Групација на агенции за недвижности - ЕНЕРГЕТСКИТЕ ПАСОШИ МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКААТ ЗАСТОЈ ВО ПРОДАЖБАТА НА СТАНОВИ

   

АКТУЕЛНО / 17.10.2014
👁 Прочитано: 1164


Групација  на агенции за недвижности  - ЕНЕРГЕТСКИТЕ ПАСОШИ МОЖЕ ДА  ПРЕДИЗВИКААТ   ЗАСТОЈ ВО ПРОДАЖБАТА НА СТАНОВИ

       Пред претставниците на Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија, на седницата одржана на 16.10.2014 година, Блажен Зотовски, советник за сува градба, направи извонредна презентација за eнергетски ефикасни станови – технологии, мерење, продажба и новини во согласност со законските прописи за енергетски пасош, како и користење на суво монтажните системи.

       


      Посебно внимание пред присутните предизвика воведувањето на енергетските пасоши кои треба објектите да ги поседуваат почнувајќи од јануари 2014 година. Голема дилема предизвика оваа информација, пред се`, заради претпоставките на агенциите за недвижности дека ќе настане застој во продажбата на становите, како  и прашањето: дали ќе можат сите станови или колективни згради да добијат енергетски пасош. Договорено е да се  направат дополнителни консултации со Агенцијата за енергетика и Министерството за економија, со цел да се дадат точни информации околу целата оваа постапка, од причина што со Правилникот се опфаќаат и колективните објекти каде има најголем промет со недвижности.
      Во вториот дел на седницата, беа презентирани досегашните активности околу постапката за донесување закон за промет со недвижности. Управниот одбор на Групацијата  подготви работна верзија на закон, кој беше доставен до Владата на РМ, од каде повратно беше добиена информација дека истиот е доставен до Министерството за транспорт и врски и до Министерството за труд и социјална политика. И двете министерства одговорија позитивно со став дека има потреба од донесување на ваков законски проект, така што според согледувањата и контактите со задолжени лица добиен е потврден одговор за можноста да се донесе ваков закон. Останува и натаму да се бара и да се лобира за побрзо носење на ова законско решение.  

         


       Во обемната дискусија околу работењето на агенциите, беше потенцирана и  меѓусебната нелојална конкуренција, која покрај тоа што се јавува од физички лица, се случува и од самите агенции. Членките го  поставија  и прашањето како сето ова да се надмине, бидејќи се` некако се врти во круг, а битно е да се даде одговор како и кој може да работи со прометот и закуп на недвижности, а се` да биде во законски рамки. За таа цел, беше заклучено за овој проблем да се разговара отворено на седниците на Групацијата.
      На крајот од седницата беше заклучено  да се одржи обука за обврската околу чувањето на личните податоци, потоа поново да се расправа за енергетските пасоши кај објектите, а беа отворени и други теми кои се неопходни за работењето на агенциите. 

                                                                                                    Марија Петроска