ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
26.06.2013 👁 Прочитано: 481

Регионална комора со седиште во Кавадарци - НОВИТЕ МОЖНОСТИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ИНВЕСТИЦИОНИ ПРОЕКТИ СОГЛАСНО ИПАРД ПРОГРАМАТА


         Регионалната комора со седиште во Кавадарци во соработка со Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, на 25  jуни 2013 годинa, пред повеќе од дваесетина компании од регионот организираа презентација на тема: „Новите можности за реализација на инвестициони  проекти согласно ИПАРД - Програмата“. Пред  распишувањето на  новиот јавен  повик за користење средства од ИПАРД-Програмата, на претставниците од компаниите им беше објаснето дека се предвидуваат поедноставни процедури, проширени опфати и зголемено финансирање.

          Повикот ќе се однесува на финансирање проекти од мерките:

- Мерка  101 - инвестиции во земјоделски стопанства, за нивно преструктуирање и надградба до стандардите на Европската унија;

- Мерка  103 - инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски производи, согласно европските стандарди;

- Мерка  302 - наменети за проектите предвидени за  диверзификација и развој на економијата во руралните средини.

             Претставниците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поединечно ги презентираа сите мерки и можностите за што поголемо аплицирање на компаниите и искористување на поголема сума финансиски средства. 
            

                Со новиот повик значително ќе бидат поедноставени процедурите за аплицирање од страна на земјоделците, ќе се прошири интервалот на финансиите што се добиваат при кофинансирање на проектите, ќе се подобрат условите и ќе се намалат трошоците за земјоделците кои сакаат да аплицираат и треба да обезбедат документи и елаборати.
          

               Одзивот се  очекува да биде доста поголем од досегашните. Најважно е да биде искористен што поголем обем на средства, независно од бројот на апликациите. Тоа значи дека треба да  има добри проекти кои ќе дадат резултати. 


               

              Со мерката за инвестиции во земјоделски стопанства  ќе се кофинансираат сите проекти кои имаат допирна точка со  примарното земјоделско производство. Ќе се финансираат проекти за набавка на земјоделска механизација, за системи  капка по капка, оранжерии, компјутерска опрема итн. Проширена е основата на мерки што може да се финансираат. Ако досега беше дозволено само финансирање, односно  кофинансирање на оранжерии или на фарми, сега ќе биде дозволено и комплетна изградба. За  проектите до 50.000 евра значително се поедноставува деловниот план, со што тие што ќе аплицираат ќе имаат пониски трошоци за апликација.
          

                 Се дава поголем период за достигнување  на европските  стандарди, нешто што беше детектирано како главен предизвик во досегашните процеси, а исто така и се проширува интервалот за средствата што ќе се кофинансираат.


                 Мерката за инвестиции во преработката на земјоделски производи опфаќа финансирање проекти за набавка на машини за преработување, за изградба на капацитети, погони, набавка на ладилници... Наместо досегашните инвестиции само за реконструкција сега се дозволува  и комплетна изградба на погони со потребна опрема, се дава нова дефиниција на малите и средни претпријатија согласно  европската терминологија. И кај оваа мерка се проширува обемот за финансирање.
               

                  Со третата мерка, за диверзификација на руралниот развој се дава можност за финансирање на фамилијарни бизниси, односно финансирање елаборати и бизнис-планови за  отворање бизнис во рурални места.  Предвидена е и значителна поддршка за развој на туристичката дејност преку финансирање проекти за модернизација на  сместувачки капацитети.
                

                                                                                 Венера Андриевска
 

Регионална комора со седиште во Кавадарци - НОВИТЕ МОЖНОСТИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ИНВЕСТИЦИОНИ ПРОЕКТИ СОГЛАСНО ИПАРД ПРОГРАМАТА