ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ФИРМИТЕ

   

АКТУЕЛНО / 28.11.2019
👁 Прочитано: 313


ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ФИРМИТЕ

Трговското одделение при Амбасадата на Република Австрија во Република Македонија заедно со Стопанската комора на Македонија, организираа работилница на тема: “Креирање образовни профили според потребите на фирмите” на кој присуствуваа претставници од институциите, креатори на образовните политики и компаниите.

Целта на овој настан беше со вклучување на говорници од повеќе аспекти да се претстави начинот на функционирање на политиките на дуалното образование во партнерство со средното стручно образование во Македонија и Австрија. Да се согледа вклученоста на Стопанските комори на Македонија и на Австрија, како и на компаниите кои го помагаат овој процес, а истовремено и да го подобрат преку практични вештини и способности на учениците.

H.E. Георг Вуцас, амбасадор на Австрија, посочи дека австриското знаење и практично искуство на know-how треба да се примени и во Македонија со цел да има поквалитетен образовен кадар кој ќе најде вработување, зошто регионот страда од иселување на млади лица.

ОБРАЗОВНИЕ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ФИРМИТЕ

Стопанството има недостаток од стручен кадар, поради повеќе фактори: неефикасност на институциите, недостаток на анализи, неефикасна имплементација на стратегии и закони, нефлексибилно образование за потребите на бизнисот, посочи Наташа Јаневска, самостоен советник при Стопанската комора на Македонија. За таа цел вели Јаневска  80% од невработените се долгорочно невработени, а тоа е одраз на неусогласеноста на вештините и компетенциите. 

Потребни се интервенции во дуалното образование за обезбедување стручен кадар и решавање на празнините за потребните вештини и квалификации преку системско решавање на дуалното образование. Потоа измена на законската регулатива; релевантност на образовните програми со економските и технолошките потреби; модернизација и модуларизација на образовните програми со релевантни резултати од учење; прецизирање на улогите на чинителите во обезбедување на дуалното образование; нов пристап во наставата со фокус на практичната обука на работно место; професионалното советување и насочување на учениците; посветеност на бизнис заедницата за развој на образовните процеси и одржливо финансирање, истакна Јаневска.

ОБРАЗОВНИЕ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ФИРМИТЕ

ЕВН Македонија први отпочнаа да го спроведуваат концептот на дуално образование во партнерство со средното техничко училиште „Михајло Пупин“ во Скопје, а од новата учебна година таква соработка почнуваат и средното училиште во Гостивар каде исто така се воведува тој концепт со една паралелка.

ЕВН Македонија како компанија која веќе неколку години е активно вклучена во експерименталната прогама на проектот за дуално образование, обезбедува паричен надоместок за учениците вклучени во овој процес. Со сопствени средства ги опремува училниците за практична настава во училиштата и по завршување учениците ќе бидат  вработени во компанијата, истакна во својата презентација Анета Петровска Русомароски, раководител на човечки ресурси од ЕВН Македонија. Компанијата подготвува Платформа за електронско учење и интерактивен начин на учење.

На работилницата беше преставен и проектот Образование за вработување во Северна Македонија (E4E@мк), координиран од Македонски центар за граѓанско образование, во партнерство на Стопанската комора на Македонија чија главната цел е да придонесе кон подостоинствено вработување на младите (15 – 29 години), вклучително и на ранливите групи, на социјално-инклузивен и одржлив начин.

Бернхард Кауфман од Австриската Стопанска комора информираше дека како институција имаат отпочнато проекти во 7 земји со вклучување на над 1700 ученици, во образовна програмна која вклучува 80% практична настава и 20% настава и обука, бидејќи како што вели тој, најважно е квалитет во практичната обука а не квантитет. Во целиот процес треба да се постигне доверба помеѓу двете страни (кај ученикот и кај фирмата). Дообуката како активност за 1 лице во Австрија чини околу 7000 евра, посочи Кауфман.

За актуелните реформи во средното стручно образование и обука говореше Елизабета Наумовска, заменик министер за образование и наука, која истакна дека министерството за образование и наука ги поддржува предлозите на бизнис секторот, но за целосна реализација потребно е исполнување на повеќе фактори:

- компаниите (мали и средни) да ја прифатат обврската за задолжителна практична обука;
- вклучување на вработени лица (ментори) во реализација на практичната обука во компанија; 
- поддршка и субвенции за учениците кои би се запишале во стручните училишта и инвестирање во училиштата;

ОБРАЗОВНИЕ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ФИРМИТЕ

Во рамки на дискусијата беше констатирано дека Швајцарскиот, Австрискиот и Германскиот систем на добри и успешни практики во средното стручно образование се одлични примери, но истите не треба да се копираат во Македонскиот образовен систем, бидејќи целта не е само да се реплицираат образовните системи на средно стручно образование и обука од други земји туку да се применат најдобрите практики преку соодветни механизми, постоечки и нови и да се прилагодат на домашниот образовен систем и состојби.

М-р Ирена Мојсовска