ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
30.03.2016 👁 Прочитано: 868

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - НА ЗАЕДНИЧКА МАСА СО СИТЕ НАДЛЕЖНИ ИНСПЕКЦИСКИ ИНСТИТУЦИИ


Во организација на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, на 30.3.2016 година, во Комората се одржа состанок, на кој покрај членките, присуствуваа и претставници на Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Царинската управа и Инспекцискиот совет на РМ. Темата на состанокот беше што нуди новиот Закон за градежни производи, како и кои документи треба да ги подготви производителот, односно увозникот за пласман на производот на пазарот?

 

Како што истакна претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, овој состанок е свикан на барање на членките на Здружението, од причина што досега многу пати е разговарано на оваа тема, но без присуство на институциите кои се надлежни за инспекциски надзор.

Покрај расправите на седници на Здружението, како што истакна Марија Петроска од Комората, повеќе пати беа одржувани и едукативни семинари на кои се дискутираше за законските решенија кои мора да се почитуваат од страна на производителите и увозниците на градежни материјали.

Последниот семинар насловен како „Најновите измени во законската регулатива за градежни производи“, беше одржан во ноември 2015 година на кој интерес искажаа компаниите кои сепак имаат познавање на законската регулатива и подзаконските акти, но и европските стандардите кои треба да се имплементираат во производството.

На состанокот беа изнесени и податоци за градежната индустрија, посебно за суровинската база. Согласно Законот за минерални суровини, заклучно со март 2016 година во Македонија се доделени вкупно 376 концесии. Една фирма може да има и повеќе концесии за која и да било минерална суровина.

Од вкупните концесии, 28,5% или 107 локации се концесии за варовници, 6,9% (26 локации) за кварц и кварцити, 24% (24 локации) за песок и чакал (овде не се вбројуваат компаниите кои имаат решенија за регулирање на речните корита, како и така наречени диви копачи), 3,2% (12 локации) за метали и околу 55% (207 локации) за останати минерални суровини (мермери, фелспад, гипс, минерални води и други).

Од страна на м-р Соња Черепналковска од ИСРМ беа презентирани одредби во Законот за градежни производи кои се однесуваат за условите за пуштање на производот на пазар, означување на „СЕ“ ознака, обврски на економските оператори, надзорот и контролата на пазарот и друго. Посебно внимание и интерес предизвикаа изјавата за својства, како и техничките упатства кои се составен дел на изјавата за својства. Исто така, беа презентирани различни примери на изјавите за својства, меѓутоа, како што беше нагласено, содржината е пропишана согласно Законот.

Од страна на Златко Илиевски од Градежниот институт „Македонија“ беа презентирани Системите за оценка и проверка на постојаност на својства 1, 1+ и 2+, како и 3 и 4. Во излагањето беше истакнато што треба да се бара од при проверката, односно дали производителот/увозникот има изјава за својства, кога е издадена, дали е во согласност со техничката спецификација, дали ознаката на производот, датата и бројот соодветствуваат со тие на Изјавата за својства. Беше презентиран и пристапот до Нотификационото тело, проверка на валидноста на Изјавата, посебно за производи кои се увезуваат во РМ.

Во обемната дискусија беше потенцирано задоволството што за прв пат,  заедно на една маса се седнати сите надлежни инспекциски органи, заедно со директорката на Инспекцискиот совет, како и претставници на членките на Здружението кои ја покренаа оваа иницијатива. Се поставуваа прашања и се предложи да се направи измена и дополнување на членот 51 од Законот, заради вклучување и давање ингеренции на градежните надзорни инженери и за објекти од втора категорија.

На крајот се заклучи дека вакви состаноци се неопходни, заради координираност на сите субјекти вклучени од експлоатацијата на суровините, производството и вградувањето на градежните материјали во објектите. Крајната цел, како што беше истакнато, е уште поквалитетна градба, од причина што градежништвото во овој период  бележи зголемување на ангажираноста. За таа цел е потребно прво едуцирање на инспекторите, за што ќе се направат листи, во кои ќе биде  опишано што е потребно да се бара за проверка на производството.

Здружението и понатаму ќе продолжи со своите зацртани цели, а како што беше договорено, следна средба е со каменоломите, кои имаат добиено 107 концесии за варовник. Заеднички инспекциите и Здружението ќе настапуваат паралелно   во едукација, како на самите инспектори, така и на сопствениците на каменоломите.

                                                                                                Марија Петроска  

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - НА ЗАЕДНИЧКА МАСА  СО  СИТЕ НАДЛЕЖНИ  ИНСПЕКЦИСКИ ИНСТИТУЦИИ