ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА, ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА



Согласно соопштението на Министерството за економија, со предлог измените и дополнувања на Законот за трговските друштва се врши доуредување на одредбите во Законот кои се однесуваат на оттргнување пречки при инвестиции од страна на бизнис ангели во трговски друштва во државата, со цел да се развие нов пристап до финансии за компаниите.

Конвертибилниот заем е алатка која прилично многу се користи од бизнис ангелите. Конвертибилниот заем им овозможува на инвеститорите да изберат дали во иднина сакаат да имаат удел во трговското друштво, кога реално би можеле да ја проценат вредноста на компанијата. Бидејќи инвестирањето од бизнис ангелите се случува во почетните фази на трговското друштво, тешко е да се направи избор дали е паметно веднаш да се земе удел и да се влезе во сопственичка структура.

Согласно нашата постојна регулатива, конвертибилниот заем не е достапна опција за бизнис ангелите. Конвертибилниот заем постои во нашата регулатива и е регулиран во делот од Законот за трговски друштва како „Заем што се трансформира во влог во друштвото во постапка на зголемување на основната главнина на друштвото“ кога заемот исклучиво е даден од страна на содружникот, односно од страна на единствениот акционер на друштвото кое е во целосна негова сопственост.

Ова значи дека конвертибилниот заем е можен само во случаите кога компанијата е основана од еден основач. Секојпат кога се дава заем од единствениот основач до неговата компанија, основачот може да одлучи дали да го претвори овој заем во влог преку постапка за зголемување на основната главнина. Инвеститорите кои би сакале да го користат овој механизам немаат таква можност.

Со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва се предлага усвојување на измени кои би овозможиле конвертибилен заем само во случаи на инвестирање (измените не би се адаптирале на конвертибилен долг кој има различни основи – долг врз основа на фактури, регуларен заем, кредит, итн.).


Контакт лице: м-р Нена Николовска
Телефон: ++ 389 2 3244054
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: nena@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје