ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
14.06.2016 👁 Прочитано: 844

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - ЗА КВАЛИТЕТЕН ГРАДЕЖЕН ПРОИЗВОД ПОТРЕБНО Е И ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА


Иницијативата за одржување на денешниот состанок (14.6.2016 година) е  покрената на повеќе состаноци на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, како и на Македонската асоцијација на рударството (МАР), при што се дискутираше за експлоатација на неметалните минерални суровини, нивната преработка, а пред се`, честата нелојална меѓусебна конкуренција, но и нелојалната конкуренција од така наречените „диви“ копачи.

Во насока на изнаоѓање решенија, разговарано е со ресорното Министерство за економија, посебно со Секторот за минерални суровини, подготвена е и Информација која е доставена до Владата на РМ, при што се направени измени во Законот за кривична постапка, но и измени на Законот за минерални суровини, и донекаде состојбата веќе е подобрена.

Сепак, со донесување на Законот за градежни производи, постои надеж дека сите субјекти кои се вклучени во експлоатација на неметални минерални суровини и почитувајќи ги одредбите, заедно со сопствените лаборатории или овластените лаборатории, ќе се успее да се елиминира нелојалната конкуренција и на крај ќе се добие квалитетна суровина која ќе има своја соодветна намена и ќе биде вградена во објектите.

За таа цел, одржан е состанок со инспекциските органи, односно со институции кои се надлежни за надзор на пазарот, контролата и инспекциски надзор, и тоа со претставници на Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (согласно Законот за градење), Министерството за финансии – Царинска управа, кои во соработка со Државниот пазарен инспекторат имаат надлежност согласно Законот за надзор на пазарот.

На повеќето состаноци беше договорено да се организираат едукативни работни средби, каде беа изнесени сите релевантни информации и постапки што треба да ги подготви концесионерот, во овој случај, само за агрегати (варовници, кварц, кварцити, песок и чакал и сл.).   

Според последните податоци добиени од Министерството за економија – Секторот за минерални суровини, посебно од Одделението за експлоатација на минерални суровини:
- вкупно се издадени 378 локации за концесии на метални и неметални минерални суровини;
- 205 локации се за неметали и тоа за: варовници, песок, чакал , кварц, кварцити, кои ги експлоатираат 157 компании, што значи дека некоја компанија има повеќе локации за експлоатација на овие неметални минерални суровини.

Според статистичките податоци, производството во последните три години се движи околу 1,2 милиони тони варовнички камен, потоа околу 42.000 до 90.000 тони кварц и кварцити, потоа околу 300.000 тони свеж бетон и околу 80.000 тони малтери.

На состанокот, Марјана Топаловска Анѓелевска, од „Геинг“ - Скопје, ги презентираше обврските на производителите на градежни производи, односно кои документи треба да ги подготви производителот за пласман на производот на пазарот, како и оцена и потврда на постојаноста на својствата на градежните производи (системите за оцена 1+, 1, 2+, 3, 4).

За производите од системите 1+ (тука спаѓа арматура, цемент....) и 2+ (агрегат за бетон, агрегат за малтер, агрегат за асфалтни мешавини, агрегат за толченички застор, агрегат за тампонски материјал, бетон, асфалтни мешавини....), оцената и постојаноста на својствата на градежниот производ, како и постојан надзор на фабричкото производство, покрај производителот, треба да се врши и од страна на тело за сертификација согласно МКС EN ISO/IEC 17065. Кога станува збор за производ агрегат (за производство на бетон, асфалтни мешавини, малтери и др.) тогаш се зборува за систем за оцена и потврда на својствата 2+. Тоа значи постојана проверка дефинирана со планот за контрола од страна на производителот и изработка на изјава за својства и потврда на изјавата за својства на градежниот производ (во случајов агрегат) од страна на тело за сертификација.

Тоа би значело секој каменолом треба да има план за контрола на фабричкото производство, каде е дефиниран типот на испитувања за докажување на својствата на производот во обем и фреквенција, за што повеќето од концесионерите не беа целосно запознаени.      

Во обемната дискусија беше нагласено дека вакви едукативни средби треба да се прошират и со надзорните инженери, кои имаат обврска и согласно Законот за градба, да вршат контрола на градежните производи кои се вградуваат во објектите.

На крајот на состанокот се заклучи дека информирањето треба да оди паралелно кај сите инволвирани субјекти, не само кај производителите и надзорите, туку и кај надлежните министерства за заокружување на регулативата и донесување на правилниците за технички спецификации, кои се неопходни за целосна имплементација на законите.

Во нашата земја има акредитирани лаборатории, но сепак, како што беше истакнато, веќе има во постапка за добивање решенија за именувани тела на одделни лаборатории, со што ќе се заокружи и целиот процес во контролата на квалитетот на самиот производ.   

Марија Петроска

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - ЗА КВАЛИТЕТЕН ГРАДЕЖЕН ПРОИЗВОД ПОТРЕБНО Е И ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА