Преку обуки за преквалификација и доквалификација до стручен кадар за потребите на стопанството и поголема вработеност - ТЕХНИЧКИТЕ ПРОФЕСИИ ОБЕЗБЕДУВААТ РАБОТНО МЕСТО И ДОБРА ЗАРАБОТУВАЧКА

   

АКТУЕЛНО / 18.05.2015
👁 Прочитано: 1223


Преку обуки за преквалификација и доквалификација до стручен кадар за потребите на стопанството и поголема вработеност  -  ТЕХНИЧКИТЕ ПРОФЕСИИ ОБЕЗБЕДУВААТ  РАБОТНО МЕСТО И ДОБРА  ЗАРАБОТУВАЧКА

       Недостатокот од средно-стручен и квалификуван кадар претставува проблем со кој континуирано се соочуваат поголем дел од компаниите во Република Македонија и за кој Стопанската комора на Македонија информираше во изминатите години со цел навремено преземање конкретни активности.
Стопанската комора на Македонија како социјален партнер во делот на образованието согласно анализите направени од анкетите во претходните години и податоците објавени од Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) за невработените лица според школската подготовка констатира состојба на дисбаланс на  пазарот на трудот.

          

       Во таа насока, последните две години активностите на Стопанската комора на Македонија беа насочени кон активно вклучување во организирањето   обуки за преквалификација и доквалификација на стручен кадат потребен на бизнис-заедницатa.
       Ова беше истакнато на редовната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија на тема: „Преку обуки за преквалификација и доквалификација до стручен кадар за потребите на стопанството  и поголема вработеност (18.5.2015 година). Пред претставниците на медиумите зборуваа Влатко Поповски,  директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија и Анета Трајковска, директор на Дирекцијата на други форми на организирање  при Комората.
       - Стопанската комора на Македонија во 2012 година го формираше Бизнис центарот за тренинг и обука, првиот приватен провајдер на обуки за образование на возрасни,  со цел директно да се вклучи во поврзување на потребите на компаниите за квалификуван кадар и невработените лица преку обезбедување обуки за преквалификација и доквалификација. Бизнис центарот за тренинг и обука работи со верифицирани програми од Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование и наука. На почетокот беа верифицирани 4 програми од областа на градежништвото, металната индустрија и угостителството, а во моментот Бизнис центарот има вкупно 13 верифицирани програми од различни области, кои покриваат побарувани занимања на пазарот на трудот: готвач во угостителски објект, келнер - гастроном, фасадер, гипсер монтер, монтер за сувомонтажни елементи, аргон заварувач,  шивач во конфекциска индустрија, фризер, монтер за водоводна и санитарна инсталација, туристичко-агенциски службеник, службеник во книговодство, рецепционер и изработувач на бели печива, - истакна Анета Трајковска. - Сите овие верифицирани програми се спроведуваат во соработка со компании-членки на Стопанската комора на Македонија каде што се реализира практичната настава. На овој начин компаниите кои се вклучени во реализацијата на практичната настава се во можност да го препознаат квалитетниот кадар и да обезбедат нови вработувања согласно нивните потреби.

           


        - Во  последните 20 години имаме одлив од техничкото кон општественото образование. На тој начин се создаде недостаток на технички кадар. Треба да го  поткренеме моралот на учениците дека овие  професии кои навидум се „валкани“, се токму оние професии со кои всушност нема да бидеш невработен. Секогаш ќе има работа за занаетчиите и воопшто за техничките кадри. Над 70 отсто од објавените огласи се барања за вработување технички кадри, -  подвлече Влатко Поповски. - Но, ни фали и маркетинг. Имаме професии кои се многу платени, но младите не се во тек дека со нив може да се заработи. И на тоа треба посебно да се работи.

       Компаниите, како што беше нагласено, кои имаат тешкотии за обезбедување на соодветен средно-стручен квалификуван кадар можат преку доквалификација и преквалификација во соработка со Бизнис центарот за тренинг и обука  да се вклучат во процесот на креирање на програми потребни за нивниот побаруван кадар со нивни ментори кои го следат напредокот на учесниците вклучени во обуката. На овој начин компанијата ќе добие образован кадар без да ги зголемува своите трошоци.

      Истовремено, очигледно е дека интересот за ваквите обуки кај невработените лица расте и дека се` повеќе се препознава потребата од стекнување на нови вештини и компетенции како начин полесно да се дојде до работно место. Преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување Бизнис центарот во изминатите две години реализираше 2 обуки за Програмата „Готвач во угостителски објект“ во соработка со хотелот „Александар Палас“ во Скопје, каде што се реализираше практичната настава. Оваа година преку Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активни програми и мерки за вработување за 2015 година ќе бидат истовремено реализирани 3 обуки за различни занимања од кои:

- шивач во конфекциска индустрија во соработка со компанијата „Комфи Ангел“ - Прилеп;
- туристичко-агенциски службеник во соработка со „Македонија Сообраќај“ АД - Скопје и
- службеник во книговодство во соработка со компаниите „Каунт“ и „НекстЛевел консалтинг“.
 
       Позитивното искуство од изминатите обуки, кое резултираше со неколку мотивирачки приказни за лица кои токму на овој начин успеале да дојдат до работно место, претставува поттик да се работи поинтензивно на ова прашање. Имајќи ги предвид податоците за обуките кои беа реализирани преку Бизнис центарот за тренинг и обука во изминатите две години може да се потврди  дека 33% од учесниците се вработиле во струката за којашто се преквалификувале. 

      Покрај организирањето обуки за преквалификација и доквалификација на стручен кадар, Стопанската комора на Македонија како социјален партнер е вклучена и во делот на препознавање на потребите на компаниите за конкретни побарувани занимања и информирање на надлежните институции особено на Центарот за стручно образование и обука со цел изработка на стандарди на занимања кои претставуваат основа за верифицирање на програми за преквалификација и доквалификација на стручен кадар. Само во изминатата година беа одобрени 86 стандарди на занимања, што претставува темел за развивање на нови програми. Комората продолжува со своите активности, но истовремено препорачува да се задржи динамиката во процесот на донесување на стандардите на занимања.
 
      Јавниот оглас до невработените лица за активната мерка „Обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на труд кај приватни спроведувачи на обука“ сѐ уште е во тек, односно невработени лица до 31.7.2015 година можат да се пријават за 18 различни обуки, меѓу кои би ги издвоиле: готвач во угостителски објект, келнер, гипсер – монтер, односно монтер за сува градба, фасадер и слично, како занимања кои се барани на пазарот на трудот.
                                                                                                            Симона Ристоска