ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
01.12.2014 👁 Прочитано: 534

Стопански комори и компании на средба во Белград покренaa иницијатива за унапредување на регионалната соработка во областа на градежништвото - ИНСТИТУЦИОНАЛНО ПОВРЗУВАЊЕ ЗА ЗАЕДНИЧКИ НАСТАП НА ПАЗАРИТЕ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ И НА ТРЕТИ ПАЗАРИ


      Поттикнати од економската криза, а и од драстичното намалување на градежните активности на пазарите во земјите каде што градежната оператива од републиките на поранешна Југославија настапуваа, како што се земјите на Блискиот Исток, Ирак, Либија, Алжир, Египет, како и земјите на поранешниот Советски Сојуз, но и во сопствените земји, градежните компании заедно со стопанските комори на Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија, покренуваат иницијатива за нивно меѓусебно поврзување, повторно воспоставување контакти, се` со цел да се надминат одредени проблеми со кои се соочуваат фирмите во тековното работење.

        


      Ова беше истакнато на прес-конференцијата во Стопанската комора на Македонија на 1.12.2014 година и на која беше проследена информацијата од состанокот на претставниците на стопанските комори на Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија, одржан во Белград на 27.11.2014 година. На прес-конференцијата  зборуваа Никола Велковски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите и Марија Петроска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија.
 
      Состојбата   се отсликува скоро секаде идентично и тоа:

- градежништвото е прилично расцепкано и меѓусебно неповрзано;
- одлив на висококвалификувани и стручни кадри и висока старосна граница на градежните работници;
- тешкотии во добивање банкарски гаранции;
- неадекватна политичка и дипломатска потпора од страна на државите;
- отсуство на странските пазари придонесе за губење на референците коишто компаниите ги стекнуваа со години;
- непостоење на регионална политичка спогодба, како и национална политика;
- недостаток на поттикнување за образование на стручен кадар и специјализирани занимања за градежништвото, односно неадекватно школување на кадри потребни за реалниот сектор.
  
     Ангажираноста на градежните компании е сведена околу 50-60%, а покрај тоа бројот на вработените драстично се намалува (на пример, во Хрватска од 115.000 работници пред 5-6 години, сега се сведени на 70.000 работници, во Србија скоро е иста состојбата итн.).

        

 

      Досега се одржани три заеднички состаноци или како што се наречени тркалезни маси на тема: „Унапредување на регионалната соработка во областа  на градежништвото и институционално поврзување за заеднички настап на пазарите во земјите од регионот како и на трети пазари“, на коишто се детектирани проблемите кои се скоро идентични во сите републики. Македонија учествува прв пат, од причина што првиот состанок бил иницијативен и не бевме информирани, потоа во Сараево во март оваа година, од оправдани причини не бевме во можност да присуствуваме и сега на 27 ноември 2014 година бевме присутни во Белград. Покрај претставникот на Стопанската комора на Македонија, присуствуваа претставници на фирмите „Гранит“, „Жикол“, „Инком инженеринг“, а „Бетон“ од оправдани причини не можеше да присуствува.
 
      Од македонска страна беше истакнато дека македонското градежништво, за среќа, кризата не ја почувствува така драстично, од причина што од страна на Владата имаше вложувања, со скоро максимално ангажирање на градежната оператива, така што, и учеството на градежништвото во БДТ во Македонија имаше пораст во последните години, за споредба со другите републики каде што има опаѓање.

      Во обемната дискусија од страна на претставниците на компаниите беше истакнато следното:
- неопходно е поврзување и меѓусебно препознавање на компаниите за потенцијалите со кои располагаат;
- заеднички настап на тендери кои се однесуваат за територијата на земјите од регионот, односно поранешните Ју-републики, Албанија, Бугарија, како и во земјите од северна Африка, Арапскиот Полуостров, земјите на Европската унија и други;
- како носители на активностите треба да бидат компаниите од која било  република кои имаат референци во држави каде што ќе има тендери и имаат поголема стопанска и политичка поддршка од сопствената земја;
- при учеството на тендерите единствен критериум да не биде цената, туку квалитетот;
- хармонизација на прописите и меѓусебно признавање на атестите.

        

 

       Се постави прашањето како да може да се учествува на тендерите во сопствените земји и тоа:
- на тендери кои се финансирани со средства од Светската или Европската банка, каде се дефинирани условите на самите тендери (за што мора државите да се изборат да можат условите да се приспособат на нашето градежништво);  
- како и за инвестиции кога државата зема кредити – и таа би требало да поставува услови, каде ќе се предвиди приоритет во изведувањето на работите, да имаат ангажман домашните компании. 

      Во наредниот период се очекува да се усогласат заклучоците со давање  приоритет за формирање конзорциуми кои ќе можат да одговорат на сите барања на инвеститорите од јавниот или приватниот сектор.

      За таа цел, е предложено да се пристапи и кон формирање база на податоци на компаниите од сите републики кои се заинтересирани за соработка и учество во конзорциуми, како што се референците, расположивите средства, стручниот кадар, годишниот обрт, се` со цел, да се исполнат условите на објавените тендери.
 
      Се очекува, како што беше предложено, следниот состанок да се одржи во Стопанската комора на Македонија.

                                                                                                       Марија Петроска

Стопански комори и компании на средба во Белград покренaa  иницијатива за унапредување на регионалната соработка во областа на градежништвото  -  ИНСТИТУЦИОНАЛНО ПОВРЗУВАЊЕ ЗА ЗАЕДНИЧКИ НАСТАП НА ПАЗАРИТЕ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ  И НА ТРЕТИ ПАЗАРИ