ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
30.05.2016 👁 Прочитано: 867

ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО ИНОВАТИВНИ ПРОИЗВОДИ - РЕЦЕПТ ЗА ЛИДЕРСТВО НА ПАЗАРОТ


Пресот го водеше д-р Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанска комора на Македнија која на почетокот потенцира дека и во ситуации кога компаниите се соочуваат со предизвици дали поради проблемите со ликвидноста или наметнати фатори од окружувањето или пошироко, Комората се гордее со компаниите и секторите кои инвестираат не само во земјата, туку и во странство. 

-Земјоделско-прехранбениот сектор е еден од клучните сектори на македонската економија, и третиот најголем сектор по услугите и индустријата. Во периодот 2005-2015 година учеството на земјоделскиот сектор во вкупниот БДП е околу 12%, а заедно со преработувачката индустрија на земјоделски производи, учеството се зголемува на 16%, - истакна д-р Георгиева. Овој сектор има значителен придонес во вкупната надворешно-трговска размена, а релативниот удел на извозот на агро-прехранбени производи во последните 10 години се движи од 16% до 19%. Еден од главните потсектори во прехранбената индустрија е индустријата за производство на алкохолни, безалкохолни пијалаци и вода. Индустријата во последните години покажува постојано зголемување на производството, најмногу поради зголемената побарувачка на домашниот пазар. 

-Според статистичките податоци, во 2015 година производството на сокови во државата бележи раст од 4% во однос на 2014 година. Во истиот период производството на вода забележа зголемување од 25% во однос на 2014 година, - потенцираше д-р Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија. Д-р Георгиева додаде дека во Република Македонија во делот за производство на вода работат 26 компании со околу 1200 постојано вработени лица. Од нив, 13 се домашни компании со 24 различни брендови на вода, додека останатите се странски компании, во најголем дел од Србија, Хрватска, Италија, Грција и Косово.

-Денес со нас се присутни претставници на компанијата „Кожувчанка“ ДОО од Кавадарци, која е основана во 1995 година како семејна компанија и која е првата приватна компанија за полнење минерална вода во Македонија. На чело на оваа компанија е господинот Митко Јанчев, кој е воедно и претседател на Регионалната комора со седиште во Кавадарци - Комора отворена пред 2 години и Комора која е многу значајна за тој регион, особено како регион со голем извозен потенцијал. Во производното портфолио на „Кожувчанка“ постојат 5 бренда во кои компанијата контунуирано инвестира и во иновации и промоција, како основен предуслов за создавање производи со одличен квалитет, со цел зголемување на довербата кај потрошувачите и одговарање на предизвиците и барањата на европските стандарди. Последните инвестиции на компанијата според нивните податоци, изнесуваат околу 400.000 евра, - истакна д-р Георгиева. Со своите 125 вработени, компанијата има приближно 28% учество во вкупното производство на вода во Македонија и во текот на минатата година оствари учество од 10% во вкупниот извоз на вода која е застапена на пазарите во Либија, Израел, Австралија, Јордан, Ирак, Египет, САД и Канада. „Кожувчанка“ во изминатите 4 години евидентира континуиран раст од над 7% и перманентно инвестира во производниот процес со цел одржување и унапредување на степенот на квалитетот на производите и услугите, истовремено покажувајќи висока свест и грижа за природата и за намалувањето на произведениот отпад.

-Инвестициите во иновативните производи се во делот на ласерското одбележување на амбалажата, првично кај „Изворска“, а потоа и кај другите брендови, во системот на свежо точено пиво директно од пиварницата, во новата амбалажа на ладните чаеви и на газираните пијалаци кои отсега ќе се продаваат и во лименка, подвлече Ратко Мицев, раководител за маркетинг, планирање и унапредување на продажбата во „Кожувчанка“ ДОО – Кавадарци.

 

Васко Ристовски

ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО ИНОВАТИВНИ ПРОИЗВОДИ - РЕЦЕПТ ЗА ЛИДЕРСТВО НА ПАЗАРОТ