1030 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
09.03.2016 👁 Прочитано: 143

Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметалите расправаше за реализација на зацртаните активности - ГОДИНАВА СО ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА


Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите на 9.3.2016 година одржа седница на која беше презентиран Државниот завод за статистика, а во другиот дел од седницата се расправаше за активностите во 2015 година, како и програмските насоки во 2016 година.

На почетокот на седницата, беше направена презентација на Државниот завод за статистика, за која зборуваше Дејан Станков, заменик-директор. Целта на овие презентации е зајакнување на свесноста за важноста од производството и употребата на официјални статистички податоци, а воедно и популаризација на статистиката. Во исто време, Заводот е отворен за конструктивна дебата со сите корисници на податоци, со цел подобрување на квалитетот на работењето  и задоволување на зголемените потреби за висококвалитетни информации.

 

Статистиката е неопходна за развојот, имплементацијата, мониторирањето и евалуацијата на политиките на национално ниво. Во европски контекст,  градежните статистики се развиени, продуцирани и дисеминирани врз основа на унифицирани стандарди и хармонизирани методи, при што националните статистички заводи, вклучувајќи го и Државниот завод за статистика на Република Македонија,  прибираат и продуцираат хармонизирани податоци  кои се доставуваат до Евростат со цел објавување на податоци на ниво на Европската унија.
 
Освен тоа, Државниот завод за статистика е основен носител и координатор на статистичкиот систем на земјата, тој е одговорна институција за меѓународната соработка во областа на статистиката, како и за дефинирање на статистичките методологии и стандарди и за обезбедување заштита на индивидуалните податоци што се прибираат од индивидуални лица и од правни субјекти.

 
Во натамошната презентација од страна на Наташа Ценова, беше истакнато дека градежништвото е многу важна стопанска гранка, која има значајна улога во македонската економија. Државниот завод за статистика спроведува месечни, квартални, полугодишни и годишни истражувања со кои се следат градежните активности во државата, како и во странство. Базата на овие податоци претставува значаен потенцијал и има за цел да ги прикаже податоците за промените во градежништвото.

Со редовните статистички истражувања се следи тековната градежна активност по вредност, обем и количини. Истражувањата се прават месечно, тримесечно, полугодишно и годишно: податоците се однесуваат за домашниот пазар и за странство.

Од страна на Драган Неделчин, беше промовиран веб-порталот и користењето на податоците, како преку соопштенија, така и преку МакСтат базата на податоци.

Во обемната дискусија и поставените прашања, господинот Станков нагласи дека статистичките податоци се реални и ја отсликуваат состојбата во гранките, врз кои се прават и стручни анализи од страна на експерти. Тој нагласи дека податоците се точни онолку колку и самите компании ги даваат како податоци, со што се сложија и присутните на седницата.

За активностите во 2015 година, Марија Петроска од Стопанската комора на Македонија, ги истакна реализираните активности на Здружението, меѓу кои:  потпишана е Спогодба за соработка на здруженијата за градежништво од коморите од поранешните Ју-републики; доставено е Барање до Владата на РМ  за пролонгирање на примената на повластената стапка за ДДВ од 5% кај становите, што беше  прифатено со важност до декември 2018 година; беше организиран семинар за Законот за градежни производи, со цел да се осознае до каде се сознанијата за самиот Закон, но и потребата од донесување на дополнителните подзаконски акти и нивна имплементација, како и други законски иницијативи, кои се дел од доставените барања од Стопанската комора на Македонија во 2015/2016 година.

Посебно внимание се посвети на предложените Предлог-програмски активности за 2016 година на Здружението, од причина што се опфатени повеќе теми по кои треба да се расправа заедно со министерствата за транспорт и врски и економија и со други надлежни институции. Во расправата се предложи да се разговара со Комората на овластени инженери и овластени архитекти за документот кој е подготвен од нивна страна, а се однесува на цените на проектирањето.

Во расправата се предложија и многу други активности кои треба да се реализираат во тековната година, така што Програмата е усвоена со дополнувањата  и предлозите што ќе ги достават фирмите во најкраток можен рок.

Марија Петроска

Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметалите расправаше за реализација на зацртаните активности - ГОДИНАВА СО ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА