ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
10.04.2012 👁 Прочитано: 203

Разговори на градежниците со претставници на Светската банка за процедурите за добивање одобренија за градење - ПОСТАПКИТЕ СЕ СКРАТЕНИ, НО ОСТАНУВА ДА СЕ ДОЗАОКРУЖИ ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА


Во Стопанската комора на Македонија, на 9 април 2012 година, се одржа работен состанок на претставници-членки на Здружението на градежништвото со Мајкл де Линт, експерт за градежна и регулаторна политика од Канада, а ангажиран од Светската банка. Разговорот со гостинот беше на тема: Процедурите за добивање одобренија за градење.
Целта на оваа посета е да се разгледаат реформите во Македонија во областа на добивање градежни дозволи, како основа за изработка на анализа за постигнатите цели во оваа насока.

На почетокот домаќините истакнаа дека градежништвото во Република Македонија учествува со околу 5,5% - 5,7% во БДП на државата, со околу 4.400 претпријатија и 38.000 до 40.000 вработени. Во 2010 година беа издадени 2.854 одобренија за градење, а 2.596 одобернија во 2011 година. Со новите измени на Законот за градење, се надминаа проблемите околу комплетирање на докуметацијата (согласности) при добивањето на одобренија за градење, така што сега многу полесно и побрзо се доаѓа до конечното решение.
Во обемната и конструктивна дискусија беше истакнато дека постои неусогласеност на законската регулатива на Законот за градење со другите закони, кои се во функција за забрзување на процесот на добивање одобренија за градење. Посебно, како проблем беа  истакнати тешкотиите со дооформување на градежните парцели, кога на една локација има и државно и приватно земјиште. Овој процес, понекогаш може да трае и повеќе од 6 (шест) месеци.  Мајкл де Линт, истакна дека со овој проблем се среќаваат и во Канада и во други земји, бидејќи сопственоста е загарантирана.
Како посебен проблем се истакна и непостоење на подземниот катастар на цела територија на државата, па и во Скопје, па често се случува, средување на подземната инфраструктура да одзема многу време и пари. Како посебен проблем се истакна и снабдувањето со електрична енергија кај одредени објекти, бидејќи, некако спонтано се остава инвеститорот, односно изведувачот да мора да изгради трафостаница, што не е во негова надлежност. Оваа обврска е на локалната власт или ЕВН. Во оваа насока, Комората во скоро време ќе организира состанок со заинтересираните страни и постои надеж дека ќе се дојде до најкоректно решение.
На крајот од состанокот се заклучи дека реформите во градежништвото, посебно околу процедурите за добивање на одобренија за градење, се на високо задоволително ниво, скратени се постапките, а во наредниот период се очекува да се заокружат и другите законски прописи, при што уште повеќе ќе се забрза самиот процес, без притоа да се навлегува во делот на казнените одредби, кои имаат свое влијание во скратување на времето на добивање одговор околу комплетираноста на поднесената документација.
Марија Петроска

Разговори на градежниците со претставници на Светската банка  за процедурите за добивање одобренија за градење - ПОСТАПКИТЕ СЕ СКРАТЕНИ, НО ОСТАНУВА ДА СЕ ДОЗАОКРУЖИ ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА