1030 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
10.02.2015 👁 Прочитано: 156

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - ЗАЛОЖБИ ЗА КВАЛИТЕТНА ГРАДБА И ПОГОЛЕМА КОНТРОЛА НА УВЕЗЕНИТЕ ПРОИЗВОДИ


Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, на седницата одржана на 10.02.2015 година, расправаше за движењата и состојбите во градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите во изминатата 2014 година и видувања за 2015 година.

Притоа,  беше истакнато дека, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на компаниите од градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите бележи континуиран пораст. Kомпаниите од градежништвото учествуваат со 6%, или вкупно компаниите од градежништвото и производството на градежни материјали и неметалите, како и проектирањето и испитувањето на материјалите учествуваат околу 9,0% во вкупно активните комапнии на ниво на земјата.

Учеството на вработените од градежништвото во вкупно вработените на ниво на земјата изнесува 7,4%, а со индустријата на градежни материјали и неметалите учеството изнесува 8,4%. Кај градежништвото во последните години има зголемување на бројот на вработени и ако се спореди 2014 година со 2013 година зголемувањето изнесува околу 7,3%.



Вредноста на извршените градежни работи во Република Македонија во периодот јануари - ноември 2014 година изнесува 20 227 616 илјади денари, што е за 7,3% помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Извршените ефективни часови во периодот јануари - ноември 2014 година се зголемени за 10,2% во споредба со истиот период од претходната година.

Станбената изградба бележи континуиран пораст и во последните две-три години, просечно се градат по околу 6.500 стана. За 2014 година издадени се одобренија за градење на 5.618 станови што говори како податок дека интересот за градење на станови и понатаму продолжува. Покрај новоизградените станови во наредниот период посебно внимание ќе се посвети и на реновирање на станбените згради и куќи, со цел подобрување на енергетската ефикасност кај становите.  

Индустриското производство кај вадење на други руди и камен за цела 2014 година бележи зголемување од 8,4%, а кај производство на други неметални минерални производи има зголемување од 5,8%. Вадење на други руди и камен и производство на други неметални минерални производи, во структурата на индустриското производство учествува со 7,5%, со бројот на компании со околу 0,6% и со околу 1,0% во вкупно вработените на ниво на земјата.



Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари-декември 2014 година изнесува 4.933.845 илјади САД долари, а на увозот 7.276.729 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извозот е 67,8%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-декември 2014 година изнесува 2.342.884 илјади САД долари.

Најзастапени производи во извоз се мермерни блокови и мермерни плочи, гипс и производи од гипс, портланд цемент, огноотпорни тули и огноотпорни малтери, керамиди, доломит и бентонит. Најзастапени производи во увозот се гасена и негасена вар, портланд цемент, мермер, огноотпорни тули и малтери, керамички тули, керамиди, неглазирани и глазирани керамички плочки, волна од згура и друго.

Во обемната дискусија беа потенцирани повеќе прашања и проблеми со кои се соочуваат компаниите, а посебно беше нагласена меѓусебната неусогласеност на повеќе законски прописи, кои директно влијаат во тековното работење на компаниите, потоа недоволната контрола на увезените производи наменети и за градежништвото.

Заради покренати повеќе иницијативи за кои треба да се информираат и надлежните институции, заклучено е да се расправа на одделни теми како што се Законот за ДДВ – да не се менува стапката кај становите, да се види дали може да се намали стапката кај дел од услугите, потоа расправа со предлози да се надмине неусогласеноста на некои закони и нивно преиспитување и друго.

Посебно беше истакната и примената на одредба од Законот за минерални суровини, каде од 1 јануари 2015 година се задолжуваат фирмите концесионери електронски да ги пријавуваат сите товарени минерални суровини кои излегуваат од рудникот во УЈП, а од страна на државата не се донесени соодветни подзаконски акти, а, сепак глобите за непочитување на оваа одредба се доста високи.

  Градежниците се залагаат да се врати институцијата – конкурс во архитектурата, со што уште повеќе ќе се зајакне натпреварот на идеи и ќе се добиваат квалитетни и современи архитектонски решенија. 
   
Марија Петроска

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - ЗАЛОЖБИ ЗА КВАЛИТЕТНА ГРАДБА И ПОГОЛЕМА КОНТРОЛА НА УВЕЗЕНИТЕ ПРОИЗВОДИ