програмските активности и општите акти на Комората. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата ќе остварува соработка со Комората на медијатори на РМ и со сите заинтересирани институции од РМ за поддршка на медијацијата. Исто така, Асоцијацијата своите активности ќе ги насочува кон унапредување на бизнис-климата во земјата и поттикнување на имплементацијата на пред се директивите на ЕУ, препораките на Советот на Европа и др. релевантни меѓународни документи од оваа област, како и други активности од дејноста се` со цел за остварување на подобри резултати.

На конститутивната седница, за претседател на Асоцијацијата беше избрана д-р Јелисавета Георгиева. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата усвои и генерални програмски насоки за работа во следниот период на Асоцијацијата меѓу кои се повеќе активности за организирање на настани за промоција и популаризација на медијацијата како ефикасен начин на решавање на споровите.

Тргнувајќи од фактот дека во Коморите една од главните цели е и поддршка на арбитражата и медијацијата како алтернативни начини на ефикасно решавање на споровите, и Стопанската комора на Македонија давајќи целосна поддршка на овој процес ги поканува и ги повикува да се вклучат во оваа Асоцијација сите заинтересирани страни, фирми, екперти и соработници од институциите преку поддршката и заедничка поголема промоција на медијацијата, со нивното знаење и искуство да се пренесат информациите до што поголем број на компании за оваа алатка.

Д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска