ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
12.12.2011 👁 Прочитано: 775

Стопанската комора на Македонија инсистира на целосно искористување на системската поддршка во земјоделството - ПАТ КОН КОНКУРЕНТНО АГРОИНДУСТРИСКО ПРОИЗВОДСТВО


     Остварените резултати во физичкиот обем на производство во земјоделскиот сектор не забележаа подинамичен пораст и покрај системската поддршка. Но ако ја немаше буџетската поддршка, резултатите ќе беа многу понеповолни. Со нивна помош производството се задржа на постојното ниво. Едноставно, субвенциите покрија дел од неповолниот ценовен диспаритет во оваа дејност. На една страна е ценовниот притисок од конкурентно ниски цени и од далеку повисоко субвенционираното земјоделско производство во земјите-конкуренти, наспроти порастот на цените на индустриските производи, односно цените на суровините и репроматеријалите во производниот процес.
    Ова беше истакнато на редовната  прес-конференција во Стопанската комора на Македонија на  тема: „Системската поддршка во функција на конкурентно агроиндустриско производство“ (12.12.2011 година).

    Во тој контекст, Здружението на земјоделството и прехранбената  индустрија, на последната седница, укажа на императивот од целосно искористување на системската поддршка во функција на конкурентно агроиндустриско производство. Притоа, како што нагласија Стојмитрка Тасевска и Васко Ристовски, беа   акцентирани:

    1. Окрупнување на земјоделските поседи – како прв од приоритетите за зголемување на продуктивноста, односно конкурентноста на земјоделскиот сектор.
    Во согласност со Регулативата број 1166/2008 на ЕУ, Државниот завод за статистика за првпат го спроведе структурното истражување за земјоделските стопанства во периодот од 1 до 15 јуни 2010 година. Според податоците од истражувањето, вкупниот број на индивидуални земјоделски стопанства изнесува 192.082 кои користат 282.830 хектари земјоделско земјиште. Просечната површина на користеното земјоделско земјиште по стопанство изнесува 1,47 хектари, наспроти 20 ха во ЕУ (22 ха во ЕУ-15, во Србија 5 ха (попис во 2002 година), во Хрватска 6 ха просечна површина по стопанство.

     Во Програмата за работа на Владата на Република Македонија за периодот 2011–2015 година, во делот на Земјишната политика – зацртано е дека ќе се дораспредели државното земјоделското земјиште и ќе се поттикнат земјоделците заеднички да пристапат кон окрупнување на земјиштето. Во таа насока, меѓу другото, ќе се реализираат следните активности:

    • ќе се окрупнува земјоделското земјиште со размена на приватни парцели и други проверени постапки од политиките на ЕУ (декември 2011-2014 година);
    • ќе се решат предметите за размена на приватното со државно земјоделско земјиште таму каде што се исполнети законските услови (март 2012 година);
    • ќе се спроведат мерки за намалување на површините на приватно земјоделско земјиште кои не се обработуваат подолг временски период (мај 2012 година).

     Покрај тоа, во Нацрт-стратегијата за окрупнување на земјоделското земјиште се предвидува комасација на истото, која ќе се одвива до 2020 година.

    Предизвиците со кои се соочува земјоделството денес се пошироки и многу подинамични отколку во минатото, што налагаат побрзи и подинамични реакции на тој план.
    Во тој контекст, неопходно е со економските мерки - преку правото на субвенции  да се поттикне здружувањето на земјоделските стопанства во форми на производно здружување, посебно преку утврдување на повисоко ниво на минималната граница за остварување на правото на субвенции. 

    2. Еднаквост на сите деловни субјекти (правни лица и регистрирани имоти) на единствениот македонски  пазар, во остварувањето на сите форми на субвенции од земјоделскиот буџет.
    Продуктивноста мерена преку приносот по едница површина во македонското земјоделство е значително пониска од производителите во регинот и ЕУ. На пример, во последните три години, просечниот принос на пченица по хектар во Македонија изнесува околу 3.000 кг, додека во Војводина 4.161 кг/ха, во ЕУ-27 изнесува 6.000 кг/ха, а во ЕУ-15 над 9.000 кг/ха.
    Кај производството на млеко, производството на млеко по молзна крава годишно изнесува 2.800 литри, додека во ЕУ-27/ 6.000 литри, ЕУ-15/ 6.700 литри/грло,  во Србија 3.800 литри.

    До постигнувањето на потребното ниво на продуктивност, неопходно е правото на системска поддршка да биде на исто ниво за сите земјоделски производители, односно без актуелното редуцирање на висината на поддршка во однос на  бројот на пријавените засеани ха и на обележаните односно предадените грла, имајќи предвид дека и најголемиот производител во земјата (по обем и принос на единица површина, односно грло) е понеконкурентен од производителите кај северниот сосед, со кои настапува на заедничкиот регионален пазар – ЦЕФТА и од конкурентниот увоз од ЕУ.
    Факт е дека ЕУ со реформата на ЗЗП во 2008 година ја намали поддршката на големите земјоделски стопанства за сметка на зголемената поддршка на руралните средини, но тоа го напрви по постигнувањето на висока продуктивност и високо ниво во физичкиот обем на производство за задоволување на своите потреби и за извоз.

    3. Рационално и ефикасно користење на расположивите средства за системска поддршка, односно системска поддршка за потенцијално конкурентни производи на либерализираниот пазар, како и за стратешките производи за развој во производниот синџир за производство на прехранбени производи, по примерот на етапно спроведуваните реформи во ЕУ.

    Македонските земјоделци за периодот 2011-2015 година ќе добијат 670 милиони евра поддршка во вид на субвенции. Но и тие значајни средства не го обезбедуваат нивото на субвенции во ЕУ и во соседните земји.
    Согласно наведеното, рационалното и ефективно користење на расположивата системска поддршка е императив, односно нејзино насочување сега кон поттикнување на производство, и тоа на она производство кое ќе може да се спротивстави на притисоците на глобалниот пазар - производи кои веќе се позиционирани на глобалниот пазар, потенцијалните конкурентни производи согласно стручните анализи во рамките на одделните групации, при тоа не занемарувајќи ги основните стратешки производи значајни во производниот синџир на храна (житарките за производство на сточна храна).
    Во тој контекст, системската поддршка за земјоделството и руралниот развој потребно е да се фокусира кон економски профитабилни, пазарно ориентирани земјоделци и земјоделски претпријатија кои се занимаваат со оваа дејност од чисто економски причини за профит, оставајќи другите надлежни органи да се справат со социјалната политика во земјата со крајна цел – функционална пазарна интеграција на македонското земјоделство во ЦЕФТА, европските и светските економски трендови.


 

Стопанската комора на Македонија инсистира на целосно искористување на системската поддршка во земјоделството - ПАТ КОН КОНКУРЕНТНО АГРОИНДУСТРИСКО ПРОИЗВОДСТВО