Заложби на Групацијата за сува градба при Стопанската комора на Македонија да се воведат техничките нормативи во оваа област по теркот на европските земји - СПРЕЧУВАЊЕ НА НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА ВО ЗАВРШНИТЕ ГРАДЕЖНИ РАБОТИ

   

АКТУЕЛНО / 10.02.2014
👁 Прочитано: 1159


Заложби на Групацијата за сува градба при Стопанската комора на Македонија да се воведат техничките нормативи во оваа област по теркот на европските земји  - СПРЕЧУВАЊЕ НА  НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА ВО ЗАВРШНИТЕ ГРАДЕЖНИ РАБОТИ

      Градбата со сувомонтажни системи со гипсени плочи зазема се` позначајно место во објектите кои се градат во нашата земја. Тие се составен дел од секој современ станбен, деловен објект, хотел, болница училиште или  каков било друг јавен објект. Секојдневно се откриваат предностите на сувомонтажните системи, а тоа се, пред се`, напредните својства од градежната физика, т.е. звучната и термичка изолација, противпожарноста на системите, механичката стабилност и слично. Се вградуваат од подрум до кров, од под до плафон, кај новоградбите, при адаптација или санација.
     Основната предност при вградување на суво монтажните системи се малите дебелини и тежини на ѕидовите, нема штемовање на ѕидовите за инсталатерски работи, голема чистота при работењето со помалку градежен материјал, нема сушење, а просторот може потполно да се измени и да се приспособи на потребите на сопствениците.

 

     Заштитата на интересите на инвеститорите, подигање на нивото на квалитетот при проектирање и вградување на сувомонтажните системи, претставуваат континуирана обврска како на производителите на сувомонтажни ситеми, така и за изведувачите, претставува една од заложбите на Групацијата за сува градба при Стопанската комора на Македонија.
      Оваа цел ќе биде заокружена и со донесување на законска регулатива, односно донесување македонски нормативи за работа и настојување тие да станат дел од формалната регулатива која би обезбедувала нивна заштита и доследна примена. Нормативите се базираат на важечките европски стандарди и обезбедуваат висок квалитет; опфаќаат изготвување на македонски називи за поединечните системи за сува градба, дефинирање на описните текстови и утврдање на точни правила за мерење кон кои ќе се придржуваат сите учесници во градбата.
      Ова беше истакнато на редовната прес конференција во Стопанската комора на Македонија на тема „Техничките нормативи за сува градба, по теркот на европските земји – еден од условите за спречување на нелојалната конкуренција во завршните градежни работи“ (10.2.2014 година).
     Во нашата земја се произведуваат гипсани производи од преку 10 милиони м2, кои се наменети како за домашниот, така и за пазарите во соседните земји. Извозот изнесува околу 1,0 милион евра и се реализира во  Србија, Косово, Албанија и Црна Гора.  Истовремено увозот изнесува околу 950 илјади евра и најчесто е од Австрија, Бугарија, Унгарија, Романија и други земји. 

      Изведувачите на сува градба најчесто се ангажираат при изградба на нова градба и при реконструкција на каков било објект од високоградбата, кои претставуваат околу 77% од вкупно добиените дозволи за градење во 2013 година.

Издадени одобренија за градење
Год.    I     II    III   IV    V    VI   VII VIII  IX   X   XI   XII Вкупно
 Број на издадени одобренија за градење на месечно ниво 
2010 154 212 295 233 222 253 230 267 268 191 241 288 2854
2011 172 173 195 220 231 228 210 191 212 268 240 256 2596
2012 169 174 210 200 245 249 242 272 266 258 232 277 2794
2013 181 219 231 241 209 180 179 140 121 147 182 239 2269

      Групацијата за сува градба при Стопанската комора на Македонија, веќе ги има подготвено техничките нормативи за сува градба, по теркот на европските земји, односно Стандардизирани описи и нормативи на материјал и време за системи за сува градба. Истите ќе бидат презентирани пред пошироката стручна јавност, посебно пред проектантите. Овие нормативи ќе бидат доставени до Министерството за транспорт и врски, се` со цел да станат дел од подзаконската регулатива за градење, која ќе биде подеднакво во функција како за инвеститорите, така и за изведувачите. 
                                                                                               Марија Петроска