ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
13.09.2012 👁 Прочитано: 128

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите расправаше за станбената изградба - ПРОДАЖБАТА ОПАЃА, НЕПОХОДНИ СЕ МЕРКИ ЗА ПОТТИК НА ГРАДЕЊЕТО


Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите на одржаната седница (12.9.2012 година) расправаше за состојбите во станбената изградба и за ангажираноста на градежништвото и состојбите во производството и пласманот на градежните материјали и неметали.

Расправата за состојбата во станбената изградба, беше иницирана со цел да се согледаат состојбите во изградбата на станови во нашата земја, како и  во  регионот и  колку пазарот може да ги апсорбира.

Според направената Анализа за станбената изградба во Република Македонија, беше констатирано дека во последните десетина години во нашата земја се градат околу 5.000  до  5.500 стана, а исто толку има и незавршени станови. Просечната цена на становите во нашата земја се движи околу 800 до 850 евра/м2.

Според Анализата, најголема станбена изградба има во Скопје односно во Аеродром, потоа во Штип, Тетово, Струмица, Охрид итн.

Во земјите од регионот, најголема изградба на станови имаше во Бугарија, Хрватска, Србија и во Црна Гора.  Со отпочнување на светската криза во 2008-2009 година, изградбата на станови доста стагнира, така што истата просечно е намалена во овие земји за околу 25-30%.

Во обемната дискусија беше истакнато дека и во нашата земја има намалување на продажбата, посебно откако се промовира проектот „Купи куќа, купи стан“, при што се очекува цената на становите да се намали и под 900 евра/м2. Градежниците се залагаат формирањето на цените на становите да бидат и според локации, при што да се користат и цените на земјиштето дадени во ценовникот, да се направат напори за намалување на цените на комуналиите, а граѓаните да бидат стимулирани со полиберални услови на кредитирање. Условите за купување на становите треба да бидат прилагодени и  наменети и за оние заинтересирани купувачи кои немаат станови.

За урбанзацијата на просторот, се истакна, дека се донесуваат детални урбанистички планови во општините, во кои се’ почесто се изоставуваат јавните сервиси на граѓаните (школи, градинки и друго) за сметка на станбени и деловни објекти, или многу брзо и во краток временски рок се прави пренамена на маркиците за објектите.
На седницата се заклучи сите констатации и предлози да се достават до ресорното министертсво, со цел домашните градежни компании да ги користат  истите услови како и странските инвеститори. Ова посебно беше потенцирано за условите што се објавуваат во тендерите кои се од јавен интерес, односно во инфраструктурата. 
                                                                                                                                                                             Марија Петроска

Здружението на градежништвото, индустријата  на градежни материјали и неметалите  расправаше за станбената изградба - ПРОДАЖБАТА ОПАЃА,  НЕПОХОДНИ СЕ  МЕРКИ ЗА ПОТТИК НА ГРАДЕЊЕТО