ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
17.09.2012 👁 Прочитано: 359

Групацијата за агрегати, бетони и асфалти бара што побрза имплементација на стандарди во компаниите и нивна контрола - СО ПРИМЕНАТА НА ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ СЕ „МЕША“ КВАЛИТЕТ


Да се применуваат новите европски стандарди во производство на градежни материјали со цел различни производители да произведуваат производи со ист квалитет, бара Групацијата за агрегати, бетони и  асфалти  во рамките на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија.

На  прес-конференција (17.9.2012 година), претседателот на Групацијата Иван Ангелов посочи дека во Македонија речиси 10 години се имплементираат европски стандарди. Досега има воспоставено регулатива за околу 20.000 нови ЕУ-стандарди, со што постојните  соодветни (или „конфликтни“МКС YUS) стандарди престануваат со важност.

Воведувањето стандарди значи редовна контрола на процесот на работа, документацијата, како и квалитетот на самите производи од страна на надлежните верификациони институции. Во постапка за акредитација се вклучени Институтот за стандардизација, лабораториите кои изведуваат тестирање или калибрација, тела за сертификација на производи, системи и персонал и инспекциските тела. Иако организационата шема е поставена, засега ефектот е минимален. Многу малку производители ги знаат овие нови европски стандарди.
Оттука, Ангелов посочува дека за успешна имплементација на стандардите, потребна е организирана, синхронизирана, стручна и сеопфатна акција на сите инволвирани страни.
Со цел запознавање на засегнатите стопански субјекти со овој проблем, како и нивно поопсежно информирање и едуцирање на засегнатите стопански субјекти, Здружението на градежништвото, индустријата  на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија формира Групација за агрегати, бетони и асфалти  со цел да ги разгледа сите аспекти,  да ги анимира сите инволвирани страни и да ги информира стопанските субјекти од овие области како на најлесен начин успешно да ги воведат и реализираат новите стандарди.

Иако Законот за градежни производи е на сила од 2006 година, усвоени се најголем дел од европските како национални (македонски) стандарди, повлечени се од важност МКС YUS како „конфликтни“ стандарди. Сепак,  не може да се каже дека кој било работи согласно важечките стандарди, -  посочува претседателот на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти.  Во Правилникот за начинот за атестирање, постапки за атестирање, означување на градежните производи и содржината на документите за сообразност, кој е под законски акт на Законот за градежни производи, а кој се повикува на хармонизираните стандарди, точно е дефинирано за кој производ која оцена на сообразност важи, треба да се појасни разликата со МКС YUS- стандардите.
Оттука, контролата на квалитет во производните погони за Групацијата при Стопанската комора на Македонија е опсежна и стручна работа која претставува основна обврска на производителот. Ваквата контрола може да ја воспостави самиот производител или да ангажира надворешна стручна фирма или комбинација на двете. За да се намалат трошоците за набавка на лабораториска опрема за испитување на мострите (во целост или делумно) една опција е производителот сам да ги зема мострите (согласно стандардите), надворешна акредитирана лабораторија да ги испитува, а самиот производител да ги анализира резултатите и да ја утврдува сообразноста. Секако дека е можно производителот да ги врши сите активности со свој стручен кадар и со своја опрема или, пак,  спротивното – во целост да ја препушти работата на надворешна фирма. Регионалното групирање на повеќе производители и оформување на заедничка лабораторија, исто така,  може да придонесе кон намалување на трошоците.

Ако сите ги почитуваат законите и работат согласно исти стандарди, ставот на Групацијата е дека:
- Квалитетот на ист производи, но од различни производители,  ќе биде на исто ниво, односно согласно дадениот стандард. Со тоа се заштитуваат потрошувачите, но и производителите од нелојалната конкуренција која би имала помали трошоци затоа што не ги применува стандардите.
-Извозно ориентираните компании ќе можат да ги пласираат своите производи во земји каде што се валидни и признаени европските стандарди без никаков проблем.
- Се` повеќе инвеститорите ќе бараат добавувачите да работат согласно европските стандарди. Оние што нема да имаат сертификат за сообразност нема да можат да партиципираат во вакви проекти.

Во оваа област (експлоатација на агрегати и производство на бетон) работат околу 250 компании. Градежништвото и воопшто градежната индустрија со сегментот на неметалите брои близу 40.000 работници. Во периодот 2009 – 2011 година изградени се околу  4000 објекти. Оттука, примената на новите стандарди согласно ЕУ-регулативата се од голема важност за оваа дејност.


                                                       Даниела Михајловска Василевска 

Групацијата за агрегати, бетони и асфалти бара што побрза имплементација на стандарди во компаниите и нивна контрола - СО ПРИМЕНАТА НА ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ СЕ  „МЕША“ КВАЛИТЕТ