ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
18.12.2014 👁 Прочитано: 499

Здружението на градежништвото, градежната и неметалната индустрија расправаше за Предлог-законот за градежни производи - ОЛЕСНУВАЊЕ НА ПЛАСМАНОТ НА ДОМАШНИТЕ ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ НА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР


На седницата на Здружението на градежништвото, градежната и неметалната индустрија, одржана на 17.12.2014 година, на дневен ред беa:   текстот на Предлог-законот за градежни производи, информирањето на присутните за иницијативата на коморите од екс-ју просторите за здружување на градежната оператива за настап на трети пазари, како и за состојбата во дејноста и приоритетните активности на Здружението во наредниот период.   

Во воведното излагање, Љубомир Митров, претставник од Министерството за економија,  нагласи дека целта за донесување на нов  Законот за градежни производи е новата ЕУ-регулатива 305/2011 за градежни производи, како и новите текстови на Анекс III и Анекс  V од оваа регулатива, кои од Комитетот за градежништво и од Европскиот парламент се прифатени и објавени во септември 2014 година. Усогласувањето на законодавството на Македонија со законодавството на Европската унија, посебно во делот на Поглавјето 3.01 – Слободно движење на стоките во областа на градежништвото,  се налага како еден од условите во процесот на пристапување на нашата држава кон Европската унија, со цел да се олесни пласманот на домашните градежни производи на европскиот пазар.

Исто така, заради нееднаков третман на пазарот на градежни производи во земјите на ЕУ, како и потребата од воведување на еднаков третман на изјавата за својствата и принципот на системот за оцена и потврда за постојаност на својствата на градежните производи се дел од причините за донесување нова регулатива. Со предложените законски решенија ќе се придонесе за поедноставување на административните постапки, скратување на времето потребно за именување на телата за контрола и спречување на сите технички и трговски бариери во оваа област, како и многу други услови и барања.

Во обемната дискусија беше истакнато дека донесувањето на ова законско решение е за поздравување од повеќе причини, а посебно што уште на почетокот се вклучени производителите на градежни материјали кои со своето практично искуство ќе придонесат за донесување законски решенија кои ќе бидат од интерес на сите учесници во неговата имплементација.

На крајот од дискусијата се заклучи забелешките што ги имаат компаниите да ги достават, најдоцна до крајот на годината, во писмена форма до Комората и истите сублимирани да се достават до Министерството за економија.   

Од страна на претседателот на Здружението, Никола Велковски, присутните беа информирани за иницијативата на коморите од екс-ју просторите за здружување на градежната оператива за заеднички настап на странските пазари, било како конзорциум или друг облик. Намалениот обем на градежни активности, намалениот број на вработени, како и влошената ликвидност се дел од причините за отпочнување на оваа активност. Начелна согласност има од сите комори, а состанокот во Белград ја потврди оваа заложба. Предложено е наредната работна средба да се одржи во Македонија. 

Во дискусијата околу состојбите во градежништвото и за иницијативата, се истакна дека посебно внимание треба да се обрне на образовниот систем, едуцирање на лица од повеќе занимања, кои ќе бидат вклучени директно во градбата на објектите, како што се ѕидари, багеристи, машинисти и други, па дури и возачи. Се заклучи на оваа тема да се расправа во наредниот период, што ќе биде и една од активностите на Здружението.

Ристо Димовски, сопственик на фирмата „Мак-Стирокон“, ја презентираше технологијата за градење објекти за домување од лесна панелна градба, но и за индустријата. Беше претставен и неговиот партнер од фирмата „Алупласт“, кои заеднички, а со надеж дека во овој проект ќе се вклучат и други заинтересирани лица од Македонија, ќе изградат фабрика, чие  производство ќе биде наменето за странските пазари.

Марија Петроска

Здружението на градежништвото,  градежната и неметалната индустрија расправаше  за Предлог-законот за градежни производи - ОЛЕСНУВАЊЕ  НА ПЛАСМАНОТ НА ДОМАШНИТЕ ГРАДЕЖНИ ПРОИЗВОДИ НА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР